Изгледите дека Субару Форестер и Хонда Прелуд ќе се борат за да освојат најмногу гласови од јапонските автомобилски новинари беа големи уште пред да се објави исходот од финалето. Признание за европските производители е тоа што во финалето на Изборот на автомоибл на годинат во Јапонија се најдоа уште Пежо 3008, БМВ од серијата 2 и Фолксваген ИД Баз.
Одбележувајќи го 46-то издание на изборот за Автомобил на годината во Јапонија, 60-те членови на жирито во почетокот на декември се собраа во новоизграденото седиште на Бош во Центарот Кита, во Јокохама Сити.
Покрај 60-членото жири, на свеченоста присуствуваа 41 претставници од највлијателните автомобиски и лајфстајл изданија во земјата, коишто го организираат изборот за автомобил на годината во Јапонија, како и директори од автомобилската индустрија, да посведочат на броењето на гласовите и на свеченото доделување на наградите.
Годинава се гласаше според нов систем, односно беше применет начинот на бодување како во Формула 1. Членовите на жирито мораа да ги распоредат гласовите на сите 10 финалисти. Исто како што победникот на трка за голема награда во Ф1 освојува 25 бодови, така и членовите на жирито доделуваа по 25 бодови за својот фаворит. На вториот најдобар автомобил му следеа 18, на третиот 15, сé до 1 бод за 10-то рангираниот модел.
Најдобро пласиран странски модел беше електричниот Фолксваген ИД.Баз, на петтото место, којшто со тоа ја понесе и титулата на најдобар увозен автомобил на годината. Дополнително следеше и наслов за најдобро дизајниран автомобил во изборот за 2025/2026 година.
Уште во самиот почеток, Форестер стекна предност пред Прелуд. По собирањето на бодовите, Субару освои вкупно 1.149 бодови, пред Прелуд со 1.076 бодови, Тојота Краун (комби) 654, Нисан Лиф 622, Фолксваген ИД. Баз 578, Хјундаи Инстер 477, БМВ серија 2 со 416 бодови, Пежо 3008 со 393, Сузуки еВитара со 357 и последен Даихацу Мув со 338 бодови.
При врачувањето на трофејот, Кацуро Тадаки, главниот инженер на Субару, кажа: „Покрај тоа што го создадовме новиот полн хибриден погон, ги дотеравме безбедносните системи, изработката, управувањето, комфорот, подвозјето и работните трошоци, за да направиме Форестер да биде најдобар во класата.“
„Автомобил поради којшто ви е жал кога ќе дојдете на одредиштето“
Пежо 3008 освои гласови со штедливоста, дизајнот и комфорот. Еден член од жирито оцени дека тоа е „автомобил поради којшто ви е жал кога ќе дојдете на одредиштето.“ Во истата смисла продолжува и Џунпеи Огава, директорот на Пежо за Јапонија: „Ова возило ја отелотворува суштината на Пежо: Преубаво на поглед и уживање за возење.“
Пежо 3008 на тестот на Аутомедиа
Најголемиот модел на Пежо на јапонскиот пазар се нуди со 48-волтен благ хибриден погон, со 1,2-литарски бензинец и системски 145 КС.
Порше Јапонија на настанот одбележа 30-годишнина на јапонскиот пазар и воедно ја презеде титулата за најдобра технологија на годината за хибридниот систем Т-Хибрид во 911 Карера ГТС.
















