
- Нисан на авто-салонот во Шангај во април го прикажа својот прв пикап со приклучен хибриден погон Фронтир Про.
- Во заедничката компанија на Нисан и Донгфенг почна да работи центар за истражување и развој.
- Намерата е оваа компанија да развие повеќе модели со електрифициран погон, што ќе се извезуваат на светските пазари.
- Нисан годинава ќе ја пушти лимузината со приклучен хибриден погон Теана, со паметен кокпит што е развиен од Хуавеј.
- В година во Кина стартува и продажбата на спортскиот модел З Нисмо.
Нисан Мотор и партнерот Донгфенг отворија нов центар за истражување и развој во Кина, чијашто задача ќе биде да развива пикапи за комерцијална примена, коишто ќе му се придружат на новиот пикап со приклучен хибриден погон Фронтир Про. Тие пикапи ќе бидат наменети за извоз ширум светот.
Веста доаѓа од Џенгџу Нисан, заедничка компанија на огранокот за доставни возила на јапонскиот производител и на кинеската групација Донгфенг Мотор Груп, коешто е добро познато име на македонската сцена и најголем продавач на кинески автомобили на нашиот пазар.
Со овој потег, Нисан ќе може да пристапи до навистина напредната кинеска технологија, при развојот на доставни возила со електричен и хибриден погон, што ќе бидат испорачувани за извоз. Кина ќе биде новата извозна база на компанијата, сооошти огранокот на Нисан во Кина на 15-ти октомври.
Џенгџу Нисан „ќе прерасне во центар за извоз за бизнисот до доставни возила на Нисан, користејќи го кинеското искуство, со цел да се зајакне присутвото на Нисан во светот,“ кажа Стивен Ма, претседател на управниот комитет на Нисан за Кина.
Џенгџу Нисан, основан во северниот кинески град Џенгџу во 1993 година, главно произведува пикапи за марките на Нисан и Донгфенг.
На авто-салонот во Шангај во април, Нисан го прикажа својот прв пикап со приклучен хибриден погон Фронтир Про. Возилото е развиено и се произведува во Џенгџу Нисан. Продажбата во Кина и на извозните пазари треба да започне кон завршетокот на годинава или рано во следната година.
Јапонскиот производител во Кина има уште една заедничка компанија со Донгфенг, којашто произведува и продава патнички автомобили, почнувајќи од лимузини, преку кросовери, до СУВ, од марките Нисан и Инфинити.
На настанот што на 16-ти октомври се одржа во Пекинг, Нисан ја прикажа Н6, хибридна лимузина од компактна класа, со 1,5-литарски бензинец и батерија од 21,1 кВч со хемија литиум-железо-фосфат (ЛФП).
Н6 е третиот модел на Нисан со електрифициран погон што е развиен во Кина, по Фронтир Про и Н7, електрична компактна лимузина што треба да почне со продажба на тамошните пазари во април.
На настанот во Пекинг, Нисан ја прикажа и новата Теана. Тоа е прв модел на Нисан со мотор со внатрешно согорување, што поседува паметен кокпит од кинескиот технолошки гигант Хуавеј.
Н6 и новата Теана ќе почнат да се продаваат во Кина пред завршетокот на годинава.
Видеото од тестот на хибриден Фортинг, модел на Донгфенг
Кинескиот пазар забрзано преоѓа на електрични возила и тоа е причина за падот (-12%) на локалната продажба на Нисан во 2024 година, петта година по ред.
Во првите девет месеци од годинава, јапонскиот производител во Кина има продажба намалена за 8 проценти и продадени 457.138 возила.
За да заживее продажбата, планот е в година да почне продажбата на спортскиот модел З Нисмо во Кина.















