Хет трик на Мерцедес-Бенц Ванс: Прототипите од идната серија ВЛЕ се докажаа во подрачјето на аеродинамичноста, во ефикасноста при високи брзини на автопат и во должината на досегот.
Мерцедес-Бенц Ванс најавува нова ера во поглед на електричниот погон, со целосно новата моделска серија ВЛЕ. Со простор за осум патници, ванот нуди приспособливост за сите потреби на едно семејство, одговара и за сопственици што активно го користат слободното време, а секако, како Мерцедес одговара и како шатл, за скапи хотели и угледни конгреси.
Главни тежишта при развојот се дизајнот, приспособливоста и погодноста за секојдневна примена. Марката со сребрената ѕвезда го гледа својот ВЛЕ како спој на возни својства на лимузина со многустраност на МПВ – кратенка што во време на СУВ-владеењето одамна ја имавме заборавено, но се враќа на сцената, посебно кај премиум производителите.
Инженерите на Штутгарт јавуваат за три големи достигнувања при развојот на ВЛЕ, коишто главно се однесуваат на ниската потрошувачка на енергија. Трите дисциплини:
Аеродинамичноста доби потврда во воздушен тунел
ВЛЕ беше ставен на тестирање во најразлични конфигурации во прочуениот воздушен тунел на Мерцедес-Бенц во Штутгарт. Рамниот покрив што преоѓа во меко заоблен опаш и претставува одлика на новиот дизајн на Гранд Лимузините на Мерцедес-Бенц, придонесува за врвно низок отпор на воздух.
Прототипите во моментов се максимално маскирани со цврсти облоги за да се сокрие силуетата, меѓутоа и такви постигнаа одлични резултати при тестирањето на аеродинамичноста. Податокот за коефициентот на отпорот за воздух во моментов не се соопштува, се чека изненадувањето.
Возење со висока брзина на овална патека
На патеката за тестирање во Нардо, во јужна Италија, инженерите на Мерцедес-Бенц ја усовршија ефикасноста на ВЛЕ при динамични тестови и високи брзини. Главното внимание беше фино да се нагоди работата на електричната погонска спрега, управувањето со топлината и контролата на рекуперацијата (повраток на енергија при сопирање). Мошне суптилно, Штутгарт наведува податок дека задната оска е управувана, што секако ќе биде плус и за возните својства.
Возење на долг пат од Штутгарт до Рим
Мерцедес-Бенц неодамна соопшти за позитивниот исход од тестот на долги патеки, со поминати близу 1.100 километри од Штутгарт до Рим со само две запирања на брз полнач, во времетраење од по 15 минути. Возило што семејствата ќе го користат за патување на одмор, секако дека треба да одговара и за долги релации, по различни видови пат.
ВЛЕ е почеток на нова ера на Мерцедес-Бенц Ванс
ВЛЕ ќе почне со продажба во 2026 година и прв модел е што ја користи новата, модуларна и скалеста платформа за ванови. Целта со новата платформа беше да се постигне различен карактер меѓу т.н. Гранд Лимузини (ВЛЕ и идниот ВЛС) и доставните возила што се наменети за професионална примена и ја користат истата платформа.
Додека ВЛЕ, според ознаката, треба да се движи на ниво на Е-Класа, исто како што ГЛЕ е „Е-класа“ меѓу теренците, така и идниот ВЛС ќе биде ориентиран како припадник на семејството на С-Класата, покрај ГЛС – со важната напомена, дека станува збор за целосно електирчни модели.















