Новиот Џип Компас доаѓа со два вида хибриден погон и во целосно електрична изведба

Некогаш најдостапниот модел на Џип, пред доаѓањето на Авенџер и Ренегејд, стартува на македонскиот пазар во својата трета генерација, парирајќи им со цената на најпродаваните компактни СУВ.

Џип Компас во новата генерација стартуваше со продажба на македонскиот пазар во средината на април

Аутомобиле СК го означи почетокот на продажбата на новата генерација на Џип Компас, СУВ-модел од компакт класата, од марката со најзвучно име во овој сегмент на возила. Покрај изведбата со благ хибриден погон, се нуди и верзија со приклучен хибриден погон, како и целосно електрична изведба.

Промената што ја внесува третата генерација на Џип Компас е очигледна. Со дизајнот, новиот модел јасно ја напушта формата на претходникот и преоѓа на препознатливиот дизајнерски говор од помалиот Авенџер. Иако дизајнот делува свежо и посебно, во него суптилно се преземени формите од легендарната моделска серија Чероки, што секако дава шарм во појавата на новиот Компас.

Изгледот се одликува со остри рабови и прави линии, со нагласена заштита на арките во крилата, со долна прозорска линија што се прекршува назад и со каросерија што се шири околу задната оска. Секако, не смее да отсуствува традиционалната маска со седумте отвори. Во оваа модерно остра линија, сепак се присутни и класични елементи, како светлата со форма што не се развлекува во сите правци и со класични рачки на вратите. Во модерното доба враќа осветленото име Џип во вратата на багажникот, од нивото на опременост Самит нагоре.

Спојот на класичното и модерното продолжува внатре, со големи и дебело обложени седишта, покрај целосно дигитален кокпит, со широк средишен дисплеј. Одлика претставува и длабокиот отворен простор за одлагање пред совозачкото седиште.

Инструменти од 10,25 инчи и средишен дисплеј од 16 инчи се стандард уште во основното ниво Алтитуд. Системите за асистенција досегаат до приспособлив темпомат со самостојно запирање и предупредување при напуштање лента.

На располагање се три видови погон, почнувајќи од благ хибрид со 1,2-литарски бензинец со 48-волтен електромотор во 6-степениот автоматски менувач со двојна спојка и системски 145 КС, преку приклучен хибрид со 1,6-литарски бензинец и електромотор од 150 КС, со електричен досег до стотина километри и системски 225 КС, до целосно електричен погон со 213 КС и досег до 500 километри. При дистапност на брз полнач, електричниот Компас полни до 80% за 31 минута.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Акциската цена за основниот модел е 34.900 евра

Моделот со благ хибриден погон се нуди во основното ниво Алтитуд и во воведната серија Фирст Едишн со редовна цена од 37.400 евра, односно 40.900 евра. Приклучниот хибрид доаѓа во две нивоа на опременост, во основното и во Самит, со цена од 43.900 и 46.900 евра, додека електричниот модел исто така се нуди во основното и воведното ниво, соодветно со редовна цена од 48.400 и 49.900 евра.

Посебно е интересна изведбата со приклучен хибриден погон, којашто нуди чисто електрично возење со досег до стотина километри, но и можност за возење со обичен хириден погон, меѓутоа ја скусува разликата во споредба со неелектрифициран погон.

Богата опременост уште во основното ниво Алтитуд

Од главните ставки во опременоста, основното ниво Алтитуд доаѓа со тркала од лесен метал од 18 инчи, автоматско долго светло, собирање на ретровизори, двозонски клима уред, пристап и старт без клуч, паркинг сензори напред и назад, но и со бирач на режими за возење – вклучувајќи спортска програма, снег и кал.

Во средното ниво Самит доаѓаат уште тркала од 20 инчи, матрични предни светла, осветлена предна решетка и марка назад, дополнително затемнети стакла, електрично местење на возачко седиште, греење на предни седишта и на волан, амбиентално светло, навигација, задна камера и аларм.

Нивото Фирст Едишн вклучува повеќе ставки од средното ниво Самит, меѓутоа со цената останува поблиску до рамката на основното ниво Алтитуд.

Претходна објаваСлавче Таневски е главен во дизајнирањето на новата Мерцедес-Бенц Ц-Класа
Следна објаваФолксваген пречекува со 4 светски премиери на салонот во Пекинг

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here