Фолксваген Кефер, односно Буба, во првата изведба 1200 се произведуваше од 1954 до 1973 година, а во следната изведба со таа ознака продолжи да се произведува до 1985 година. Ретко се случуваше Бубата да не претрпи измени, секое годиште беше различно од претходното.
Новото поглавје за Бубата, односно оригинално Кефер, започна во 1954 година. Тој модел се водеше под фабричката ознака Тип 11 и Тип 11 Експорт. Главната промена во споредна со Кефер 1100 беше во поголемиот и посилен мотор. Во Бубата конечно проработе 1,2-литарскиот мотор со 30 КС и со разводник на палење со потпритисок.
Новитет во кокпитот беше замената на копчето за старт со обична контакт брава со клуч. Дојде и светлина во Бубата, затоа што тогаш почна да се вградува кабинско светло. Резервен клинест ремен повеќе не се испорачуваше заедно со возилото.
Во 1973 година дојде и следното поглавје за Фау Ве 1200. Германците ја нарекуваа „Шпар-кефер“, буба за штедливци. Од 1977 година, се нудеше само поопремената изведба 1200 Л и се произведуваше во Мексико до 1985 година. Опремата и изработката не се разликуваа од мдоелот што дотогаш излегуваше од фабриката во Емден.
Како се менуваше Буба 1200 низ годините
1955
Први зафати
Задните светла станаа едноделни, багажникот порасна, назад штрчеше нова двојна издувна цевка.
1955
Златен милион
Немаше измени, но се славеше: На 5-ти август 1955 година, од лентите се симна милионитата Вау Фе Кефер. Таа беше лакирана златно, со стаклени перли по браниците и по сите хромирани додатоци.
1956
Спуштање
Каросеријата беше спуштена два сантиметри поблиску до земја, меѓу другото и поради подобрените патишта.
1957
Правоаголен поглед
Се случија големи промени. Стандардниот и извозниот модел добија правоаголно задно стакло и поголем ветробран. Површините под стакло се зголемија 17 проценти. Задните регистерски таблици добија ново светло. Моделот за извоз доби нова арматурна табла, нов волан, рамна педала место педала со вртлив валјак, посилни сопирачки и преработена задна оска.
1959
Потпирач за стопала
Во просторот за нозе за совозачот беше поставена плоча за поудобно одморање на стопалата.
1960
Година на големи промени
Моќноста порасна на 34 КС, со мотор од Фау Ве Транспортер, брзиномерот мереше до 140 км/ч, порасна предниот багажник, се користеа нови бои. Менувачот за извозниот модел е целосно синхронизиран, а управувањето доби хидрауличен амортизер. Во август 1960 година, трепкачки светла ги заменија покажувачите на правец – винкерите.
1961
Поголема безбедност
За безбедноста во возење и за новото чувство при управување беше заслужно новото управување, што го замени стариот систем со вретено. Во истата насока беа и точките за прицврстување на безбедносните ремени (но пак беа потребни редуцири). Отвори за воздух донесуваат топлина до задната клупа. Од историска важност: Кај извозниот модел почна да се вградува мерач за гориво. Опција беше Саксомат, за менување степени без притискање врз спојката. Тоа беше важна новина за возачи што беа повредени во војната.
1962
Свежо и топло
Благодарение на греењето со свеж воздух со топлински разменувач, во Бубата повеќе не се чувствуваше мирис на мотор. Почна да се вградува и рачка за регулирање на греењето назад.
1963
Волфсбург воздржан
Во време кога моделите во САД се менуваа секоја година, Волфсбург остана воздржан. Единствено беше додадена опција за сончев покрив за извозните модели и беа вградени пошироки предни трепкачи и поголемо задно регистерско светло.
1964
Поголемо, поедноставно и целосно синхронизирано
Повторно пораснаа прозорците, овојпат вклучувајќи ги страничните. Нов начин на местење на греењето, со две рачки со кус óд, место претходното решение со безброј вртежи, коешто остана како оставштина од Фердинанд Порше. Си замина и бравата со забец за задната хауба, што им беше омилена на спортските возачи, за хаубата да можат да ја задржат отворена и да остават моторот подобро да се лади при долго возење со преку 4.000 вртежи. Сега и стандардниот модел 1200 А доби целосно синхронизиран менувач, но остана моторот со 30 КС.
1965
Побогата опрема
Веднаш штом извозниот модел доби 1.300 сантиметри кубни и 40 КС, стандарната Буба зајакна на 34 КС. Таа дополнително доби автоматски саух. Подбреното управување и оптимираната предната оска, со помалку потреба од одржување (подмачкување на 10.000 км), преземени се од штотуку претставениот Кефер 1300.
1966
Амортизирано
Компензациски пружини на задната оска помагаат да се смали менувањето на нагибот на задните тркала.
1967
Продолжуваме натаму
Производството на стандардната Буба веќе беше завршено. Но, економијата првпат забави по војната и се бараа поевтини автомобили. Фау Ве реагираше и продолжи да го произведува „Шпар-кеферот“. Каросеријата е иста со Буба 1300/1500, менувачот е целосно синхронизиран, но задната оска е без компензациска пружина на крутата задна оска. Друг знак на препознавање се браниците од постарото годиште.
