Џорџето Џуџаро преживеа пад во провалија, Ландоверот му го спаси животот

Еден од најголемите дизајнери на автомобили во историјата, Џорџето Џуџаро, имаше среќа што преживеа.

Италијанецот што има нацртано некои од најпознатите модели, меѓу нив и првиот Фолксваген Голф, при неодамнешната незгода во којашто неговиот Ланд Ровер Дефендер падна во провалија, се здоби со незначителни повреди.

Незгодата се случила на 25-ти јули, на италијанскиот остров Сардинија. Неполни два месеци пред тоа, Џуџаро беше одликуван со Награда на Векот од Аутомотив Њуз, за време на конгресот што беше одржан на 12-ти јуни во Торино.

Џуџаро во својата кариера има нацртано преку 200 автомобили, почнувајќи уште од тинејџерски години. Во продолжение е преведеното писмо што тој го испрати до италијанскиот дневник Ла Стампа.

Минав 70 години во дизајнирање автомобили, замислувајќи линии што претставуваа и убавина и функција, облини што пренесуваа брзина, соништа, иднина.

Од Фиат Панда до Фолксваген Голф, од Ланчиа Делта до Де Лореан, до автомобилот што направи барем нашите желби да патуваат низ времето, секој од тие автомобили претставуваше дел од мене, дијалог меѓу челикот и душата.

Голф и прототипот ЕА 276. Дизајнот на Џуџаро придонесе за германскиот автомобил да се издвои на сцената, целосно различен од неговата претходничка, Бубата

Но, денес не ви зборувам како дизајнер. Зборувам како човек, како 87-годишен човек, кој за малку се спаси и може да ги напише овие зборови.

Пред неколку денови, на остар свијок во Абиадори, Сардинија, мојот автомобил доби напад на бес. Застрашувачка незгода, од оние во коишто се гледа границата меѓу животот и непостоењето. И пак, тука сум, со пукнати три долни прешлени, со ортопедска лонгета и со голема шелба да се вратам на мојата цртачка машина.

Жив сум.

А, тоа го должам на технологијата, што јас, во мојата малечка улога, помогнав да добие форма. Доколку бев во автомобил од пред 15 години – што е просечната старост на автомобилите на италијанските патишта – веројатно немаше да бидам тука за да раскажувам.

Статистиката не лаже: Нов автомобил, со своите безбедносни својства, нуди седумпати поголема шанса да се преживее незгода, во споредба со автомобил од пред 15 години. Јас сум жив доказ за тоа.

Мојот автомобил, со безбедносни ремени со паметни предзатегнувачи, со воздушни перници насекаде, со зајакната каросерија со прогресивна деформација, послужи како заштитна школка. Се решаваше меѓу епилог и нов почеток.

Но, тука се отвора рана: една од тие рефлексии, што се посериозни од згмечено теренско возило.

Безбедноста денес е луксуз.

Тие што можат да си дозволат нов автомобил имаат подобра шанса да се вратат живи дома. Во 2024 година, во Италија имало 173.364 незгоди на пат.

Колку од тие возачи, во застарени автомобили, немале среќа како мене?

Технологијата спасува животи, но тоа спасување има висока цена. А тоа, за некој како мене, што секогаш сакал да дизајнира автомобили за сите, е мачна мисла.

Да не ме разберете погрешно: Немам намера да држам лекции по морал. Јас сум само човек што излегувајќи од превртен автомобил, погледнав во ретровизор и видов не само преживеан, туку и привилгиран човек.

Спасувачите пристигнаа, но тие не мораа да ме извлекуваат од згмечен метал. Јас веќе бев застанат, набљудувајќи ја катастрофата со смиреност на некој, што веројатно, поминал цел живот кротејќи го хаосот на празен лист хартија.

Мојот син Фабрицио вели дека сум вознемирен, и вистина е: Нема да бидам во состојба во август да се качам на мојот велосипед, а оваа ортопедска лонгета ќе ја влечам неколку месеци. Но, тоа се ситници. Детали.

Јас имам 87 години и уште уживам да ја обликувам судбината според моите правила. Јас го дизајнирав 20-от век. Обликував машини по коишто набљудувачите уште се вртат. И нема да запрам. Оваа незгода не е крај, туку потсетник: Животот е остар лакт и потребен е добар автомобил за тој лакт да се совлада.

Сега сум веќе во Торино, во моето креативно засолниште, каде што идеите не запираат, дури и со ортопедска лонгета. Од оваа незгода можеби ќе произлезе нова линија, нов пристап при размислувањето околу безбедноста. Иднината, исто како автомобилите, се создава чекор по чекор. Ве уверувам дека имам уште многу празни листови да ги исцртам.

Претходна објаваНисан сака со електричната Микра да ги освои жените
Следна објаваЏенерал Моторс ќе увезува батерии за електрични автомобили од кинески КАТЛ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here