Фолксваген Т-Рок · Тест · Гран туризмо од народска марка

Фолксваген Т-Рок во новата генерација настапува како победник, тој го наследува најпродаваниот СУВ во Европа во минатата година. Со такво охрабрување, Волфсбург го подигна својот Т-Рок во сите подрачја, вклучувајќи ја цената. Нуди ли дополнителни вредности за таа цена?

Втората генерација на Т-Рок доаѓа на местото на претходничката, што си замина како најпродаван СУВ во Европа за 2025 година. Од неа, повеќе се продадоа само Дачиа Сандеро и Рено Клио. Т-Рок мораше да му го препушти врвот само на еден модел на Фолксваген, на Тигуан, како најпродаван модел на марката, но во светски рамки. Додека Тигуан е светско „животно“, Т-Рок се продава главно во Европа. Успехот е несомнен. Затоа и новава Т-Рок многу се осили.

Кај Фолксваген, ретко се зборувало повеќе околу дизајнот. Сцената се разбрануваше само кога ќе се отстапеше од шемата. Тоа не значи дека Фолксвагените не ни биле убави. Но, отсуствуваше изненадувањето, радувањето за промената. Кај вторава генерација на Т-Рок, дизајнот е поглавје што не смее да се прескокне. Таа е веројатно најубавата кола на Фолксваген, од Широко од 1970-те години наваму.

Т-Рок, тираносаурусот на Фолксваген за конкуренцијата, изгледа спектакуларно. Овој кросовер внесува во компакт класата изглед што Британците би го наплатиле најмалку сто илјади фунти. Со германска техника. Претходничката пак се издвојуваше како купе-кросовер со релативно достапна цена, но пак постоеше резерва.

Кога Волфсбург го пушти првиот Т-Рок кон завршетокот на 2017 година, тој не смееше да ја засени иконата на марката, на пазарот, на германските автомобили: Голф. Со седење на повисоко, со повеќе растојание од земја, со голем багажник, Т-Рок едноставно беше подобриот Голф. Но! Секој што ќе решеше така, добиваше тврди и едноставни материјали во арматурната табла, во вратите, а покрај тоа и торзиска задна оска во основните изведби, како и послаба изолација што дозволуваше звуците да допираат помалку непречено до патниците.

Новава Т-Рок е друга приказна. Колку што надворешноста оддава зрелост, отменост, префинетост, толку повеќе внатрешноста ги засилува тие впечатоци. Овој кросовер е над својата класа. Изборот на материјали, на бои, изработката, формите, сé е погодено. Фолксваген сега ја нуди Т-Рок како победничка, како модел што постигнал многу во продажбата и освоил терен за марката.

Фолксваген го подигна нивото на Т-Рок најмалку за едно скалило од претходничката

Намерата да им се угоди на луѓе во кросоверов е јасна. Амбиенталното осветлување што зафаќа и во вратите е изведено со перфорирани површини, низ коишто пробива заднинското светло и создава отмена средина. Така треба да биде, сепак се работи за врвната изведба Р-Лајн, каде што се става нагласок на спортската нота, но се додава и во префинетоста.

Кога воланот ќе се земе во раце, нема двоумење дека тоа е марката што пред точно 50 години го направи првиот ГТИ. Околу прекинувачот што толку проминентно е сместен долу во средишната конзола, веројатно ќе се јави разидување во ставовите. На едни ќе им се допаѓа тоа што функцијата од избор на програми за возење, со странично повлекување со прст преку диспејот во прекинувачот (преземено од Шкода), се менува во избор на амбиентално осветлување. На други, тоа ќе им биде негерманско.

Привикнување околу нестандардното распределување на основните функции

Во ракувањето, повеќе нема техно-присилување со сензорски полиња на воланот или на други места, единствено има малку забуна во тоа што по седнување, барате прекинувач за старт зад воланот, а тој е преместен долу до претходно спомнатиот прекинувач, за откако тука ќе почнете да ја барате и рачката на менувачот, да се сетите дека таа е преместена горе, зад воланот.

Уште една промена е внатрешната рачка за отворање врата, што се повлекува наназад, место настрана. Тоа услови, прекинувачите за прозорците да се поместат поназад во возачката врата. Но, добро е што Фолскваген се реши да менува порадикално, и тоа се ситни и симпатични работи, на коишто човек свикнува.

Практичноста одамна е совладана тема во Фау Ве

Практичноста е традиционална доблест на Фау Ве, па се добива искористлива средишна конзола, со потпирач за лакти што се мести и по должина и по агол. Добар потег е тоа што под потпирачот е оставен отворен простор, место да се заградува и да се жртвува функционалноста.

ГТИ важи и за седиштата, барем во Р-Лајн. Напред се седи речиси во анатомска школка со одлична странична поддршка и цврсто полнење. Ретко се случува во задната клупа да биде изведено профилирање, а Т-Рок не го пропушта и тоа уживање. Положбата назад е правилна и не се постигнува лажен простор над глава, со тоа што клупата ќе биде симната надолу. За разлика од првата Т-Рок, каде што назад беше кнап, тука има многу повеќе простор.

