Рено Бореал ја користи Дачиа Бигстер како основа, производство во Турција и Бразил

Рено Бореал е долг 4,55 метри, има 2,7 метри меѓуоскино растојание и тоа е слично со Дачиа Бигстер, со којшто дели голем број заеднички компоненти.

Бореал има клучна улога во Интернационалниот Гејмплан од 3 милијарди евра на марката Рено. Овој план има за цел да ѝ обезбеди пробив на француската марка на пазарите во развој. Намерата на Рено е двојно да ја зголеми добивката по секое возило продадено надвор од Европа, во споредба со 2019 година.

Моделот имаше премиера пред медиумите на 9-ти јули во Техноцентарот во Гијанкур, во близина на Париз, за еден ден подоцна да следи светската премиера во Сао Паоло, Бразил.

„Амбицијата ни е да ги зголемиме квалитетот и иновативноста во светски размери,“ изјави извршниот директор на марката Рено, Фабрис Камболив. „Бореал го потпомага нашето искачување на повисоко скалило, исто како што претходно направивме во Европа.“

Тој цени дека Бореал е премиум компактен СУВ-модел што е „преполн со иновации“.

Бореал ќе се произведува во Турција и Бразил

За време на шефот во заминување, Лука де Мео, групацијата Рено се префрли од продажба на колку е можно повеќе малечки возила со ниска маржа, на компактни модели со повисока маржа. Де Мео, кој заминува на 15-ти јули, за да раководи со групацијата за луксузни прозводи Керинг (Гучи и др.), постигна рекордна добивка за автомобилскиот огранок на групацијата Рено.

Бореал ќе се произведува во Куритиба, Бразил, од каде што се услужуваат 17 пазари во Латинска Америка, како и во Бурса, Турција, од каде што ќе се покриваат 54 држави, вклучувајќи ги Источна Европа и Медитеранот.

Изгледот на предниот дел потсеќа на концептот на пикап Ниагара

Бореал е конципиран слично со компактниот СУВ-модел Дачиа Бигстер, со којшто дели голем број заеднички компоненти. Каросеријата и внатрешноста сепак се различни. Должината е незначително покуса од Бигстер – 4.556 наспроти 4.570 милиметри – и моделот исто така е незначително понизок, со 1.650 милиметри (Бигстер 1.710 мм). Меѓуоскиното растојание од 2,7 метри е исто кај двата модели.

Предниот дел го зема како пример концептот на пикап Ниагара, што беше прикажан во септември лани. Ниагара треба да почне да се произведува во Јужна Америка, во категорија со носивост до половина тон.

Д-столбовите се слични со Рено Симбиоз, компактен СУВ што користи слична платформа и добро се продава во Европа.

Во кокпитот работи оперативен систем ОпенР Линк на групацијата Рено, со два надолжно вградени екрани од по 10 инчи, слично со Рено 4 и со Рено 5, двата нови електрични модели. Во системот се вклучени функции на Гугл, како Мапи и Асистент.

Внатрешноста може да биде осветлена во 48 различни бои, а друга посебност е изработката со примена на ласер, заради ефект. Електрично местење на седиштата и масажа се нудат во поскапите изведби.

Бореал располага со два екрани од по 10 инчи, поставени слично како кај електричните Рено 4 и Рено 5.

Бореал ќе користи различни мотори на различни пазари. Во Латинска Америка ќе се продаваат изведби со 1,3-литарски турбо-бензинец со 156 КС, односно 163 КС во верзијата со погон на бензин и етанол, додека моделот од Бурса ќе излегува со мотор со 140 КС и вртежен момент од 240 њутнметри (270 во Латинска Америка). Спринтот за најсилната изведба трае 9,3 секунди.

Рено најави и хибриден модел. Бигстер се нуди со хибрид што е базиран врз новиот 1,8-литарски бензинец.

Бигстер се произведува на продолжена изведба од платформата ЦМФ-Б на Рено-Нисан. За светските пазари, Рено ја води оваа платформа под РГМП, односно Модуларна Платформа на Групацијата Рено. Прв модел врз оваа платформа беше малечкиот СУВ-модел Кардиан.

Стратешки центри го штитат Рено од ризици од девизните курсеви и од царини

Во својот Интернационален Гејмплан, што беше најавен во 2023, Рено постави пет сратешки центри – Латинска Америка, Индија, Северна Африка, Турција и Јужна Кореја. Французите вложуваат 3 милијарди евра за осум нови модели за тие пазари. Во секој центар се создава екосистем од добавувачи и производство.

Целта на овие центри е да се спречат штети од неповолни девизни курсеви и од негативни трендови на локалните економии, да се следат локалните и регионалните пазарни услови и да се избегнат царини и даноци, со почитување на правилата на одделните пазари, објаснува Камболив.

Камболив посочи дека интернационалниот план веќе донесе плод. Продажбата на Рено надвор од Европа во првото полугодие порасна за 16,4 проценти, што е заслуга на новите модели, како Кардиан и СУВ-моделот од средна класа Гранд Колеос, што е базиран врз модел на Џили.

Продажбата надвор од Европа учествуваше со 40 проценти во вкупната продажба на Рено во 2024

Рено соопшти дека лани продале 560.000 возила надвор од Европа, што претставува 40 проценти од вкупната продажба.

Останатите модели во тој план се новата Дачиа Дастер, што надвор од Европа ќе се продава со знак на Рено, како и пикап што ќе се произведува во Јужна Америка и базиран е врз концептот Ниагара.

Претходна објаваШто да се одбележи попрво, 50 години на Влатко Стефановски на сцената или 50 години на серија 3 на БМВ – М Кар реши, сé заедно
Следна објаваБрисел и Пекинг без изгледи за договор околу царините за електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here