Македонскиот пазар на нови автомобили денес можеби не е толку силен како до 2010 година, кога годишно се продаваа далеку над 10.000 нови возила, меѓутоа едно име што со децении беше непобедливо во пазарната трка, на пат е да ја врати големата слава: Фиат Гранде Панда е меѓу најдостапните модели на пазарот, со таа напомена што достапен автомобил денес изгледа многу позрело и попретставително.
Долго време се зборуваше дека Фиат ќе пушти поголем модел со стилот на „големата“ Панда, веројатно најголемиот малечок автомобил на светот – само по Чинквеченто. Како тогаш се замислуваше изгледот на идната Панда, беше покажано со студијата Чентовенти од 2019 година. Следниот чекор беше квинтетот концептни автомобили – Сити Кар, Пик Ап, Фастбек, СУВ и Кампер. Првиот од нив го имаше испишано името Панда на вратите, и стана јасно дека тоа ќе биде конечниот изглед.
Поради големата побарувачка за постоечката Панда, Торино реши наследничката да ја поткачи во првиот повисок сегмент, во сегментот на Б-СУВ моделите. Панда и Гранде Панда ќе се продаваат заедно во следните години, со разликата во цената и во просторноста што ќе им го овозможи паралелното опстојување.
Гранде Панда точно во почетокот на есента созреа за својата македонска премиера. Во салонот на Аутомобиле СК во Скопје се изложени два примероци, едниот во највпечатливата изведба Ла Прима, во „рекламната“ жолта боја што тука следи бесплатно, вториот во средното ниво на опременост Ајкон и во бледо зелена боја, со којашто Италијанците веројатно ќе повлечат нов тренд.
Погонската спрега секогаш е истата, тоа е 1,2-литарски турбо бензинец со 101 КС, во комбинација со 6-степен автоматски менувач со двојна спојка, во којшто е вграден електромотор со моќност од 29 КС. Јасно е, станува збор за благ хибриден погон, најефикасниот погон за градско возење, кога станува збор за вложено и добиено во поглед на скусување на потрошувачката.
Линк до Фиат Гранде Панда на лагер во Аутомобиле СК
Вообичаено за Смарт Кар, Фиат Гранде Панда постои и во целосно електрична изведба, меѓутоа македонската автомобилска сцена уште не е разбудена околу електричниот погон и верува дека тоа е „погон на иднината“, а тоа реално веќе е погон на сегашноста.
Третата погонска изведба ќе биде неелектрифициран 1,2-литарец со 101 КС, со мануелен менувач. Со тоа и цената ќе се доближи до сродниот Ситроен Ц3, којшто веќе се нуди во таква изведба и веќе има надминато 100 продажби.
Основното ниво на опременост Поп чини редовни 18.990 евра, односно 17.990 евра со промотивниот попуст. Тоа е изведба што увозникот веројатно ќе ја воведе во понудата подоцна, затоа што во моментов треба да се гради имиџот на Гранде Панда, а тоа ќе биде задачата на врвната Ла Прима и на средното ниво Ајкон.
Во Поп се добиваат клима уред, автоматски светла, дигитални инструменти, држач за телефон (којшто ќе има функција на инфо-забавен систем), команди на волан, 6 воздушни перници, систем за задржување во лента, самостојно запирање при опасност од судир, камера за знаци, предупредување за замор и електрична паркирна сопирачка.
Средното ниво Ајкон чини илјада евра над тоа и додава предни и задни светла со точкеста графика, диодни дневни светла, каросериски додатоци во сјајна црна боја, електрика на задни прозорци и на ретровизори, темпомат и радио со дисплеј од 10,25 инчи.
Ла Прима со цената зафаќа во сегментот на компактите, но затоа и нуди луксуз. За 21.990 евра следат 17-инчни тркала од лесен метал, затемнети задни стакла, кокпит обложен со платно што личи како бамбус, меко обложен волан, автоматски клима уред, седишта обложени со престижен материјал, задна камера, сензори напред и назад и уште десетина ставки. Единствена опција е зимски пакет, со греење на ветробран, на волан и на предни седишта, што чини 750 евра.
View this post on Instagram
Кај останатите нивоа исто така може да се доплати за пакети, коишто нудат повеќе ставки, но се составени логично и без трикови, така што може едноставно да се дојде до саканата конфигурација.
Следно е Фиат веќе од почетокот на следната година да се врати меѓу десетте најпродавани модели на македонскиот пазар.















