Тоа што соединува цел опсег на модели, од малечкиот родстер СЛК, до теренец од тешка категорија од Г-Класа со мотор турбодизел, тоа се 30-те години што поминале од нивното прво појавување на свет.
Штутгарт редовно и со гордост ги најавува моделите на коишто им претстои статус на олдтајмер во следната година. Тоа им обезбедува на 30-годишните модели право во Германија да добијат регистрација што почнува со Х, за „хисториш“ односно за историски возила.
Но, за да се добие таква табличка во Германија и сите поволности што следат со истата, 30-годишните возила треба да минат строг технички преглед и да добијат печат дека се во оригинална и исправна состојба. На Мерцедес-Бенц, тоа не треба да му претставува проблем.
Во Македонија, патем, за историските возила веќе со години наназад исто така постои можност да се регистрираат со Х-таблички, што секако дека е заслуга на Игор Стефановски – Ила и Благоја Петровски, организатори на бројни и угледни настани од светот на автомобилизмот и мотоциклизмот во Македонија, вклучувајќи го Бахус Класик Кар Рели, што првпат се возеше годинава.
А, дел од заслугата за Мерцедесите што се од уште постари годишта да се одржуваат беспрекорни, секако дека има и нивниот производител. Мерцедес-Бенц Херитиџ ГмбХ – ГмбХ е исто што ДОО кај нас – ја снабдува сцената со резервни и потрошни делови, со тоа што посебно се внимава на деловите што се витални за возењето и за безбедноста. Тоа се вклупно 160.000 различни делови, што за 24 часа можат да бидат испорачани во 170 држави кај 3.000 договорни партнери. За потрагата по делови: teilesuche.mercedes-benz-classic.com
Меѓу моделите што навршуваат 30 години во 2026 спаѓаат СЛК од серијата 170, Ц-Класа Т-Модел од серијата 202, Е-Класа Т-Модел од серјата 210, спортската лимузина Е 50 АМГ од серијата 210, В-Класа и Г 300 Турбодизел од серијата 463.
















