Бахус Класик Кар Рели ќе го одбележи своето крштевање со достојна свеченост, кога две дузини тимови со историски возила од Европа, вечерта во сабота на 27-ми септември, ќе возат церемонијален круг во самото јадро на центарот на Скопје. Патешествието со вредните олдтајмери и јангтајмери во следните денови продолжува кон Гевгелија, понатаму кон Солун и до Халкидики, па назад кон Битола и Охрид, бигорски Манастир, за релито на 3-ти октомври да се врати на поаѓалиштето.
Познати имиња од македонската автомобилска сцена, организaтори на собири од типот на Конкурс д’Елеганс, мото собири и релија со олдтајмери во изминатите 20 години, внесуваат нов проект во своето портфолио. Бахус Класик Кар Рели е проект на Игор Стефановски – Ила и Благоја Петровски, којшто годинава ќе го има своето крштевање и почнува со настан што уште од стартот ќе го привлече вниманието на сцената.
Бахус Класик Кар Рели, како што соопштуваат организаторите, е настан којшто води по патот на виното низ државата, но тука има и „одлична национална кујна, прекрасна недопрена природа, историски места и култура што е стара повеќе од 15 векови“.
Во седумте денови на Бахус Релито со олдтајмери, ќе се поминат преку 1.000 километри. Патот ќе ги води учесниците на релито преку планини, долини, езера, па и покрај Егејското Море. Ќе се посетуваат винарии, манастири, музеи, придодни знаменитости под заштита на Унеско и ресторани.
Настанот ќе биде најавен во почетокот на следната недела, со конференција за медиуми во хотел Хилтон, кога Стефановски и Петровски ќе ги соопштат сите поединости околу настанот. Во секој случај, повикувајќи се на долгогодишното искуство, треба да се очекува нов стандард во организирањето на овие престижни собири.
Во следната недела ќе пристигнат и дел од скапоцените и ретки олдтајмери, главно од Германија, коишто на шлепер ќе допатуваат до Македонија. За првата година, учеството го потврдија околу дваесетина тимови од повеќе држави во Европа. Од Македонија ќе учествуваат четири возила.
За следните настани, веројатно ќе биде уште поголем одѕивот, откако учесниците на релито ќе ги споделат своите искуства пред европските медиуми.

Организаторите во изминатите две години учествуваа на повеќе настани од овој вид, вклучувајќи ја Класик Гала Швецинген, каде што пред две седмици, Стефановски и Петровски изложија три олдтајмери на својот штанд. Бахус Класик Рели настапи и како спонзор на настанот во близина на Манхајм и Хајлделберг, во Германија, послужувајќи и македонско вино.

Фиатот 850 и Абартот на организаторите беа меѓу повпечатливите возила во Швецинген, меѓутоа најмногу се издвои „мопфот“ на Максим Петровски, најмлад учесник и победник во категоријата. Бахус Класик Кар Рели беше најавуван низ претходните години и на настани во Баден-Баден, Сар Лор Лукс, Штутгарт. Беше организирана и наградна игра, за бесплатно учество на релито.
Меѓу спонзорите на настанот што заљубениците во автомобилската сцена го очекуваат со нетрпение, се големите винарии Стоби, Тиквеш и Бовин.
За настанот е организиран посебен вебсајт, со главните поединости за Бахус Класик Кар Рели https://www.bacchusclassic.com/
Одредиштето за саботната вечер, на 27-ми септември, веќе е познато. Прво собир на Плоштад Јадран и ноќна воведна етапа, потоа круг низ Скопје и прв брифинг во хотелот Мериот.
Со среќа!
















