
Тоа е 100.000 возила повеќе од ланската продажба на Мерцедес-Бенц во САД, коишто се втор најголем пазар на марката во светот.
На дилерската средба што на 22-ри ноември се одржа во Лас Вегас, извршниот директор на Мерцедес-Бенц за САД, Адам Чемберлен, го објасни планот како марката планира да ги оствари амбициозните цели.
Клучот за тоа да се постигне ќе биде најголемата моделска офанзива во историјата на марката, со нагласок на разновидноста од видови на погон во понудата и поедноставување на дилерските програми.
Чемберлен изјави за Аутомотив Њуз: „Нема причина зошто не би биле способни да ја качуваме продажбата за 20.000 возила секоја година.“
Вклучувајќи ги флотните продажби, Мерцедес лани продаде околу 325.000 патнички возила во САД. За споредба, БМВ лани продаде 371.346 возила, што беше рекордна година за марката, а годинава е на пат да надмине 400.000 возила.
Мерцедес во лов на БМВ и Лексус
„На Мерцедес му е неопходен пазарот во САД за да расте, затоа што Кина слабее,“ изјавил неименуван дилер. „Се удвојува инвестицијата и покрај притисокот од царините.“
Мерцедес-Бенц беше најпродавана луксузна марка во САД од 2016 до 2018 година, додека денес е трета, откако БМВ и Лексус ги зголемија продажбите.
Уделот во продажбата на подостапните модели од луксузниот сегмент се намали, откако Мерцедес-Бенц стави повеќе нагласок на ексклузивните модели од гамата на АМГ и Мајбах.
„Мерцедес им дозволи на БМВ и Лексус да го освојат сегментот на подостапните луксузни модели,“ додава анонимниот дилер. „Тоа остави траги врз обемот на продажбата и учеството на пазарот на лизинг“.
Со фокус што е вратен на понудата од „основни СУВ“, Чемберлен очекува дека ГЛЦ, ГЛЕ и ГЛС ќе постигнат удел од околу 55 проценти во продажбата во САД до завршетокот на деценијава, наспроти уделот од 40 проценти лани.

Најава за 5 нови модели
Во претстојната навала од нови модели на Мерцедес-Бенц спаѓаат електрични модели со висока моќност.
Вкусот на купувачите во САД сега влијае врз начинот на којшто Мерцедес-Бенц ги дизајнира новите модели. Тоа е признание за сé посилното значење на тамошниот пазар.
„Имаме место на конференциската маса со дизајнерите“, кажува Чемберлен. „Минуваме многу повеќе време во дизајнирање автомобили во САД за САД.“
Мерцедес оди на големи мотори, со план неколку модели да се префрлат на 6-цилиндарци и да се понудат повеќе модели со Ве-8.
Откако не виде голема корист од масивното вложување во понудата од чисто електрични модели, Мерцедес-Бенц се префрли на стратегија со повеќе видови погон.
Почнувајќи од новиот ЦЛА, што почнува да се продава во САД во декември, идните модели ќе бидат достапни во чисто електрична и во хибридна изведба.
„Нема или-или, туку двете“, кажа Чемберлен, додавајќи дека Мерцедес ќе ги нуди своите ЕВ по споредлива цена со нивните изведби со бензински мотори.
Електричниот ЦЛА ќе почнува од цена од околу 48.000 долари, вклучувајќи транспорт.
Меѓу новитетите што екслузивно ги видоа дилерите на состанокот, беа електричниот ГЛЦ и новите моделски годишта на ГЛЕ и ГЛЦ, со сменета маска по пример на ГЛЦ.
Главното шоу ќе им припаѓа на електричните АМГ
АМГ ГТ‚ спортска купе-лимузина констурирана врз платформата АМГ.ЕА, треба да се појави во салоните кон завршетокот на 2026 година.
АМГ ГТ е ѕвер со перформансите, со преку 1.000 КС и забрзување до сто за околу 2,5 секунди. Погонот доаѓа од три електромотори од посебен вид, со т.н. аксијален флукс, коишто се четирипати посилни од обични радијални електромотори со иста големина.
Во 2027 година, во понудата на АМГ ќе се појави електричен СУВ од средна класа. Според дилер, тој е спој меѓу Порше Кајен и Ламборгини Урус.
Мерцедес планира годишната продажба на АМГ да ја зголеми за 10 до 20 проценти до завршетокот на деценијава. САД се најголем пазар за АМГ.
Производителот презеде на свој трошок најголем дел од товарот од царините на Трамп и не ги смени цените во текот на годинава. За 2026 година, моделите на Мерцедес-Бенц во САД ќе поскапат за околу 1 процент, поради царините за увоз на моделите од Европа.
Германскиот производител има голема фабрика за СУВ во Таскалуза, Алабама, каде што се произведуваат ГЛЕ, ГЛС и електричните СУВ од високите класи, но С-Класа, Е-Класа, ГЛЦ и Ц-Класа, се увезуваат од Европа и од годинава подлежат на царина од 15 проценти.