1969
И понатаму штедливо
Штедливата Буба сега е достапна и со 1,3-литарец и полуавтоматик, а тогаш следи и задна оска со двојни зглобови од поголемиот модел.
1970
На стариот пат
Кефер 1200 и 1300 отсега се стари модели, нова генерација модели доаѓа со 1302. Моделот 1200 може да се нарача и со 1.300 сантиметри кубни и 44 КС (мотор како во 1302). Кај 1200 останува природното проветрување преку жабрите во задните столбови, што се обележје на ова моделско годиште.
1971
Подобрено ракување
Задното стакло е продолжено 40 милиметри угоре, а кај 1200 нема поклопка врз преградата зад клупата. Нов е воланот, со четири краци. Ракувањето е поедноставено со новата „ракета“ со една рачка за сите функции на бришачите. Сервисирањето е полесно, благодарение на приклучокот за дијагностика.
1973
Се бара евтино
Во времето на економската криза и недостигот од бензин, Буба 1200 добива нов живот, како евтин избор на автомобил. Иако Фолксваген најавува нова ера (доаѓа Голф) и натаму има висока побарувачка за докажаната и издржлива техника.
1973
Прва поголема измена кај „Шпар-кеферот“
Шпар-кеферот доби задни крила и светла (слоновско стопало) од 1303, коцкестите браници се слични со 1303 и се црни. Нова верзија е 1200 Л со хромирани браници, задна полица, жабри назад, бришачи со две брзини и самостојно исклучување. Бубата и натаму се нуди со 1.200 кубици и 34 КС или 1.300 кубици и 44 КС.
1973
Бубата облече пантолони
За да ги привлече младите, во есента 1973 доаѓа првата серија на Џинс Кефер (со тунис жолта боја). Во март 1974 е следната серија (брилијантно жолта и феникс црвена) за третата серија да заокружи во октомври 1974 година со непал портокалова боја. Кај сите серии се заеднички седиштата обложени со деним и детали од џинс, како нитни, штепови во боја и џебови отстрана. Специјалните модели се препознаваат по црните украси, лентите со натпис Џинс на вратите и назад. Има и спортски тркала, 12-волтна мрежа со греено задно стакло Х4-светла. На тоа доаѓаат уште патосници и мерач за гориво. Доплатата е 400 дојчмарки. Од есента 1973 до јануари 1975 година, Џинс Бубата со мали отстапки е изработена во уште три специјални серии.
1974
Скусување опрема
Следи диета за 1200. Тркалата остануваат без поклопки, а исто и касетата пред совозачот. Кој не може да го прифати тоа, ја има на избор 1200 Л, што сега е достапна и во црна боја. Промена е тоа што трепкачите се преселија во браникот.
1975
Воздушно ладење со традиција
Се случи и таа пресвртница. Вау Ве 1200 и 1303 ЛС Кабриолет од Карман се последни со воздушно ладење, заедно со Транспортер. За да се одбележат последните години, додадена е изведба со мотор со 1.600 кубици и 50 КС. Моторот со 44 КС повеќе не се нуди. Останува Л-изведбата, а кај 1200 е новина филтерот за воздух со хартиена влошка.
1978
Вамос а Мехико
Бубата 1200 се сели во Емден, но без моторот од 50 КС, кадешто се произведува уште еден месец, за потоа да најде нов дом во Мексико. Таму се произведува само Л-изведбата.
1981
20-милионитата Буба
На 15-ти мај во Мексико е произведена 20-милионитата Буба. Фолксваген во таа чест ја пушта серијата Силвер Баг. Славеничка плочка е вградена во главата на менувачот. Од оваа година, Буба се произведува без отворот во хаубата. Двата кругови со контролни светилки се преселија во брзиномерот.
1982
Вести од Мексико
По долги децении со пумпа за течност за стакла што работи под компримиран воздух, Бубата конечно доби електрична пумпа. Фолксваген ја поттикна продажбата со две специјални серии. Во пролетта 1982 година пак дојде Џинс Баг, со познатите зафати, но и со радио Залцгитер. Во есента следеше Спешл Баг, со златни украсни лајсни, седишта со каро шара и кожа, и радио Волфсбург.
1984
Бубата е црвена
Специјалната Буба во сомот црвена боја e акциски модел, што освен по специјалната црна боја, се препознава по сините ленти отстрана, по седиштата со црвен велур и сини ленти, и по сините детали од вештачка кожа по вратите. Исто како Џинс Бубата, црвениот Кефер е дело од дизајнерката на Вау Фе, Гунхулд Лилјеквист.
1985
Последна испорака
На 12-ти август, во Емден е истоварена последната бродска испорака од Мексико, со 3.000 примероци од Бубата.
Останатите верзии на Бубата
- Кафер 1100 (1945 до 1953)
- Кефер 1300 (1965-1967/1967-1973)
- Кефер 1302 (1970-1972)
- Кефер 1303 (1972-1975)















