Ситроен Ц3 ќе се произведува и во Србија

Во фабриката во Крагујевац прво се произведува електричната изведба на Ситроен Ц3, којашто учествува со третина во вкупната продажба на моделот

Фабриката на Стелантис во Крагујевац, вторпат пролетва доаѓа во средиштето на вниманието на европската автомобилска сцена. Откако ги испорача првите примероци од новата генерација на Фиат Панда за Европа, српската фабрика објави дека ќе го произведува и новиот Ситроен Ц3, заедно со фабриката во Словачка.

Кон завршетокот на март уште беше неизвесно дали фабриката во Крагујевац ќе се вклучи во производството на новиот Ситроен Ц3, откако беа произведени неколку пробни примероци од важниот модел и за марката и за целиот европски пазар.

Точно пред велигенските празници беше објавено и службено, дека новиот Ситроен Ц3, освен во фабриката на Стелантис во Трнава, Словачка, дополнително ќе се произведува и во фабриката на концернот во Крагујевац, Србија.

Најпродаваната моделска серија на Ситроен во претходната генерација, а сосем извесно и во новата генерација, од којашто за половина година се продадени преку 100 примероци на македонскиот пазар, вклучувајќи ги нарачките, ќе се произведува на помалку од 300 километри од границата со соседот.

Фабриката веќе има поминато повеќе осовременувања и преопремувања, а во периодот меѓу 2022 и 2024 година се подготвуваше за моделите врз новата платформа Смарт Кар на концернот Стелантис. Секако дека за масивните вложувања на концернот на Фиат и Пежо во Крагујевац беше пресудно и разбирањето од Белград, односно договорите потпишани со српската влада.

Фабриката стекна искуство со производството според врвни станарди уште со Фиат 500Л, семејниот ван што тогашниот Фиат Крајслер Аутомобилс го произведуваше единствено во Србија.

Прва влегува во производство електричната верзија на Ц3, по неа ќе следат бензинската и хибридната изведба

Ситроен Ц3, заедно со Фиат Гранде Панда, се клучни модели за целиот европски пазар, затоа што го враќаат сегментот под 20.000 евра, што производителите го беа заборавиле поради малата заработка на моделите од градската класа. Клучна за цената е платформата Смарт Кар, којашто се користи за производство на различни модели по сите страни на светот, и на тој начин се постигнува скалестиот ефект, односно се смалуваат трошоците.

Француската марка досега има добиено преку 130.000 нарачки, иако продажбата почна кон завршетокот на последното тромесечје од минатата година. Ц3 е трет најпродаван модел во Франција и Италија по првите три месеци од 2025 година и е втор најпродаван електричен модел во Франција. Околу една третина од продажбата отпаѓа на целосно електричниот модел, првиот воопшто модел од европско производство со електричен погон, што им парира на достапните модели од Кина.

Во четири генерации досега, тројката на Ситроен се има продадено во 5,6 милиони примероци. Моделот веќе беше на тест во Аутомедиа и гледаноста на видеото од тестот најави дека тоа ќе биде продолжение на бестселерската серија на претходните генерации на Ц3.

Французите имаат уште еден погодок во средината на метата, со Ситроен Ц3 Еркрос (од презентацијата во Шпанија), којшто веќе е следната сензација, не само со цената. Во тој контекст, главнината од продажбата на Ц3 досега на македонскиот пазар, ја сочинуваат средното ниво Плус, и во дел највисокото ниво Макс, место најдостапната изведба Ју.

Претходна објаваПежо 208 на пат да го преземе водството од Дачиа Сандеро
Следна објаваШангај е центар на автомобилскиот свет во следните десетина денови

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here