Уште може да се доплати за одделни ставки, место да се купува цел пакет

Багажникот ги заокружува квалитетите на Т-Рок во место. Откако багажникот ќе се отвори со пуштање нога под браникот, се добива пристап до простор со зафатнина од 475 литри. Функцијата е опција што чини 360 евра и добро е што Фау Ве обврзува за тоа да се доплати пакет со уште пет непотребни ставки.

Добра страна е тоа што страниците се обложени, но е малку чудно што за страничните прегради е користена толку едноставна пластика. Волфсбург чудно штеди и на џебот во предните седишта, што е изработен од тенок материјал. Затоа се добива цврст под со рачка, соборување на клупата со рачка, средишен отвор за долги предмети. Малку вежбање мускули нема да е на одмет, со високиот товарен раб.

Богато ниво на опременост во сите подрачја, уште во основниот модел

Опременоста усреќува. Уште во појдовното ниво Лајф, Т-Рок доаѓа со тркала од лесен метал од 16 инчи, автоматско долго светло, кожа на волан и типтроник, систем за следење лента, паркинг сензори и задна камера, радарски темпомат, собирање на ретровизори, сензор за дожд, автомтски клима уред, дигитални инструменти, безжичен полнач, брзо и едноставно поврзување со телефон.

Р-Лајн доаѓа со спортски стил на браници, затемнети задни стакла, со впечатливото осветлување на логото напред и назад, светлечка лента меѓу предните и меѓу задните светла, тркала од 18 инчи, спортски волан, спортски седишта, полирани челични педали. Покрај сите стилски надградби, Р-Лајн стандардно се испорачува со прогресивно управување, со променлив преносен однос.

За сите впечатоци, забелешки и искуства со Фолксваген Т-Рок на тест, погледнете го обемното видео на јутјуб, со коешто го придружуваме тестирањето на секој модел во Аутомедиа МК.

Цена на стандардни модели

  • Основен модел · Volkswagen T-Roc 1.5 TSI 115 Life · 36.025 €
  • Стандардна изведба на VW T-Roc 1.5 TSI 150 R-Line · 44.067 €
  • Цена со опременост како моделот на тест · 49.403 €

Дополнителни ставки во опременоста на возилото на тест

  • Black Style Пакет за R-Line (4 црни алу фелни York Aero, спортски гуми 225/45 R19, црни кровни шини, црни надворешни украсни лајсни околу страничните прозорци, црни куќишта на надворешни ретровизори)
  • Easy Open & Close (Сензорски контролирано отворање и затворање на багажникот со далечинско отклучување)
  • IQ. Drive пакет (Travel Assist, Lane Assist и Emergency Assist, Area View 360 камера за набљудување на околината на возилото, Head-up дисплеј, Проактивна заштита на патниците)
  • IQ.Light (LED Matrix предни светла со осветлено лого на Volkswagen и лајсни помеѓу фаровите напред и назад, LED светла за дневно возење, задни светла во LED изведба со динамични показатели на правец, динамична контрола на долгите светла „Dynamic Light Assist“)
  • Издигнувачки и лизгачки панорамски сончев покрив напред и панорамски сончев покрив назад

ПРЕДНОСТИ

+ Мошне ниска потрошувачка
+ Натпросечни возни својства
+ Богата опременост

МОЖЕ ДА СЕ ПОДОБРИ

– На неколку места има пропусти во завршната изработка
– Прекинувачот со дисплеј во средишната конзола, преземен од Шкода, можело да добие друга функционалност
– Цената зафаќа во повисок сегмент, останува празнина во понудата до Таиго и Т-Крос

Формулата на компактен ГТ од 1990-те денес ја нуди Т-Рок

Т-Рок потсетува на времето на 1990-те години, кога ГТ изведбите од популарните компакти уживаат големо име на сцената. Таков случај беше и Голф ГТ, во третата генерација. Со стил по пример на ГТИ, не со најсилниот, туку со натпросечно силен мотор, со богата опременост, компактните ГТ се гледаа насекаде, на одмор на море, на езеро, по планини, низ град. Предноста им беше во тоа што нудеа повисока вредност од класичен компакт, но пак во рамките на класата, со едноставна и големосериска техника. Денес честопати се губи смислата на ГТ, затоа што бројни производители само додаваат спортски изглед и многу опрема. Т-Рок менува во патиувачкиот карактер, во гран-туризмото: Комфорен, претставителен, забавен за возење, германски. И формата е погодена.

 

Претходна објаваКиа започна со производство на новиот Ексид во фабриката во Жилина
Следна објаваМерцедес ГЛБ · За секој ден и за секаде, секогаш Мерцедес

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here