
Европската Комисија на 16-ти декември објави дека планира да ја откаже забраната за продажба на нови возила со мотор со внатрешно согорување по 2035 година, под притисок на европските производители на автомобили, со цел да им овозможи на истите да се спротивстават на кинеските соперници што брзо го освојуваат пазарот.
Приклучните хибриди, електричните автомобили со продолжувач на досег, па дури и моделите со обични мотори со внатрешно согорување би можело да се продаваат и по 2035 година.
Брисел предложи и нова категорија на малечки ЕВ, со посебни погодности за моделите што се произведуваат во Европа. Аналитичарите ценат дека со оваа отстапка им се излегува во пресрет на повеќето од барањата на производителите.
„Комисијата ѝ дозволи на европската автомобилска индустрија да може да избира и ѝ даде шанса да се натпреварува,“ вели Фил Дан, директор во консултантската куќа Грант Торнтон Стакс.
„Да се надеваме дека тоа ќе ѝ овозможи на европската индустрија да фати чекор со Кинезите“ со нивните ЕВ со конкурентни цени, додаде тој.
Премиум марките, како Мерцедес-Бенц, Ауди или БМВ, ќе можат подолго време да продаваат приклучни хибриди, пред целосно да се префрлат на електрични возила.
Ставовите на ЕУ се сосем различни од оние на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој откажа секаква поддршка за електрични автомобили.
Брисел лани воведе дополнителни царини за ЕВ од Кина, но тие не се покажаа посебно делотворни за да им го попречат пробивот на кинеските производители на европскиот пазар.
Кинеските производители ги заобиколуваат царините за ЕВ со приклучни хибриди и возила со обичен погон
Би Уај Ди и останатите кинески компании се поштедени од какви било царини за увоз на приклучни хибриди, а голем е бројот и на компаниии што продаваат возила со обичен погон на неколку големи пазари во ЕУ, каков што е полскиот пазар, каде што и без тоа продажбата на ЕВ е слаба.
Пред ЕУ да ја соопшти веста на 17-ти декември, консултантската куќа Аликс Партнерс излезе со предвидување дека целосно електричните автомобили би учестувале со само 62 проценти во продажбата во Европа во 2035 година, затоа што се сомневаа дека забраната ќе се почитува.
Аналитичарот Ник Паркер кажа дека не очекува големи отстапки од предвидувањата на Аликс Партнерс.
Забавеното преоѓање на електрични возила, сепак ќе им даде повеќе време на одделните пазари да ја прошират мрежата од полначи, што е една од главните причини за забавеното движење во насока на елеткромобилноста.
Продажбата на целосно електрични автомобили во ЕУ до октомври годинава порасна за 26% во споредба со истиот период лани. Нивниот удел во продажбата во јужна и источна Европа е незначителен.
Сменетата политика е удар врз производителите и добавувачите што вложија десетици милијарди евра во конструирање електрични автомобили и во проширување на фабричките капацитети, раководејќи се според одлуката што ЕУ ја донесе во 2023 година.
Тоа што на производителите на автомобили им се дозволува да користат различни технологии, ќе ги поттикнува да влегуваат во партнерства и да развиваат подостапни ЕВ. Таков пример е најавената соработка меѓу Форд и Рено, за развој на малечки ЕВ, што беше објавена во минатата недела.
Ден пред ЕУ да ја објави веста, Форд соопшти дека отпишал неповратна инвестиција од 19,5 милијарди долари и дека планира да откаже неколку свои електрични модели.
„Тоа ќе води кон повеќе соработки и заеднички платформи“ меѓу производителите на автомобили, кажа Џо Стивенсон, извршен директор на британскиот стартап Анафајт, којшто развива сува облога за електродите во батериите, што може да ги намали трошоците за производство на батерии.
Пред веста на 16-ти декември, извршниот директор на Форд, Џим Фарли, повика Брисел да се реши за една политика и да биде доследен, место да се премислува на неколку месеци. Во март, Комсиијата на ЕУ им дозволи на автомобилските производители „можност да земат здив“, и целта што тие требаше да ја исполнат во 2025 година, просечната емисија на ЦО2 да им биде под 95 грами на километар, ја растегна на три години, со тоа што по девет месеци направи дополнителни отстапки.
„На тој начин не може да се планираат капитални вложувања на подолг рок,“ кажа Фарли. „Мора да постои доследност“.















