БМВ неодамна започна со нарачки за новиот и-Икс-3, и М Кар ги објави и цените за електричниот СУВ за македонскиот пазар, но купувачите во Кина ќе мора уште малку да се стрпат, додека им стане достапен првиот модел од „Ное Класе“.
Посебно за кинескиот пазар е подготвена изведба со продолжено меѓуоскино растојание, што веќе се подразбира кај возило наменето за тој пазар. Но, постои и дополителна посебност кај тој модел, по којшто се разликува од европскиот модел.
На рекламната слика со којашто БМВ го најавува својот нов и важен модел за кинескиот пазар, се забележува дека рачките во вратите се од класичен вид, на повлекување, место да се вовлечени и втопени во линија со каросеријата, како што е случај со европскиот модел. Премиерата на електричниот и-Икс-3 во Кина треба да се случи веќе кон средината на месецов.
Причината за таа отстапка не е штедење, туку е во новиот закон, со којшто се забрануваат рачки на врати што се вовлечени во каросеријата. Законот е донесен во почетокот на годинава и им претставува дополнителен предизвик на дизајнерите.
Кинезите пропишуваат рачките во вратите да се отвораат по механички пат однатре, со цел да се избегнат ризици при струен прекин или по незгода.
Новите закони официјално ќе почнат да се применуваат дури во следната година, но БМВ реши да го надмине тој проблем уште при лансирањето на важниот и-Икс-3 во земјата.
Кинескиот и-Икс-3 е подолг од европскиот за 11 сантиметри, иако тоа не се забележува. Задните врати се пошироки. Според кинеските медиуми, растојанието меѓу тркалата кај кинескиот модел изнесува 3.005 метри.
Во погонот нема измени. Во почетокот ќе биде достапна изведбата и-Икс-3 50, со 469 КС. Кинезите се малку полабави околу досегот и тврдат дека СУВ-то на струја ќе мине 900 километри, додека според нормата ВЛТП, досегот изнесува 805 километри.
Цената на електричниот СУВ со комплетно нова технологија и платформа, на македонскиот пазар изнесува 79.860 евра, во ценовникот на М Кар. За споредба, значително „послабиот“ дизел Икс 3 40д иксДрајв, со 303 КС, чини 89.580 евра, што значи дека токму класичарот е околу 10.000 евра поскап.
















