
„Се очекува просечната годишна продукција на идниот ЕВ2 во фабриката во Жилина, во Словачка, да достигне околу 100.000 примероци во 2027 година,“ изјави претседателот на Киа и извршен директор Хо Сунг Сонг, за Аутомотив Њуз Европа на 1-ви октомври.
Тој додаде дека Киа планира да го зголеми и производството на поголемиот електричен модел ЕВ4 во фабриката во Жилина, на преку 80.000 примероци до 2027 година.
„Со дополнителната продукција во Кореја, вкупната светска продукција на ЕВ4 се очекува да достигне околу 100.000 примероци,“ кажа директорот.
Обраќајќи се на настанот за медиуми во Сеул, по повод претставувањето на компактниот ЕВ5 и на ванот ПВ5, Сонг наведе дека Киа има цел да достигне продукција од 100.000 примероци од двата модели, од малечкиот градски автомобил ЕВ2 и од компактниот модел ЕВ4, затоа што само со тој обем на производство може да се постигне профитабилност, како за добавувачите, така и за производителот на автомобилот.
Целите што ги поставува Сонг за производството во Жилина се значително поголеми од предвидувањата со коишто Киа Европа излезе во август. Извршниот директор на Киа Европа, Марк Хедрих, изјави за Аутомотив Њуз Европа дека целта за производство на 20.000 до 30.000 примероци од ЕВ4 во 2026 „сигурно има смисол“ и додаде дека заедничката продукција на ЕВ4 и ЕВ2 може да достигне до 10 и 20 проценти од вкупното производство на автомобили во фабриката во истата година.
Жилина може годишно да произведе 320.000 возила, односно по потреба да се прошири до 350.000 возила.
Претставници на Киа Европа во допис со АНЕ наведоа дека се сменети плановите за производство, откако купувачите и новинарите искажаа позитивни реакции за лансирањето на ЕВ4 во август.
Киа ќе вложи 108 милиони евра за да ги произведува ЕВ4 и ЕВ2 во Жилина.
Производството на ЕВ4, прв електричен автомобил што Киа го произведува во Европа, започна на 20-ти август. ЕВ2, којшто ќе биде најдостапниот ЕВ на Киа во Европа, почнува со производство в година.
Во Јужна Кореја, Киа изработува комбилимузинска изведба од ЕВ4, којшто исто така се продава во Европа.
Киа се надева дека со локализирањето на производството на ЕВ ќе го задржи силниот раст што го постигнува со електричните автомобили во Европа. Киа до август продаде вкупно 354.383 автомобили, што беше пад од 3 проценти, но затоа значително се зголеми продажбата на електрични автомобили, за 56 проценти, на вкупно 71.179 возила.
Главен модел за тој раст е ЕВ3, којшто за осум месеци додаде 45.269 нови продажби на Киа. ЕВ3 е воедно втор најпродаван модел на Киа во Европа, по Спортаж (99.574) и 7-ми нјапродаван БЕВ во Европа.
Киа сака да ја испочитува целта за нулта емисија по 2035 година
Хедрих, кој го презеде раководењето со Киа Европа во 2024 година, не ги подржува намерите на ЕУ да го откаже првичниот план, по 2035 година да запре продажбата на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување.
„Имаме лавина од електрични автомобили што надоаѓаат, и ако одеднаш треба да запреме со лансирање на ЕВ, тоа ќе нé чини прескапо,“ изјави тој за Аутомотив Њуз Европа во август.

Забелешките на Хедрих укажуваат на големите вложувања на јужнокорејскиот производител за проширување на својата понуда од БЕВ, со цел да ги достигне роковите на ЕУ.
Целта на Киа е БЕВ да учествуваат со 74 проценти во вкупната продажба на Киа во Европа во 2030 година, наспроти 20 проценти до август годинава.
Киа во Европа го лансираше целосно електричниот гран-туризмо ЕВ6 во 2022 година, по него следеше големиот ЕВ9, па лани и ЕВ3. Во септември се придружи ЕВ4, а до завршетокот на годинава ќе пристигнат и првите примероци од компактниот СУВ-модел ЕВ5 од Јужна Кореја. В година, шести модел во понудата во Европа ќе биде ЕВ2, од фабриката во Жилина.
„Имаме најдобра понуда од ЕВ во светот,“ кажа Сонг. „Од ЕВ6, почнавме да користиме наменски платформи за ЕВ и тоа се исплатеше.“















