
Најголемиот автомобилски салон во Кина стана бина на којашто се прикажува како електричните возила стануваат сé подостапни и со подобри перформанси, и се гледа огромната самодоверба на домашните производители на најголемиот автомобилски пазар во светот.
Салонот во Шангај се отвори на 23-ти април, во време кога целата индустрија е во огромна неизвесност, како и колку трговската војна меѓу САД и Кина ќе ја намали побарувачката за автомобили и ќе ги наруши сложените ланци по коишто добавувачите ги снабдуваат фабриките. Повеќе од 100 нови модели ќе ја доживеат својата премиера тука, во услови кога пазарот веќе е преоптоварен и повеќе има губитници отколку победници.
За ситуацијата да биде уште потешка, кинеските власти сега најавија дека ќе воведат уште построги барања во поглед на функциите за самостојно управување на возилата. Повеќето производители до пред само една седмица се надеваа дека таа технологија ќе им донесе предимство и со неа ќе се издвојат од конкуренцијата.
Одлуката на претседателот Доналд Трамп да воведе царина од 145 проценти за увоз на стока од Кина, и одговорот на тоа од Пекинг, со воведување заштитни царини и ограничување на трговијата, ги смали прогнозите за растот на автомобилската индустрија и ги изложи производителите на автомобили и нивните добавувачи на нови ризици.
Повеќе од 70 кинески и светски автомобилски марки во текот на неделава ќе одржат премиери на преку 100 нови или освежени модели.
Паралелно со отворањето на Ауто Шангај, коалиција од повеќе индуистриски гранки од САД испрати заедничко писмо до Трамп, барајќи од него да ја укине царината од 25 проценти за секаков увоз на делови за автомобили. Тие предупредуваат дека царините ќе ги поскапат автомобилите и ќе ја смалат продажбата.
Првите премиери на салонот во Шангај се фокусирани на безбедноста и на плановите за брзо проширување на понудата од електрични модели, на производители од ковот на Фолксваген и на домашниот Нио.
Побарувачката за нови автомобили во Кина годинава се движи во позитивна насока и покрај трговската војна. Во март во земјата беа продадени за 13 проценти повеќе возила, најмногу од БИД и Џили, двата најголеми производители во Кина.

Но, се наѕираат и проблемите. Кина сега е најголем извозник на автомобили, според бројот на возила. Бидејќи пазарот во САД е практично затворен, поради царините, аналитичарите предвидуваат дека трговската политика на администрацијата на Трамп ќе изврши притисок врз кинеските производители. Според нив, побарувачката за нови автомобили во Кина ќе почне да слабее, поради тоа што економијата ќе претрпи силен потрес. Друга претпоставка е дека Вашингтон ќе влијае врз своите трговски партнери и ќе издејствува и тие да воведат високи царини за Кина.
Кина силно се спротивстави на „смарт возењето“
Кинеските производители на автомобили масовно се подготвуваа да го нападнат пазарот со своите системи за самостојно управување на возилата, за на тој начин тие да стекнат предимство пред конкуренцијата и да се издвојат за време на салонот во Шангај. Меѓутоа, во последна минута беше решено тие да се откажат од првичниот план и да се префрлат на стратегијата дека „безбедноста е најважна“.
Властите во минатата седмица забранија во рекламите да се користат пораки како „смарт возење“ или „автономно возење“, откако кобната незгода во којашто учествуваше најпродаваниот модел на Шаоми, електричниот СУ7, наведе на загриженост дека возачите се донесени во заблуда, дека системите во нивните возила можат целосно да ја преземат контролата врз возилото.
Кинеските производители, предводени од БИД, пред тоа масовно ги рекламираа своите системи за напредно и автономно управување, нудејќи ги и во подостапните модели, со намера да ѝ парираат на Тесла.
Шаопенг, марка чијшто имиџ почива на технологијата што ја развива самостојно, вклучувајќи виртуелен асистент што користи вештачка интелигенција, соопшти дека ќе организира „камп за обука“, за возачите да се запознаат со начинот за безбедно да ги користат напредните системи.
„Ќе ставиме нагласок на ограничените способности на функциите за асистенција во возењето, за да гарантираме безбедност,“ изјави извршниот директор Хе Шаопенг пред новинарите на првиот ден од салонот.
Џили соопшти дека во второто полугодие ќе ја заврши изградбата на глобален центар за тестирање на безбедноста, којшто го опишува како најголема самостојна лабораторија за безбедност во светот.
Фолксваген ги рекламира врвната германска изработка и строгите стандарди за тестирање.
Леи Џун, прочуениот извршен директор на Шаоми, што рефлекторите го следеа на секој неков чекор за време на минатото издание на салонот, не присуствуваше на отрворањето на годинешното Шоу.
„Кинеска брзина“
Кинескиот пазар на којшто владее најжестока конкуренција, и натаму е минско поле за странските марки. Како пример, продажбата на Хонда и Нисан во првото тромесечје е намалена за 34, односно за 28 проценти во споредба со лани.

Фолксваген, некогаш најпродавана автомобилска марка во Кина, во првите три месеци се соочи со пад од 6 проценти во продажбата. Германскиот производител ги прикажа првите од вкупно пет нови модели под мотото „Кинеска брзина“. Меѓу нив се наоѓа и модел од премиум марката Ауди.
Одвај 10 проценти од вкупно 160 марки што се присутни на пазарот во Кина, постигнуваат пазарен удел поголем од 2 проценти. Повеќето од нив работат со загуба. Меѓу победниците се главни БИД, Чери и Џили, заедно со Липмотор – што во дел е во сопственост на Стелантис и произведува само ЕВ – и Ли Ауто. Тие работат со профит.
[the_ad id=”85764″]
Тесла, единствен странски производител со електрични модели што се меѓу најпродаваните во Кина, на 22-ри април објави дека ќе мора да ги провери своите предвидувања за следните три месеци, поради тоа што е невозможно да се предвидат „последиците од промените во светската трговска политика врз автомобилскиот сектор и врз снабдувањето со енергија.“
Тесла е веќе погодена од трговската војна. Продажбата во Кина ѝ е смалена за 22 проценти во споредба со март лани. Компанијата престана со нарачки за Модел С и Модел Икс, поради царините со коишто Кина возврати за увозот на стока од САД и исто така престана да увезува компоненти од Кина.
Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, на 22-ри април, додека зборуваше за падот од 71 проценти на профитот во првиот квартал, се пожали дека одложените планови за почеток на производство на хуманоидниот робот Оптимус се предизвикани со ограничувањата што ги воведе Кина, за извоз на магнети што содржат ретки метали, а истите се неопходни за електромоторот што ги движи рацете на роботот.
Маск претходно излезе со предвидувања дека роботот ќе почне да работи во фабриките на Тесла уште во текот на годинава.















