Кинески производители на местата на Џенерал Моторс и Форд на ЦЕС во Лас Вегас

Илјадници посетители на салонот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас ги допираа возилата, ги сликаа и гледаа спотови за автомобили што главно се забранети за продажба во САД.

Космера Стар Рејзер е електрично спортско купе што е конструирано во Германија и ќе се произведува во Кина. Планот е продажбата во Кина и Европа да стартува во 2028 година.

На големиот собир на светот на напредната технологија во Лас Вегас што заврши на 9-ти јануари, се чини дека ниту посетителите, ниту изложувачите, не беа загрижени од тоа што повеќето од изложените возила од кинеските производители не се продаваат во САД, поради заштитниот механизам со царини и ограничувањата од страна на министерството за трговија.

Посетителите што покажуваа интерес за кинеските автомобили, немаа можност за директно да ги споредат овие возила со новите модели, што Форд, Џенерал Моторс и Стелантис ги планираат за годинава.

Производителите на автомобили од Детроит годинава се откажаа од поставување штандови со меки теписи и возила исполирани до огледален сјај на салонот на потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас. Форд сепак излезе со една најава за време на панел-дискусијата. Планот е во 2028 година да понуди систем за автоматско возење, без потреба да се надгледува патот и да се држат раце на воланот.

Грифин Андерсон, претставник на Форд, соопшти дека „ЦЕС е важен настан што допира до глобалната публика заинтересирана за технологијата“ и „совршена платформа за Даг Филд (шефот за развој на ЕВ и напредна технологија) да покаже како Форд ги користи возилата што се базираат на софтвер, во насока на откривање возбудливи нови функции за возачите и за патниците.“

Од Џенерал Моторс и Стелантис не излегоа со соопштение за ЦЕС 2026.

Претходните изданија на ЦЕС во Лас Вегас им служеа како отскочна штица на производителите од САД. Извршната директорка на Џенерал Моторс, Мери Бара, првпат го изложи целосно електричниот Шевроле Болт на ЦЕС во 2016 година, за пред четири години на истото место да бидат најавени амбициозни планови со автопилотирани возила.

Форд исто така во 2016 година излезе со најави за возила што управуваат самостојно и една година подоцна настапи со своите нови електрични модели. Стелантис пред три години го прикажа Рам 1500 Револушн, концептен пикап со електричен погон.

Наспроти тоа, кинеските производители на автомобили решија дека вреди да се потрошат пари за присуство на ЦЕС и да се плати 14-часовен авионски лет, за кадарот и за автомобилите.

Оваа разлика во пристапот, точно укажува на состојбите во автомобилскиот свет. Додека Кина продолжува да маршира кон целта да стане светски технолошки предводник, посебно со своите електрични возила, производителите во САД не се двојат од своето место на пазарот на возила со мотори со внатрешно согорување и седат дома.

„Загрижен сум, колку ќе заостанеме и колку ќе ни биде тешко да фатиме чекор? И дали ќе успееме да фатиме чекор?“ вели Џорд Линјо, шеф за автомобилизам во Ернст енд Јанг.

Кои кинески марки допатуваа со својата технологија на ЦЕС?

Холдингот Џили ги прикажа и ги понуди за тест возење моделите од своите марки Зикр, Линк енд Ко и Џили, вклучувајќи го целосно електричниот луксузен ван Зикр 009, Галакси М9 и СУВ-знаменосецот со приклучен хибриден погон Зикр 9Икс, што производителот го цени дека е дораснат за Рејнџ Ровер.

Џили најави систем за вештачка интелигенција што го нарекува „автомобилски мозок“, којшто служи како основа за платформата на возилото, за погонската спрега, системите за асистенција и друго. Планот е годинава да се пушти во примена автопилот од 3-то ниво за возење по автопат, како и автопилот од 4-то ниво за умерена брзина на возење. Тоа се две години пред Форд и Џенерал Моторс.

Зикр и Интелајас најавија и производ што го автоматизира процесот на тестирање на ракување со дисплеите и автоматски ги проверува навигацијата, работата на мултимедијата и движењето низ мени, исто како тоа да го прави човек.

Грејт Вол прикажа возила во западната хала, вклучувајќи сериски модели и прототипи. Компанијата прикажа и интелигентни системи за асистенција, како и батерии со полуцврст електролит.

Клучниот момент е тоа што голем дел од западните компании ги прикажаа своите нови технологии во кинески возила, место во возила од производители од САД или Европа. Компанијата Серенс АИ од Барлингтон, Масачусетс, прикажа систем за природна говорна асистенција во возило на Би Уај Ди. Вајмо настапи со технологија на роботски автомобил во модел на Зикр.

Покрај тоа што ги изложија своите производи на штандовите, компаниите најавија и забрзување на развојот на новите технологии. Кинеските производители ја имаат предноста што сето производство им е дома, исто како и снабдувањето со суровини и компоненти, што им овозможува да работат со брзина што е слична како во светот на потрошувачката електроника.

Мајк Нефкенс, извршен директор на холандската Хиар Технолоџис, цени дека „поважно е тие четири години да се скусат на две години, за да може да им се конкурира на кинеските производи.“

Зошто кинеските компании не можат да ги увезуваат своите возила во САД?

Владата на Бајден во 2024 година воведе царина од 100 проценти за кинеските ЕВ, што беше своевидна забрана за кинеските производители на автомобили.

Покрај таа царина, владата лани воведе правила што забрануваат увоз на возила со кинески софтвер по 2027 година и возила со кинески хардвер за онлајн-порзување од моделското годиште 2029 година натаму.

Потпретседателот на Холдингот Џили, Еш Сатклиф, во едно свое интервју посочи дека компанијата не ги гледа царините и условувањата како пречки што не може да се надминат.

„Како светска компанија, мораме да работиме на тоа,“ кажа Сатклиф.

Тој додаде дека Џили очекува во следните 36 месеци да објави старт на пазарот во САД.

Претходна објаваМерцедес-Бенц првпат по 1974 година со титула на автомобил на годината во Европа
Следна објаваФејслифтот на Пежо 408 донесе дополнителни светла

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here