
Во мај се продадени вкупно 1.107.517 нови автомобили на европскиот пазар, односно вкупно 5.535.831 возила во првите пет месеци од годината.
Во досегашниот тек на годината, пазарот забележи раст од само 0,7 процент во споредба со истиот период лани.
Растот на пазарот доаѓа од кинеските марки
Групациите Фолксваген, Рено и БМВ имаа добра мајска продажба, со раст од 3,3%, 4,6% и 6,3% соодветно. Но, растот кај кинеските автомобилски марки е значително поголем.
Според податоците на Јато Динамикс, во мај биле регистрирани 65.808 возила од кинеските производители, што соодветствува на удел од 5,9 проценти од пазарот. Тоа покажува дека кинеските автомобилски марки го зголемиле својот удел на европскиот пазар за повеќе од двојно, во споредба со 2,9 проценти во истиот месец во 2024 година.

„И покрај воведените царини од страна на ЕУ за увозот на кинески електрични возила, тамошните автомобилски марки продолжуваат со силен раст ширум Европа,“ коментира Фелипе Муњоз, глобален аналитичар во Јато Динамикс. „Нивниот залет главно се темели на одлуката да притискаат на регионот со алтернативни видови погон, како приклучни хибриди и обични хибриди“.
Најпродавани 10 марки во Европа во мај 2025

МГ продаде 28.400 возила во мај, што е раст од 30% во споредба со лани, престигнувајќи го Фиат во досегашниот тек од годината, со 133.400 возила, наспроти Фиат со 125.300 продадени возила.
БИД во меѓувреме постигна раст од 397 проценти во годишна споредба. И покрај силниот раст, на кинескиот шампион му недостигаа само 40 возила за повторно да ја престигне Тесла во мај. Во април, БИД првпат ја престигна марката од САД на европскиот пазар.
Џејку продаде повеќе од Хонда, Омода повеќе од Мицубиши
Меѓу останатите марки со силен раст во мај се Шкода, којашто е втора најпродавана марка, додека Дачиа постигна значително зголемување на бројот на продадени возила. Купра го престигна Сеат во годишна споредба, со раст од 30 проценти.
Понатаму, Џејку ја надмина продажбата на Хонда, со 7.449 возила. Ист е случајот со Омода, којашто со 4.213 возила продаде повеќе од Мицубиши. Липмотор регистрираше 1.723 возила во мај, но не успеа да ги престигне сестринските марки од концернот Стелантис, вклучувајќи ја премиум марката ДС. Кинеската марка продаде повеќе возила и од Ланчиа, којашто има пад од 80% во годишна споредба. Дури и повторно заживеаната шпанска марка Ебро, под којашто се продаваат возилата на Чери произведени во Шпанија, продаде повеќе од Ланчиа.
Масерати продаде за 40% помалку возила, додека бројот на регистрирани возила на Лотус и Абарт падна за 48, односно 78 проценти соодветно. Инеос ја престигна Џагјуар, којашто продаде само 86 возила.
Рено Клио повторно е најпродаван модел
Рено Клио ја предводеше продажбата во мај со раст од близу 12 проценти. И покрај тоа што продажбата е намалена за 10 проценти, Дачиа го обезбеди второто место во мај и го задржа водството во првите пет месеци од годината.

Добри резултати во мај имаа и Фолксваген Тигуан и Дачиа Дастер, додека Фолксваген Голф и Фолксваген Т-Рок имаа пад од 18, односно 10 проценти соодветно.
Меѓу останатите модели со повпечатливи резултати се МГ ЗС – којшто е 15-ти најпродаван модел – понатаму БМВ Икс 1, Сеат/Купра Леон, Пежо 3008, Шкода Кодиак, Џип Авенџер, МГ 3 и Мини Купер.

Од новодојденците, најмногу се издвојува Шкода Елрок со 9.200 продадени возила во мај, односно 24.100 возила до мај. Следи Џејку 7 со продадени 7.449 возила, потоа БИД Сил Ју со 7.100 и Рено Симбиоз со 6.743 возила. Купра Терамар се продаде во 5.445 примероци, Ауди Ку 6 имаше 5.007 продажби, а Фолксваген Тајрон, што во меѓувреме стартуваше на македонскиот пазар, постигна 4.793 продажби.















