Според првичните податоци што ги објави аналитичарската куќа Датафорс, голема е веројатноста дека Пежо 208 ќе биде најпродаваниот модел на европскиот пазар во март. Тоа значи дека францускиот градски модел ќе го преземе местото на Дачиа Сандеро, којашто повеќепати победуваше во месечните трки за европскиот пазар.
По добиени податоци за продажбата од 93 проценти од пазарот што се пристигнати до 23-ти април, Пежо 208 се има продадено во 24.235 примероци, што е за околу 1.000 примероци повеќе од Сандеро. Понатаму, Сандеро е едно место пред третопласираниот Нисан Кашкај, којшто заостанува со само 200 промероци.
Десетте најпродавани модели се наоѓаат во тесна трка, со само 6.000 возила разлика меѓу првиот на листата, Пежо 208, и моделот на десеттото место, малечкиот СУВ-модел Пежо 2008.
Најголем скок меѓу 10-те најпродавани постигна Фолксваген Тигуан. Тоа се должи првенствено на воведувањето на новата изведба со приклучен хибриден погон кон завршетокот на 2024 година. Продажбата на компактниот СУВ-модел порасна за 24 проценти и му го донесе 7-то место.
Друг модел со голем скок е Опел Корса, којшто воедно ја дели и платформата со Пежо 208. Продажбата на малечкиот модел на германската марка порасна за 6,8 проценти, повеќе дури и од растот кај Пежо 208, со неговите 6,5 проценти во плус.
Пежо 208 и Опел Корса, двата достапни во изведби со целосно електричен погон, покрај изведбите со мотор со внатрешно согорување, не го искористија растот од 24 проценти во продажбата на електрични автомобили во март. Електричната изведба е-208 е во минус 70 проценти, со продадени 1.613 возила, наспроти 5.304 возила во март лани. Електричната Корса-е исто така имаше пад од 51 проценти, со продадени 1.287 возила, наспроти 2.636 возила во март лани.
Назадуваше продажбата на Фолксваген Голф, којшто сега е на 6-то место (-18 проценти), на Дачиа Сандеро (-6 проценти) и Кашкај (-5,2 проценти).
Неколку клучни модели испаднаа од водечката десетка во изминатите месеци. Тесла Ипсилон во март падна на 21-то место (-40%), што се должи и на генерациската смена, со освежената изведба на моделот, но во дел се должи и на лошиот имиџ по политичката авантура на шефот Илон Маск. Ситроен Ц3 исто така мораше да отстапи на 16-то место (-23%) поради проблемите со софтверот што го забавија производството на новата генерација на моделот.
Фолксваген Тигуан профитираше од побарувачката за изведбата со приклучен хибриден погон што минува стотина километри на струја.
[the_ad id=”85764″]
Новиот Дачиа Дастер, Пежо 3008 и новиот Рено Симбиоз привлекуваат купувачи
Меѓу моделите што од лани прејдоа во нова генерација и напредуваа значитечно во мартовската продажба се наоѓаат Дачиа Дастер, на 15-то место (+14% проценти) и Пежо 3008, на 4-то место (+63 проценти). Новиот компактен кросовер Рено Симбиоз се наоѓа на 39-то место со продадени 9.405 возила.
Сандеро и натаму ја предводи продажбата по првите три месеци, со 66.596 возила. Тоа е разлика од преку 11.000 возила во споредба со второпласираниот Пежо 208. Трет најпродаван модел е Фолксваген Голф, меѓутоа неговата продажба загуби 14 проценти од пазарот во првиот квартал лани.
Најголем процентуален скок има електричниот компактен СУВ-модел Фолксваген ИД.4, со раст од 118 проценти. Германската марка ја засили продажбата на своите ЕВ, за да ги исполни барањата на ЕУ за почиста емисија. Голем скок има и новиот Пежо 3008 (раст од 47 проценти), којшто е достапен и во целосно електрична изведба, како и Сузуки Свифт, на 50-то место, со раст од 40 проценти.
Меѓу моделите што изгубија најмногу од пазарот се Тесла Ипсилон (-47 проценти), Ауди А3 (-27 проценти) и Тојота Корола (-23 проценти).
















