Инеос Аутомотив отпушта стотици свои вработени низ светот, како дел од новата оперативна фаза на малку познатиот производител на автомобили, за компанијата повеќе да им се посветела на постоечките и идните сопственици.
Во соопштението, Инеос наведува дека се отпуштаат стотици вработени во администрацијата во повеќе ограноци. Компанијата наведува и дека пред отпуштањата вработила околу 1.700 лица во своите претсавништва.
Извршната директорка, Лин Калдер, во интервјуто не наведе колку точно работници се отпуштаат, меѓутоа посочи дека отпуштањата ќе се реализираат во најкус можен рок.
Претставник на Инеос изјави дека во разговорите со вработените се нудат програми за „доброволно заминување и рано пензионирање“.
Отпуштањата ќе го погодат персоналот во седиштето на Инеос во Лондон, инженерскиот центар во близина на Штутгарт, Германија, и производствените погони во Хамбах, Франција.
Вработените во монтажата на теренецот Гренадир и пикапот Квартермастер во Хамбах, Франција, нема да бидат погодени од отпуштањата.
Инеос Аутомотив и натаму работи без профит, и претставува огранок на британскиот хемиски конгломерат Инеос Група, со 26.000 вработени ширум светот.
„Не сме имуни на најтурбулентиот период со којшто се има соочено браншата и потребно ни е да ја имаме вистинската основа на трошоците,“ изјави Калдер за Аутомотив Њуз. „Нас ни е важно да избереме што ќе работиме и како ќе се претставиме како производител на автомобили.“

Автомобилската индустрија се соочува со царините што САД ги воведоа за увоз на автомобили, како и со нередовното снабдување со компоненти од сите страни. Дополнителен проблем се цените на возилата. Продажбата опадна или забави на важни пазари, како Кина и Европа, каде што купувачите станаа повеќе свесни за цените. Пазарот на нови возила во САД е далеку од врвот од 2015 до 2019 година, кога годишно се продаваа по 17 милиони возила.
Производителот на автомобили, формиран во 2017 година од основачот на Инеос Група, Џим Ретклиф, во почетокот беше само проект, не беше замислено како бизнис, објаснува Калдер, пред да прерасне во стартап-компанија. Производството започна во 2022 година, за одредени пазари. САД, како најголем пазар на Инеос, ги доби првите возила кон завршетокот на 2023 година.
[the_ad id=”85764″]
Калдер објаснува дека откако се зголемиле испораките на Гренадир и Квартермастер, во Инеос сфатиле дека марката мора да се фокусира екстерно и повеќе кон клиентите.
„Навистина се работи за преоѓање од работа во канцеларија, на практична работа“, кажува Калдер за отпуштањата и реструктурирањето. „Kлиентите во овој момент навистина го очекуваат тоа од нас.“
Калдер вели дека досега се испорачани околу 30.000 возила Инеос на светските пазари.
Таа додава и дека работните места во производството не се загрозени и дека отпуштањата главно ќе се сведат во административните оддели.
“Тука постои еволуција, од чисто инженерски проект, во организација што повеќе е насочена кон клиентите, што значи дека ги губиме луѓето што ни донесуваат помала комерцијална корист,“ наведува Калдер.
Директорката вели дека овој производител на автомобили првпат прави реструктурирање.
Остануваат амбициозните планови за раст
Производителот ќе продолжи да го зголемува персоналот во „Америките“, коишто се најголем пазар досега, објаснува Калдер, и планот е во следната седмица да се отвори регионална канцеларија во Њу Џерси.
Калдер не соопшти колкава е продажбата во САД и во светот во 2025 година, но наведе дека Инеос претрпел „мошне голема дупка во средината“ на годината, главно поради САД и поради губењето на интересот на клиентите поради царините.
Инеос ги произведува своите возила во Хамбах, Франција, поради што марката е изложена на силен притисок од царините за увоз на возила што ги воведе Доналд Трамп.
Инеос во април ги поскапе возилата во САД, но потоа ги врати во август.
Според С енд П Глобал Мобилити, Инеос во септември постигнал раст од 5,5 проценти со продадени 540 возила во САД, но во првите девет месеци пак има пад од 15 проценти, и 3.811 продадени возила.
Во Европа, Инеос до септември има продадено 1.040 возила, што е за 5,2 проценти повеќе од истиот период лани.
Калдер наведе дека октомври бил најдобар месец годинава и дека на компанијата ѝ донел големи очекувања за 2026 година.
Инеос планира до завршетокот на 2026 година да отвори 40 салони и сервиси ширум светот.
Останува планот за помал модел Фјусилир да се произведува во Хамбах, со веројатност производството на Гренадир и Квартермастер да се пресели во САД.
Сé зависи од тоа дали ЕУ ќе остане на планот да забрани продажба на нови возила со мотор со внатрешно согорување по 2035 година.
Во Хамбах во моментов се проиведуваат по 50 возила дневно, изјави Калдер во март, што значи дека во оваа поранешна фабрика на Смарт се работи далеку под капацитетот, којшто овозможува до 33.000 возила годишно во две смени.
Инеос Ауто направи загуба од 290 милиони фунти во 2024 година
Инеос Аутомотив во минатата година имаше загуба од 290 милиони фунти, и покрај приходот од 789 милиони фунти.
Автомобилскиот бизнис на Инеос е во вкупна загуба од 3,25 милијарди фунти, коишто се долг кон останатите компании во групацијата Инеос.
















