Францускиот производител на автомобили веројатно ќе го одложи почетокот на продажбата на моделите на Алпин во САД, што првично беше планирано за 2027 година. Причина е несигурноста поради царините за увоз на автомобили, соопшти директорот за финансии Данкан Минто.
Рено одлучи да стави во мирување неколку помали проекти, со цел да заштеди, за случај трговските тензии да влијаат врз економскиот раст, изјави Минто при објавувањето на финансиските резултати од продажбата во првото тромесечје. Тој додаде дека одложувањето на продажбата на Алпин во САД ќе биде „совршено нормално.“
Рено водеше преговори за марката Алпин во САД да се дистрибуира преку мрежата на Аутонејшн. Спортската марка неодамна го претстави својот прв целосно електричен модел, малечката комбилимузина А290. Во развој се неколку поголеми модели од класите што повеќе се бараат во Северна Америка.
Вториот електричен модел, компактната комбилимузина А390, ќе ја доживее својата премиера како сериски автомобил за околу еден месец. Во понудата од модели во иднина ќе се придружат два поголеми електрични модели што ќе се продаваат во САД, како и нова генерација на спортскиот модел А110, вклучувајќи кабриолет и изведба 2+2.
[the_ad id=”85764″]
Проширувањето на пазарот на Алпин во САД беше клучен чекор во планот на извршниот директор на Рено, Лука де Мео, прометот на марката да се зголеми на преку 8 милијарди евра до завршетокот на деценијава. Тоа е амбициозна цел, имајќи предвид дека Алпин лани продаде само 4.585 возила, иако во таа бројка не е вклучен А290, којшто се базира врз подостапниот електричен модел Рено 5.
















