Пежо 309 ГТИ 16 од 1980-те години: Семеен автомобил што победуваше на трки

Французите со врвната спортска изведба на Пежо 309 постигнаа одличен спој меѓу легендарниот 205 ГТИ и практичната и семејна комбилимузина. Во врвот на кариерата, 309 ГТИ го заслужи и моторот од 406 Ми16 со 160 КС.

Прво со мотор од 205 ГТИ 1.9 со 130 КС, а на крајот со моторот од 405 Ми16 со 160 КС

Кога првпат се појави на пазарот во 1985 година, Пежо 309 беше достапен во пет нивоа на опременост. Во основниот модел се вградуваше 1,1-литарец, а на другиот крај беше 309 ГТ, со опрема слична со СР, но со спортски нагласок и со 1,6-литарец со 80 КС.

Тоа беше исклучителна моќност во компактен модел во тоа време, но конкуренцијата имаше и посилни модели. За марката со лавот да им парира на тие конкуренти, Пежо во 1987 година прво понуди каросериска изведба со 3 врати, и тоа само за во неа да се вдоми вистинскиот спортски модел, 309 ГТИ.

Пежо во почетокот воопшто немаше намера да го произведува 309 во изведба со три врати, за да не го попречи успехот на 205, којшто беше своевиден феномен. Моделот, патем, произлезен е во времето кога марката Талбо беше дел од групацијата ПСА, покрај Пежо и Ситроен. Со пуштањето на 309, практично згасна марката Талбо, односно се претопи во Пежо. Моделот 309 беше замислен како наследник на Талбо Хоризон.

Пежо 309 ГТИ во почетокот се произведуваше само во изведба со три врати, со 1,9-литарскиот мотор со електронско впрскување на горивото и 130 КС. Тоа е истиот мотор со 205 ГТИ 1.9. Французите со овој потег ги споија двата модели, брзиот и моќен 205 ГТИ и семејниот и практичен 309.

Во 1988 година беше укинато нивото ГТ. Тогаш беше понудена и каросериска изведба на 309 ГТИ со пет врати.

Изведбата ГТИ 16 дури се откажа од тенките црвени ленти по страниците, што беа својствени за претходниот 309 ГТИ

Во есента 1989 година, Пежо го сстави 309 на редовен третман за освежување, како редовна практика на половината на моделскиот век. Маската доби три надолжни ламели, задните светла беа изведени во стилот на Пежо 405, и вратата на багажникот сега досегаше подолу, изедначена со светлата.

Внатрешноста доби нова арматурна табла и материјали со поживи бои, за да се постигне впечаток за квалитет. Целата палета од мотори беше обновена, вклучувајќи го 1,9-литарскиот бензинец со 16 вентили и 160 КС, којшто претходно почна да се вградува во прочуениот Пежо 405 Ми16. Верзијата на 309 со овој мотор се водеше како ГТИ 16 и стоеше на располагање само во изведба со три врати.

Спортскиот модел излегуваше од фабрика со комплетна опременост. Единствено можеше да се доплати за металик лак, сончев покрив, клима уред и кожени седишта.

ГТИ 16В однадвор не се разликуваше од претходниот ГТИ, двата модели се распознаваа единствено по ознаката. Исчезна дури и тенката црвена линија по браниците и по страничната лента.

Кокпитот се разликуваше само по воланот и по спортските седишта со слабинско местење, обложени со велур странично. Од 1993 година се вградуваа кожени седишта. Во меѓувреме, катализаторите станаа задолжителни и тоа ја скуси можќоста за 12 КС, на 148 КС.

Со хармонично подвозје и не толку непредвидлив како 205 ГТИ, којшто и натаму се нудеше со 130 КС, а полесен и повеќе стегнат од лимузинскиот 405, Пежо 309 ГТИ 16 понуди врвни возни својства. Тоа му беше влезна карта за мотоспортот. Во бројни национални шампионати во тоа време, 309 ГТИ 16 беше сериозен противник и прв фаворит за освојување на врвот на пиедесталот.

Производството на Пежо 309 заврши во декември 1993 година, по 1,6 милион примероци. Од тоа, 8.664 примероци отпаѓаат на ГТИ 16.

 

Претходна објаваЕвропа допрво го открива Донгфенг, најпродаваниот модел Т5 Ево одамна е познат на македонската сцена
Следна објаваЕлектрична Киа втор најпродаван модел во Македонија во октомври

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here