Кинески Чери пред договор да произведува во фабрика на Фолксваген во Германија

Чери, кинески производител што притиска за пробив на европскиот пазар, пред договор е да започне со производство во фабрика на групацијата Фолксваген во Германија. Веста доаѓа од извор што е запознаен со случувањата.

Фабриката ќе произведува автомобили за Лепас, нова евтина марка на Чери, посочува изворот.

Чери потвдил дека се водат разговори за производство во Германија, без притоа да биде именувано дека станува збор за Фолксваген. Донесувањето одлука зависи од низа проблеми што треба да се надминат, соопшти Чарли Жанг, потпретседател на Чери Интернационал, на настан за дилери и медиуми, што на 26-ти април се одржа во организација на Аутомотив Њуз Европа, во Вуху, на 350 километри западно од Шангај.

„Треба да го провериме фисибилити планот, поради тоа што во Германија е многу, многу сложена ситуацијата,“ кажа Жанг.

Чери бара јасни одговори за трошоците, ланецот од добавувачи, работничките синдикати и за правната регулатива.

Ројтерс во јануари објави дека неколку неименувани производители на автомобили од Кина се заинтересирани за купат или најмат две фабрики за монтажа на Фолксваген, коишто наскоро треба да се затворат, едната во Дрезден, другата во Оснабрик, како дел од мерките за скусување на трошоците во матичната земја на концернот.

Донесувањето кинески производител како Чери ќе ги израдува работничките синдикати, коишто се лутат за одлуката на Фолксваген за затворање на фабриките. На тој начин и Чери ќе ги избегне царините при извоз на своите возила од Кина во ЕУ.

Претставник од Фолксваген соопшти за Ројтерс дека компанијата не ги коментира гласините.

Продажбата на Лепас во Европа ќе започне во 2026 година со три модели

Новата марка Лепас беше лансирана на 25-ти април и изработува возила што се базираат врз СУВ-моделите од моделското семејство Тиго на Чери. Планот е возилата да се продаваат на светскиот пазар. Првите модели за Европа ќе бидат два компактни СУВ-модели и еден СУВ од средна големина, што ќе се нудат во електрична, приклучна хибридна и бензинска изведба, почнувајќи во 2026 година.

Чери започна со монтажа на возила во Европа кон завршетокот на минатата година, во рамките на партнерството со шпанската фирма Ебро, во поранешната фабрика на Нисан во Барцелона.

Намерата на Чери е да ја осовремени фабриката во Барцелона и да ја зголеми продукцијата на приклучниот хибриден СУВ-модел Чери Тиго. Во шпанската фабрика ќе се произведуваат и електрични изведби на марките Омода и Џејку што ќе се дистрибуираат ширум Европа, најави Жанг.

„До завршетокот на годинава ќе продолжиме со производство под полн капацитет,“ додава тој. Фабриката во Барцелона располага со капацитет за 200.000 возила годишно.

Со префрлување на производството на ЕВ во Европа, Чери ќе ги избегне казнените царини што Европската Унија ги воведе за електричните автомобили произведени во Кина, за на тој начин да надомести за масивните субвенции што државата им ги дава на своите производители на автомобили.

Чери планира од составување полуготови китови да се префрли на локално производство

Во Барцелона во моментов се врши монтажа на моделите Ебро С700, коишто се варијанта на Тиго 7. Чери од својата фабрика во Вуху испорачува полуготови китови (СКД), со лакирана каросерија и готов ентериер, на коишто потоа во Барцелона им се додава амортизацијата, оските, погонските вратила и тркалата.

Чери сепак има намера да го зголеми уделот на локално производство на електричните модели на Џејку и Омода, за да ја убеди ЕУ дека компанијата не го прави тоа со единствена цел да ги избегне царините.

„Верувам дека уделот што потекнува надвор од Кина е над 40 проценти (тоа е условот) и нашата цел е да достигнеме најмалку 50 проценти,“ вели Жанг.

Чери се рекламира како најголем извозник на автомобили од Кина, со 255.465 возила извезени од земјата во првото тромесечје. Компанијата направи мудар потег со што во земјите во коишто ги извезува своите модели врши монтажа на полуготови китови (СКД). Кинескиот производител ги презеде напуштените фабрики на западните производители во Русија, по воените дејствија во Украина.

[the_ad id=”85764″]

Планот е бројот на пазари во Европа во коишто Чери ги продава своите марки Омода и Џејку до завршетокот на годинава да се зголеми од седум на 19, вклучувајќи ги Франција и Германија. Намерата е до завршетокот на 2025 да се потпишат 100 договори за дилерство во Германија.

Во првото тромесечје, марките Омода и Џејку заедно продадоа 15.799 возила во Европа, со само два модели, Омода 56 и Џејку 7.

Поради цените и посредништвата, моделите на Чери во Македонија се неатрактивни за купувачите

Има обиди Чери да продава и на македонскиот пазар, меѓутоа присуството останува во одвај скромни рамки, затоа што во конкуренција на Донгфенг се покажува дека во цената на возилата на Чери во Македонија се вклучени бројни посредништва и канали, што прави возилата да бидат неатрактивни на пазарот.

Претходна објаваТоп 10 најпродавани модели во Европа по сегменти (Дел 2): СУВ од сите класи, компактни, малечки, средни и големи
Следна објаваФерари куси тежина и додава коњи за тркачките изведби на хибридниот 296

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here