Окта Блек е рок-ѕвездата на Дефендер

Окта е ознаката на врвната моделска изведба на Дефендер, за којашто сцената уште долго ќе мора да се потсетува дека сега е марка на Џагјуар Ланд Ровер, покрај Рејнџ Ровер, Дискавери и самиот Џагјуар, место да е моделско семејство. Окта Блек е специјална серија и тоа ѝ се познава.

Триесет додатоци во надворешноста на специјалната серија Окта Блек се изработени во сјајна или во сатен црна боја. Во Дефендер би сакале сите „Блекови“ да им бидат нарачани чисто со црна каросерија, меѓутоа пак мораше да се остави простор за отмената клиентела да стави свој печат, па може да се нарачаат мат фолии.

Дефендер Окта веќе еднаш го привлече вниманието на сцената, како изведба што постигнува врвни возни својства и на терен и на асфалт. Сега се случува вторпат Окта да биде главна носителка на вниманието, со изведбата Блек, црна Окта.

Оваа моделска изведба уште повеќе го нагласува врвниот модел на Дефендер, додавајќи дополнителна луксусна нишка во изгледот.

Триесет каросериски додатоци се лакирани или во сјајна црна боја или во сатен црна боја. Дефендер Окта Блек стандардно доаѓа лакирана во боја Нарвик Блек, што е најцрната од сите бои во палетата. Клиентите што ќе сакаат да додадат сопствен потпис во надворешноста, можат да изберат мат заштитен филм

Заштитните плочи напред и назад се изработени во сатен црна изведба, додека завршетоците на издувните цевки имаат сјаен црн финиш. Овалот на Ланд Ровер во маската е црн, со затемнет сребрен испис.

Изборот за тркалата се 20-инчни ковани тркала или 22-инчни тркала во сјајна црна боја, а соодветно и сопирачките клешти се со истиот финиш, со сребрен испис.

Внатрешноста не може да биде во друга боја освен во црна. Првпат во Дефендер се користи полупреработена кожа, со изглед поблизок до природниот, во комбинација со скапо платно од специјалистите Квадрат. Според ЈЛР, материјалот на спортските седишта е помек и попријатен на допир.

Опшивката и перфорацијата на седиштата се различни, потпирачот за грб и потпирачиоте за лакт се во карпати-сива боја.

Сатенскиот црн финиш во внатрешноста е присутен во надолжниот панел на арматурната табла. Опција е карбон, за панелот и за други површини во кабината, како врв на стремежот за луксуз.

Британците потсетуваат дека Окта е највисокиот и најширок Дефендер, воедно и најспособен на терен. Црната боја и досега беше прв избор на клиентите на Окта.

Моќноста доаѓа од 4,4-литарски мотор Ве-8 со 635 КС, што работи како благ хибрид. Посебна гордост на Окта е иновативното водење на тркалата 6Д Дајнамикс, заедно со специјалниот режим на возење Окта, за најтешки терени.

 

Како врвен модел и во луксузот, седиштата во Окта се протресуваат во тактот на музиката. Тоа е плод од соработката со Сабпакт. Аудио системот се состои од засилувач од 700 вати, 15 звучници од Меридиан, сараунд и виброакустична технологија што се користи од најценетите студија за снимање.

Целата гама Дефендер во новото моделско годиште доби нов изглед на предните светла и впуштени задни светла со затемнети леќи. Новина внатре е диспејот од 13,1 инчи со подобра контрола на инфо-забавата.

Окта Блек им се придружува на двете стандардни изведби на Окта, за коишто сега се нудат две нови бои – саргаски сина и бораско сива, дополнително на чарент-сива и петра-бакарна. Кон завршетокот на 2025 ќе биде понудено и обложување со фолија во мат бела боја.

Дефендер е автомобилски партнер во светската турнеја на прочуената музичка група Оејзис и се грижи рок-ѕвездите да пристигнат безбедно и отмено на секоја од 41 локација на турнејата, што почна на 4-ти јули во Велика Британија.

Претходна објаваФиат почна со продажба на новата 500-ка со благ хибриден погон, 17.000 евра во Италија
Следна објаваСамо 15 ќе преживеат: Студија предвидува масовно изумирање на автомобилските марки во Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here