
Кога човек ќе ја погледне новата маска на Мерцедес-Бенц, целата осветлена и со разни анимации, којашто прв ја понесе новиот ГЛЦ, станува сé појасно зошто новиве Мерцедеси мора да изгледаат толку различно. Тие возат во друг автомобилски свет. Новата Ц-Класа, не само што има електричен погон, туку и амортизацијата ѝ е електрифицирана.
Штутгарт има нова Ц-Класа и сé ќе беше исто како досега, со обврзувачкиот напредок во комфорот, безбедноста, динамиката, штедливоста, чистотата на издувот, плус во некоја технологија во кокпитот. Меѓутоа оваа Ц-Класа, покрај сиот напредок во традиционалните домени на марката со ѕвездата, донесува исто толку голем напредок и во новите домени, коишто пак се вмешуваат во класиката.
Тоа важи и за подвозјето. Новата генерација на лимузината од средната класа на Мерцедес-Бенц, со фабричка ознака Дупло В 520, може да се нарача со Ерматик, пневматска суспензија. Тоа не е ништо ново, меѓутоа новината е нејзиното поврзување со оперативниот систем на возилото, со „виндоусот“ на Мерцедес-Бенц, МБ.ОС.
Овој систем, може да се подготви навремено, кога ќе наиде на нерамнина на патот, користејќи информации од податочен облак, од клауд. Покрај тоа, суспензијата ја менува висината на каросеријата, раководејќи се од податоци од Гугл Мапи. Сé додека патот е рамен и мазен, електричната Ц-Класа вози буквално како плочка на патот, за да се смали отпорот на воздух и батеријата да се троши помалку.
Технологијата Кар-ту-Икс им кажува на амортизерите кога има нерамнина
Пневматската суспензија располага со функција Кар-ту-Икс, што е од сопствен развој на Мерцедес-Бенц и е патентирана.
Најголемата предност на оваа функција ќе се доживее при преоѓање преку лежечки полицаец. Мерцедес-Бенц наведува во соопштението дека „такви подигнувања на патот честопати има во Јужна Европа и во САД.“ Тоа не ни е ново.
Кога е пуштена функцијата Кар-ту-Икс, Ерматикот кусо пред нерамнината ја омекнува амортизацијата по електричен пат и прави минувањето преку нерамнината да биде неосетно.
Тоа е дело на податоците, коишто Ц-Класа ги добива од податочниот облак на Мерцедес-Бенц, и коишто потекнуваат од друго возило што претходно наишло на истата таа нерамнина.

Технологијата Ерматик работи и во електричната Е-Ку-ЕПодатоците за нерамнините остануваат на клаудот 14 денови и до неа имаат пристап сите Мерцедес-Бенцови што поседуваат Кар-ту-Икс.
Ако по неколку денови, на нерамината наиде друг Бенц, тој ќе го продолжи записот на клаудот за уште 14 денови и така до недоглед.
Секој Мерцедес-Бенц со технологија Кар-ту-Икс ги користи своите сензори, радари, камери, за да создаде своевидна мрежа од податоци до коишто имаат достапност возилата со сребрената ѕвезда.
На Мерцедес-Бенц Интелиџент Клауд се чуваат податоци од околу 15 милиони возила во мрежата.
Автоматско местење на висината на подвозјето со помош на Гугл Мапи
Обичните системи за регулација на нивото работат зависно од брзината, така што возилото се подигнува кога се наидува на градежни зафати на патот, на застој или кога се влегува во тунел, односно секогаш кога ќе забави темпото.
Новиот Ерматик за таа цел ги користи податоците од Гугл Мапи. Возилото така знае дека се наоѓа на автопат и постојано го држи возилото спуштено
Тоа го смалува отпорот, а со тоа и потрошувачката на енергија.
Славче Таневски е главен во дизајнирањето на новата Мерцедес-Бенц Ц-Класа
Говорна команда за каросеријата да се подигне
Покрај автоматско спуштање при повисока брзина, може да се зададе и говорна команда со истата цел, во програмата Спорт. Така се зголемува динамиката во свијоци.
По потреба, каросеријата може да се подигне за 20 милиметри, кога има пречка на патот. Секако дека и тоа функционира со говорна команда.















