Добивката на Тесла се намали за 71 проценти

Тесла во првото тромесечје не само што продаде помалку возила, туку и ги продаваше по пониски цени. Добивката е намалена за околу 70 проценти.

Тесла ја започна годината со драстичен пад на добивката. Производителот на електрични автомобили од САД, по синоќешното заклучување на берзата излезе со соопштение дека чистата добивка во првите три месеци од 2025 година е сведена на 409 милиони долари. Тоа е за 71 проценти помалку во споредба со првото тромесечје лани. Во последниот квартал од минатата година, компанијата водена од Илон Маск пак имаше добивка од 2,1 милијарди долари.

Оперативната добивка е смалена 66 проценти и изнесува 399 милиони долари. Маржата исто така претрпе голем пад. Оперативната маржа од 5,5 проценти во 2024 година се сведе на само 2,1 проценти. За споредба, во третиот квартал 2024 година, Тесла заработуваше чисто по 10,8 проценти од секое продадено возило.

Опадната е продажбата, цените се спуштаат

Лошите резултати можеа да се навестат уште по опаднатата продажба, што производителот ја соопшти во почетокот на месецот. Со продадени 336.681 возила, продажбата е намалена за 13 проценти во споредба со периодот од јануари до март 2024 година.

Прометот од продадените возила во првиот квартал од 2025 е намален за дури 20 проценти и изнесува околу 14 милијарди долари. Тоа е резултат првенствено од пониската просечна цена на продадените возила на Тесла, по големите попусти и со лош сооднос меѓу моделските изведби. Купувачите повеќе посегнуваа по најдостапните модели на Тесла, место по најскапите.

[the_ad id=”85764″]

Добро се одвива бизнисот на Тесла со акумулатори

Наспроти тоа, Тесла во првите три месеци од 2025 година заработи повеќе од својот бизнис со соларни панели и акумулаторски решенија (+67 проценти) и од услугите (+15 проценти). Вкупниот промет во првиот квартал изнесува 19,3 милијарди долари, што е пад од 9 проценти.

Пад имаше и во приливот на готовина, којшто е намален на 664 милиони долари. Мал раст има во резервите. Тесла располага со резервно покритие од 36,6 милијарди долари.

Претходна објаваМерцедес ја најави идната В-Класа со концепт во Шангај, време е за луксузни ванови
Следна објаваПежо 208 на пат да го преземе водството од Дачиа Сандеро

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here