
Порше наскоро ќе додаде нов СУВ-модел во својата понуда, којшто ќе се произведува во Лајпцих. Управата и надзорниот одбор на спортската марка решија да се произведува моделот што се развива под името М1.
Почетокот на производството се очекува во 2028 година. Идниот модел ќе се произведува во изведби со мотори со внатрешно согорување и со приклучен хибрид.
Одговор на сменетите пазарни услови
Со овој чекор, Порше ја зајакнува улогата на фабриката во Лајпцих, каде што во моментов се произведуваат Панамера и целосно електричниот Макан. Директорот за производство Албрехт Рајмолд вели дека на овој начин се зголемуваат конкурентноста и флексибилноста на фабриката.
Податоци околу висината на инвестицијата и поединости околу временската рамка уште не се соопштуваат. Уште нема потврда и дали М1 ќе продолжи да го користи името Макан. Претходната генерација на Макан од Тип 95Б, се произведуваше со четирицилиндарски и шетцилиндарски мотори во Лајпцих, без изведба со хибриден погон.
Одлуката да се развива нов СУВ-модел е донесена и поради забавената побарувачка за целосно електричниот Макан. Во првото полугодие од 2025 на светскиот пазар се испорачани околу 26.000 примероци. Во Кина, продажбата е опадната за близу 30 проценти.
Шефот на Порше, Оливер Блуме, уште порано најави дека за 2028 година се планира нова серија СУВ-модели. Германскиот производител на спортски автомобили на тој начин одговара на сменетите услови на важните пазари, како САД и Кина.
Во нормални услови на возење со преден погон, задната оска се вклучува по потреба
Новиот СУВ ќе користи техника од третата генерација на Ауди Ку 5 и се базира врз платформата ППЦ – Премиум Платформ Комбашчн, на концернот Фолксваген. Техниката се засновува врз системот за погон на сите тркала Кватро-Ултра, а тоа значи дека во секојдневието ќе се вози со преден погон. Задната оска ќе се приклучува само по потреба. Тоа ќе биде првпат, Порше да користи платформа што е со погон со нагласок на предната оска.
[the_ad id=”85764″]
Идниот модел отстапува од традицијата на Порше, со модели со заден или со погон на сите тркала, којашто влече корени уште од пра-911, па до Кајен.
Во почетокот на продажбата ќе се нуди 4-цилиндарски турбо бензинец со блага хибридна техника. Понатаму ќе следат изведби со приклучен хибрид. Дизел не се планира. Затоа пак, не се исклучуваат посилни модели со строг спортски нагласок, како С, ГТС или Турбо. Неизвесно е во колкав обем идниот М1 ќе се издвојува од Ауди Ку 5.
Користењето постоечка техника од сопствениот концерн се оправдува со скусување на трошоците и со забрзување на почетокот на продажбата. Модел со самостојна техника, каков што беше првиот Макан, денес е тешко да се оствари. Покрај тоа, купувачите денес повеќе ги засегаат комфор, просторност и штедливост, отколку врвни перформанси и возна динамика.















