
- Ауди Концепт Ц воведува нова филозофија на дизајнот, којашто се води како „радикална едноставност“ и воедно го најавува идниот ТТ, што треба да стартува во 2027 година.
- Концепт Ц има преклоплив цврст покрив и во исто време ги привлекува заљубениците и на купеата и на кабриолетите.
- Серискиот модел ќе биде достапен во изведби со електричен погон и со мотори со внатрешно согорување.
Ауди со Концепт Ц воведува нов дизајнерски јазик, што се нарекува „радикална едноставност“. Двоседот со електричен погон го потврдува и доаѓањето на четврата генерација на спортскиот модел Ауди ТТ, што треба да се случи во 2027 година.
Концепт Ц првпат беше прикажан пред јавноста на 2-ри септември во Милано. Следно одредиште на автомобилот е Минхен, каде што на 8-ми септември почнува салонот ИАА Мобилити 2025. Луксузната марка на концернот Фолскваген со овој модел ќе го врати сјајот, што малку избледи во изминативе години и подзаостана зад конкурентите Мерцедес-Бенц и БМВ.
Концепт Ц е првиот модел што е дело на главниот дизајнер Масимо Фрашела, кој во февруари 2024 година дојде во Ауди од Џагјуар Ланд Ровер.
Автомобилот може да постигне исто влијание врз имиџот на Ауди, како концептот на суперавтомобил Авус од 1991 година. По него следеше и концептниот ТТ во 1995 година. По неколку години од прикажувањето на Авус, Ауди влезе во сегментот на суперспортски автомобили со Р8. Истата судбина ја доживеа и концептниот ТТ, од којшто произлезе достапно спортско купе со истото име, со привлечен излгед и со техника од ФВ Голф.
Серискиот модел што ќе следи по Концепот Ц ќе биде многу повеќе од автомобил за привлекување внимание, кажа во интервју извршниот директор Гернот Делнер. „Ќе заработуваме од него,“ кажа тој.
Уште се преговара околу името што ќе го добие серискиот модел. „ТТ е опција, но автомобилот е поголем (од последниот ТТ) и можно е да добие друго име,“ објасни Делнер.
За продажбата на светскиот пазар се очекува вредност „во ниското петцифрено подрачје“, додаде директорот.

Фрашела опиша дека концептот е „87 проценти“ од изгледот на серискиот модел, што тој го најави како прв модел со новата дизајнерска филозофија наречена „радикална едноставност“ на Ауди.
„Радикалната едноставност е во срцето на нашиот пристап. Постигнуваме јасност со тоа што сé сведуваме на основното,“ кажа Фрашела. Тој додаде дека тоа не се однесува само на надворешноста на возилото, туку и на внатрешноста.

Фрашела цени дека со овој пристап се постигнува колата да биде посакувана вон рационалното доживување, за емотивната привлечност да игра важна улога во дизајнерската филозофија. „Сакаме да формираме марка што ќе биде способна да инспирира желба и да создаде културно влијание,“ кажува дизајнерот.
Новото лице на марката Ауди се одликува со впечатлива вертикална маска, со светлосен потпис што го создаваат четири хоризонтално поставени елементи во секое предно и задно светло.
„Погледнавме назад за да сфатиме како да одиме напред“, вели Фрашела. „Рамката оддава претставителност, идентитет. Таа е срцето на нашето ново лице.“

Вертикалната рамка го создава средиштето на новиот нос, од којшто потекнува целиот структурен волумен на возилото, објаснуваат од Ауди. По инспирација од Ауто Унион Тип Ц од 1936 година и од третата генерација на Ауди А6 од 2004 година, лицето на концептниот автомобил има јасна, исправена форма, што оддава претставителност и идентитет, кажува производителот.
Ауди наведува дека силните раменици го создаваат волуменот на двоседот Концепт Ц. Пропорциите ги одредува тоа што батеријата е поставена средишно и кабината проидолжува наназад.
Следниот ТТ ќе поседува преклоплив цврст покрив; Избор од електричен или бензински погон
Ауди првпат користи преклоплив цврст покрив со електрично задвижување во родстер. Тој ќе биде одлика на следната генерација на ТТ, што се очекува во 2027 година.
Преклопливиот цврст покрив поседува два елементи што дозволуваат возилото да ја задржи формата на монолит, а пак овозможува ужување во возење без покрив, опишува проиводителот.
Во трите генерации на родстер изведбата на ТТ, почнувајќи од 1998 година, Ауди користеше платнен покрив.

Четвртата генерација на моделот ќе биде понудена само како родстер со преклоплив цврст покрив и ќе може да се избира меѓу електрична и бензинска варијанта.
Делнер кажа дека преклопливиот покрив ќе им се допадне на заљубениците и во купеа и во кабриолети.
Ауди во периодот од 1998 до 2023 година произведе 662.762 примероци од ТТ во трите генерации. Завршната серија беше пуштена во продажба во 2023 година, поради ослабнатата побарувачка за возила од тој сегмент. До јули годинава, на европскиот пазар беа продадени 16.726 купеа и кабриолети, покажуваат податоците од Датафорс, што претставува пад од 9,6 проценти во споредба со истиот период лани.
Концепт Ц ќе биде прв Ауди создаден според новата дизајнерска филозофија „радикална едноставност“.

Јасноста „ќе го води Ауди“ вели извршниот директор
„Начинот на којшто ги дизајнираме нашите возила е начинот на којшто ја оформуваме нашата компанија“, кажа Делнер.
Ауди наведува дека новата дизајнерска филозофија со тоа е корпоративен принцип што ќе се пренесува во дизајнот на понудата од модели, исто како во организациската структура на компанијата.
„Јасноста е етос и компас што ќе го води Ауди низ годините што претстојат,“ опишува Делнер, објаснувајќи дека компанијата ќе се посвети на тоа што навистина е значајно, за да постави стандарди во дизајнот и во квалитетот.
Ауди до јули продаде 383.280 возила на европскиот пазар, додека Мерцедес-Бенц и БМВ постигнаа соодветно 418.168, односно 473.892 продажби, покажуваат податоците на Датафорс.
„Темелите за новото насочување на компанијата се поставени,“ кажа Делнер.
















