
Ц5 Еркрос ќе почне со испорака на главните пазари во Европа во втората половина од годинава, а нарачките почнуваат веќе во јуни. За разлика од сегашниот модел, што е конструиран врз платформа на Групацијата ПСА и не е достапен во електрична изведба, новиот Ц5 Еркрос ја користи новата платформа СТЛА Медиум на концернот Стелантис и се нуди и во целосно електрична изведба.
Втората генерација на Ц5 Еркрос првпат беше прикажана пред јавноста како концептен автомобил за време на салонот на автомобили во Париз во минатата година.
Со 4.650 милиметри, новиот Ц5 Еркрос е 160 милиметри подолг од сегашниот модел. Висината остана непроменета на 1,68 метар, меѓутоа ширината е зголемена за 50 милиметри и сега изнесува точно 1,9 метар.
Меѓуоскиното растојание е долго 2.780 милиметри, што е за 60 милиметри повеќе во споредба со тековниот Ц5 Еркрос. Најголемиот дел од тој пораст оди во корист на патниците на задната клупа, кои добиваат 51 милиметри подолг простор за колената. Дизајнерите на Ситроен посочија дека со тоа ја надминале најголемата забелешка кај тековниот модел.
Висината на просторот за глава на задната клупа исто така е зголемен за 68 милиметри.

Цените во моментов не се објавени. Извршниот директор Тјери Коскас кажа дека Ситроен нема да се обидува со цената да се натпреварува со марки како Дачиа, меѓутоа ќе биде подостапен во споредба со моделите од останатите марки на Стелантис.
„Ние сме во срцето на сегментот на Ц-СУВ моделите,“ изјави Коскас на настанот што се одржа во техничкиот центар на Стелантис во Велиз, во близина на Париз. Во овој сегмент, што сега е најголем пазарен сегмент во Европа, се води најжестока конкурентска трка.
Ц5 Еркрос се издвојува со комфорот што им го нуди на семејствата, истакна Коскас, наведувајќи ги зголемениот простор за нозе назад, новото полнење на седиштата и редизајнираните предни седишта, секако со нагласок на комфорот. Сите три видови погон располагаат со иста големина на багажникот.
Пјер Леклерк, главниот дизајнер на Ситроен, вели дека Ц5 Еркрос е дизајниран со цел да им се допадне на семејствата.
„Сакавме нешто што ќе изгледа како семејно возило,“ открива дизајнерот. „Не одиме на конфигурација од типот на купе.“
Големо влијание врз дизајнот има концептот Ситроен Оли (Ол И), со стил на цврст, одржлив СУВ, со впечатливо рамен ветробран. Во најновите модели на Ситроен, како Ц3 и Ц3 Еркрос, исто како и во Ц5 Еркрос, „ја бараме таа вертикалност, напред и назад, но и прилично насекаде.“
Уште една главна одлика на дизајнот е стеснувањето на линијата на прозорците наназад, за да се постигне контраст со широките крила и на тој начин да се избегне моделот да не изгледа премасивно.

Благ хибрид, приклучен хибрид и две елеткрични изведби
Исто како сестринските модели од Стелантис, Пежо 3008 и Опел Грандленд, новиот Ц5 Еркрос ќе се нуди со три видови погон:
- Благ хибрид со 48 волти и системска моќност од 145 КС, во комбинација од 1,2-литарски трицилиндарец со 136 КС и електромотор од 12 КС вграден во шестстепениот менувач со двојна спојка.
- Приклучен хибрид со системска моќност од 195 КС, со четирицилиндарски мотор од 1,6 литар со 150 КС и електромотор од 125 КС. Ситроен ветува досег до 86 километри при возење на струја, односно преку 100 километри при градско возење.
- Во понуда се две електрични изведби, едната со батерија од 73 кВч и досег до 520 километри, со електромотор од 210 КС и погон напред, вторта со батерија од 97 кВч и досег до 680 километри, со електромотор со 230 КС.
На пазарите надвор од Европа, главно во Турција и на Средниот Исток ќе се нуди и изведба со неелектрифициран погон, со бензинец со 180 КС.
Главнината од продажбата во Европа ќе ѝ припадне на изведбата со благ хибриден погон, соопштуваат директорите на Ситроен. На службени возила за возни паркови ќе отпаѓа половина од продажбата.

Новиот дизајн на внатрешноста на Ц5 Еркрос се заснова врз идејата на софа, со издолжена арматурна табла со нагласок на хоризонталните линии, со звучници во краевите, обложена со мек пенест материјал што се протега и во вратите. За амбиенталното осветлување може да се избираат 8 бои.
Средишниот дисплеј е најголемиот што се вградува во модел на Стелантис
Во средишната конзола доминира дисплејот од 14 инчи, најголема димензија што ја вградува Стелантис. Ситроен го споредува дисплејот со водопад, што без преод ја спојува хоризонтално ориентираната арматурна табла со основата на средишната конзола долу.
Дисплејот може да се приспособува по желба, а долу се наоѓаат основните функции за климатизација, што не се менуваат заедно со содржината на дисплејот. На тој начин се заштедува на прекинувачи, меѓутоа се избегнува и потребата да се влегува во различни менија за да се пристапи до тие функции.
Ситроен напоменува дека со дисплејот може да се ракува со лактот потпрен на средишната конзола, за да не се напрегаат мускулите.
Исто како останатите модели на Стелантис од нова генерација, Ц5 Екркрос располага со Чет ГПТ во системот за препознавање глас, со цел да се постигнат поприродно гласовно командување.
Пред возачот се наоѓаат екран од 10 инчи и голем проекциски дисплеј.

Производството ќе се одвива во фабриката на Ситроен во Рен, во западна Франција. Во фабриката се вложени 160 милиони евра, заради приспособување за производство на електричната верзија. Рен е трета фабрика на Стелантис што произведува модел врз платформата СТЛА Медиум, по Сошо во Франција и Мелфи во Италија.
Фабриката располага со капацитет за производство на 100.000 возила годишно.
Поголемата верзија на батеријата се изработува во фабриката на АЦЦ во северна Франција, додека електромоторот и контролната електроника доаѓаат од Тремери, на североистокот на Франција. Помалата батерија доаѓа од Кина и производ е на КАТЛ, најголем производител на батерии во светот.
Сегашниот Ц5 Еркрос беше лансиран во почетокот на 2019 година. До март годинава се продадени 10.679 примероци, што е 19 проценти помалку во споредба со првото тромесечје лани.
Компактните СУВ модели го сочинуваат најголемиот сегмент на европскиот пазар во првите три месеци од годинава, откако ги престигнаа малелките СУВ. Прв е Фолксваген Тигуан со 53.757 продажби, по него се Нисан Кашкај и Киа Спортаж.




















































