Амалфи го користи истиот 3,9-литарски мотор Ве-8 со твинтурбо натполнење од Рома, но моќноста порасна за 20 КС и изнесува 640 КС. Дополнителната моќност е постигната со зафати во контролата на турбонатполнењето и со зголемување на максималната брзина на турбината на 171.000 вртежи во минута.
Ферари наведува дека коленастото вратило е олеснето за 1,3 килограм, што ќе се почувствува преку подиректна реакција при притискање на педалот за гас.
Аламфи постигнува крајна брзина од 320 километри на час, што е иста вредност со Рома, но затоа забрзувањето до темпо сто трае 3,3 секунди, што е за една десетинка покусо.
Ферари не ја објави цената за Амалфи, но се очекува таа да биде за околу 20 проценти над Рома, пишуваат италијанските медиуми. Испораката ќе започне во 2026 година, нарачките веќе се во тек.
Ферари во првите пет месеци продаде 308 примероци од Рома, што е за 33 проценти послабо во споредба со лани. Нарачките за Рома завршија во 2024 година, со цена за основната изведба од 219.000 евра во Италија.

Повеќето нови модели на Ферари се распродаваат брзо меѓу постоечките клиенти, меѓутоа Енрико Галиера, директор за продажба и маркетинг, вели дека Ферари сака Амалфи да го приближи до нов круг купувачи, коишто инаку би биле ставени на листа на чекање што може да биде долга и неколку години.
За разлика од Рома, што Ферари ја гледа како модел што е „со помалку застрашувачки перформанси“ од останатите модели во својата понуда, Амалфи „се издвојува со ненадминливиот баланс меѓу адреналин и практичност за секој ден“.
„Амалфи е автомобил со две души, уште повеќе отколку што е Рома“, порача Галиера за време на премиерата во Маранело.

Меѓу разликите од Рома спаѓа новиот кориснички интерфејс, којшто се состои од три главни дисплеи: Еден од 15,6 инчи пред возачот, средишен од 10,25 инчи, заедно со контроли за климата и за нагодувањата на возилото, и еден од 8,8 инчи пред совозачот. Место сензорски полиња, на воланот се наоѓаат физички копчиња.

Изгледот на Амалфи е еволуција, со задржување на основната силуета на Рома. Главниот дизајнер на Ферари, Флавио Манцони, го опиша дизајнот како „техно шик“. Меѓу главните разлики од Рома се понискиот нос и спојлерот што се издвојува од носот и лакиран е во боја на каросеријата, со темна впуштена лента по цела ширина, во којашто се сместени светлата и сензорите. Класична маска не постои.

Зелената боја од палетата на Амалфи е инспирирана од рефлексиите што ги создава морето долж крајбрежјето на Амалфи.
















