Клубот АДАК тестираше 31 модел на зимски гуми, повеќе од кога било досега. Сите модели на гуми, од евтини, преку поволни, до премиум гуми, ги чекаа истите предизвици: Снег, мраз, дожд, сув пат.
Гуми од непознати марки го освојуваат пазарот?
Гудјир, Мишелин и Континентал се докажани марки на гуми и на повеќето возачки и возачи им се добро познати. Но, како стојат нештата со Ландсејл, Петлас или Радар. Одвај дека некој има слушнато за овие марки на гуми.
Но, откако постои можноста за купување гуми онлајн, многу е поголема веројатноста да се наиде токму на такви гуми од непознати марки. Во онлајн-продавниците се наоѓаат бројни непознати производители на гуми, покрај познатите марки. Секако дека постојат и вообичаени продавници што продаваат такви марки. Зошто? Затоа што производи коишто главно потекнуваат од Далечниот Исток, обично се нудат по многу пониски цени, отколку гумите од познатите марки.
Лесно е човек да се заведе со евтини понуди. Кога гуми со име Стар Перформер Стратос УХП се продаваат по цена од 95 евра по парче (сите цени во Германија), а Мишелин Пилот Алпен 5 чини 177 евра, со непознатите гуми ќе се заштедат 328 евра за цел комплет од четири гуми. Таквата вест се шири брзо!
Гуми од сите ценовни категории се тестираат од АДАК
Но, внимателно! Кој мисли дека сите зимски гуми се исти и се добри, се наоѓа во голема заблуда, како што покажува новиот тест на зимски гуми на АДАК. За да се прикаже целосната слика на пазарот, АДАК овојпат тестираше 31 зимска гума со димензија 225/40 Р18, повеќе од кога било досега.
На тестирачите од АДАК им беше важно да обезбедат гуми од сите ценовни категории: Од најдостапните, преку просечните, до гуми со повисоки цени. Овие три категории во браншата се водат како „буџетски“, „квалитетни“ и „премиум“ гуми. Не постојат точни граници и не е исклучено „буџет гума“ да биде поскапа од „квалитетна“ гума.
Резулатите од тестот на зимски гуми со димензија 225/40 Р18Х/В (2025) · ADAC
Во табелата јасно е прикажано како поминаа тестираните гуми во одделните критериуми.

Дури 11 модели на зимски гуми со најниски цени добија „единица“
Единаесет модели на гуми имаат мизерни резултати и сите гуми се од најниската ценовна категорија. Тие заостануваат и со квалитетот во целина, како и со зимските својства. На ЦСТ Медаљон Винетр ВЦП1, исто како и Петлас Сноумастер 2 Спорт и Нанканг Винтер Актива 4 им недостига добар контакт со патот. Поради тоа, возилото за тест уште рано почнуваше да прилизгува на снег. Ландсејл Винтер Ландер не запира на снег, а Евергрин ЕВ66 продолжува да лизга на мраз.
Посебно загрижува тоа што на сите овие гуми се наоѓа снегулка („алпски симбол“) отстрана, што упатува на заклучок дека тоа и официјално се гуми наменети за зима.
Но, некои кандидати на тестот имаа толку долг пат на сопирање дури и на влажна подлога, што на човек ќе му се крене коса на глава. При целосно запирање од 80 километри на час, разликата меѓу најдобрите и најслабите гуми на тестот, изнесува преку 15 метри. На местото на коешто возилото за тест имаше запрено со Гудјир Ултрагрип Перформанс 3 (најкус пат на тестот), со гуми Сајрон Еверест 2, истото тоа возило пролетуваше со 46 километри на час. На графикот со должината на патот на сопирање од 80 километри на час на влажен пат јасно се воочуваат разликите меѓу тестираните гуми.
Должина на пат на сопирање на тестираните гуми на влажен пат од 80 км/ч (ADAC)

Сепак, постојат исклучоци кај „буџет гумите“. Тестирачите на АДАК оценија модели со „доволно“ во поглед на безбедноста во возење. Тоа се Матадор МП93 Нордика и Момо В-20 Норт Пол, коишто имаат помали слабости, но и покрај тоа може да бида прифатлива замена за возачи што не возат многу.
Квалитетните гуми обично се во средината
Тоа важи и за повеќето од „квалитетните гуми“, односн за гумите од средната ценовна категорија. Осум од единаесет претставници од оваа категорија добија оцена „добро“. Со тоа, тие заслужуваат да се најдат на списокот за купување, доколку се погледнат деталите и се оцени дали нивните силните и слаби одговараат според зимското секојдневие на возачот.
Клебер Крисалп ХП3, Нокиан Тајерс Сноупруф П, Сиат Винтердрајв, Јуниројал Винтер Експерт, Фулда Крустал Контрол ХП2, Семперит Спид-Грип 5, ГТ Радијал Винтер Про 2 Спорт, Гити ГитиВинтер В2 исто така не се лоши гуми.
АДАК не може да даде препорака за три гуми од средниот ценовен сегмент. Тоа се Фаерстоун Винтерхок 4, Максис Премитра Сноу ВП6 и Аполо Аспајер Икс П Винетр. Фајерстоун во основа е добра зимска гума. Таа е добра на мраз и снег, но сето тоа е залудно кога гумата не држи добро на сув пат и покажува небезбедни возни својства, посебно при нагло избегнување пречка. Слично се однесуваат Максис и Аполо.
Премиум гумите се најдобри
Главната одлика на премиум гумите се врвните перформанси во секој критериум според којшто се оценува. Шест гуми заслужија оцена „многу добро“, и сите се премиум гуми. Тоа се Гудјир УлтраГрип Перформанс 3, Мишелин Пилот Алпин 5, Бриџстоун Близак 6, Данлоп Винтер Спорт 5 не покажаа слабост во ниту едно поглавје. Ханкук Винтер ај*септ ево3 В330 и Континентал Винтер Контакт ТС 870 П имаат мали отстапки само во безбедноста во возење.
Моделите што се први во табелата и тие што се на опашот, се два различни светови.
Јасно е дека и тука постојат разлики. Мишелин Пилот Алпин 5, во зимски услови се покажува во подобро светло од гумите на Ханкук (едните имаат оцена 2,1, другите 2,6). Во поглед на заштитата на животната средина, не постои гума што се приближува до Гудјир УлтраГрип Перформанс 3, со високата километража (76.000 километри) и мало абење. Поради тоа, овие гуми се победнички на тестот. Но, нема да се погршеи со која било од шесте гуми што се на врвот.
Заклучок
Англискиот израз „ју гет вот ју пеј фор“ ја докажува својата веродостојност на овој тест на гуми. Кој ќе плати повеќе, добива повисок квалитет. Во овој случај, тоа се шесте тестирани премиум гуми.
Во средната ценовна категорија (квалитетни гуми), квалитетот е само просечен, но сепак се добива квалитет што е задоволителен, доколку се имаат предвид одредените слабости.
Скржавшината тука е погрешна, затоа што не може да се скржави со безбедноста. Тоа го покажуваат единаесетте гуми од евтиниот сегмент (буџет гуми) што не заслужија препорака. Исклучок се двата модели што се издвојуваат.
















