Шаоми првпат заработува од својот бизнис со автомобили

Шаоми им се придружи на малкуте производители на електрични автомобили во Кина, што работат профитабилно.

Шаоми постигна пробив во светскиот Топ 10 по само две години од почетокот на производството на електрични автомобили

Корпорацијата Шаоми првпат пријави добивка на ниво на тромесечје од својот бизнис со електрични возила. Тоа е клучна пресвртница во амбициозниот план на производителот на телефони, да се пробие на пазарот каде што владее жестока конкуренција.

Огранокот за електрични автомобили на компанијата, којашто лани го продаде својот прв автомобил, објави профит од 700 милиони јуани (98 милиони долари) во последното тромесечје. Тоа е сосем друга насока, во однос на загубата од 300 милиони јуани во претодните три месеци, што помогна компанијата со седиште во Пекинг двојно да го зголеми својот профит.

Шаоми со тоа се придружи во избраниот клуб на кинески производители на електрични автомобили, што навистина постигнуваат добивка. Со цел да прерасне во еден од петте најголеми производители на автомобили во светот, компанијата ја зголемува продукцијата, за да им парира на Тесла и Би Уај Ди во Кина, а понатаму и на извозните пазари. Планот е продажбата на ЕВ во Европа да започне во 2027 година.

Иако уште е рано, овој резултат му даде кредибилитет на соосновачот Леи Јун, кој пред извесно време најави дека компанијата ќе почне да профитира. Милијардерот е на пат на нов успех, откако пазарот покажа висока заинтересираност за првиот СУВ на Шаоми, за којшто досега се пристигнати голем број нарачки.

Директорите соопштија на 18-ти ноември, дека компанијата во текот на неделава ќе ја оствари целта за продажба на 350.000 електрични автомобили. Тоа е еден месец порано од предвидувањата. Во мометнов се вложуваат напори за испораките да се забрзаат и да се скуси чекањето.

Некои инвеститори сепак се сомневаат во прогнозите на подолг рок, наведувајќи ја силната конкуренција, проблемите со безбедноста на возилата и постојаното каскање на фабриките зад планот.

Високата побарувачка и бавното производство направија купувачите да чекаат и до девет месеци за испораката на некои модели. Во октомври биле испорачани преку 40.000 возила, исто колку еден месец пред тоа. Директорите соопштија на телефонската конференција дека очекуваат бруто маржата да се намали в година.

Очекувањата дека бруто маржата од автомобилскиот бизнис на Шаоми ќе се намали в година – и покрај тоа што СУ7 и ЈУ7 се меѓу најпродаваните ЕВ во Кина – укажува на предизвиците со коишто ќе се соочат производителите на автомобили, откако в година стапуваат на сила повисоки даноци за возилата.

Домашната конкуренција ќе се засилува, како што ќе забавува побарувачката. Производителите на ЕВ ќе стануваат сé позависни од извозните пазари, за на тој начин да ја зголемат продажбата и да заработат повеќе. Аналитичарите понатаму ценат дека трката ја предводат Би Уај Ди, Џили, Шаопенг и Липмотор.

Ривалството на Шаоми со Епл во клучниот бизнис со паметни телефони остави траги и врз акциите. Компанијата се бори да ја задржи контролата врз пазарот на скапи телефони во Кина, откако во септември пушти во продажба алтернатива на ајФон 17 по цена од 630 долари. Според Каунтерпорт Рисерч, ајФоните во минатиот месец постигнале удел од една четвртина од пазарот, додека врз растот на Шаоми во исто време влијае и пробивот на локалниот соперник Опо.

Скајвел БЕ11 · Тест · Кинезите сепак го измислија тркалото

Друга причина за загриженост е поскапувањето на мемориските чипови. Шаоми во вторникот соопшти дека очекува цените на преносните уреди да се зголемат в година, и воедно се придружи на бранот на компании што предупредуваат за опасноста од тесно грло во снабдувањето со клучни компоненти во 2026 година.

Сето тоа влијаеше, за акциите на Шаоми да имаат најслаби перформанси меѓу кинеските технолошки компании во последните неколку месеци. Вредноста на акциите на Шаоми паѓа нагло уште од мај.

Претходна објаваБМВ обожувана марка на Германците: Два Златни Волани од Ауто Билд, девет награди од Ауто Цајтунг
Следна објаваБи Уај Ди со двапати повеќе дилери во Европа во 2026 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here