
Вижн В го имаше своето деби на 22-ри април и ја прикажува новата платформа за лесни доставни возила со електричен погон, под името ВАН.ЕА. Оваа платформа ќе ја користат доставните модели од новата генерација, што ќе почнат со продажба во 2026 година и ќе се нудат како премиум модели.
Мерцедес ја образложува одлуката за новата генерација доставни модели да биде полуксузна од тековната, со новите закони во ЕУ, коишто ги присилуваат производителите да ја зголемат продажбата на електрични ванови. Во моментов е релативно слаба побарувачката за ванови со погон на струја. Само на тој начин ќе се овозможи бизнисот со ванови да продолжи да биде профитабилен.
„ВАН.ЕА овозможува вановите за приватни купувачи во луксузниот сегмент и комерцијалните ванови во премиум сегментот да бидат раздвоени јасно,“ изјави извршниот директор на Мерцедес, Ола Калениус, при објавувањето на деловните резултати на компанијата на 20-ти февруари. „Со проширување на врвот на својата понуда од модели, Мерцедес-Бенц Ванс дефинира свој сопствен сегмент.“

Понудата од модели врз платформата ВАН.ЕА ќе поаѓа од „практични семејни возила од почетниот сегмент“ и ќе досега до „ексклузивни ВИП шатлови и луксузни лимузини“, стои во соопштението од Мерцедес-Бенц. Гамата ќе опфаќа ванови со средна и полна големина.
Планот е новите ванови да се продаваат и на пазарот во САД.
Вижн В е наменета за кинескиот пазар на возила што се изработени врз основа на ванови, што се користат со шофер и располагаат со врвен луксуз, коишто претставуваат конкуренција за лимузините од врвна класа, вклучувајќи ја сопсвената С-Класа на Мерцедес-Бенц.
Калениус при претставувањето на деловните резултати во февруари кажа дека Мерцедес во Кина веќе продава луксузни изведби на Спринтер што се скроени според посебни барања. „Ценам дека со следната платформа ВАН.ЕА, можеме да досегнеме уште повисоко,“ кажа шефот.

Со должината од 5.486 милиметри, Вижн В е подолга од постоечките патнички ванови на Мерцедес од средна големина, односно од В-Класата. Таа се нуди во три различни должини, во опсег од 4.895 до 5.370 милиметри. Со тоа, сегашната В-Класа е незначително подолга од најкусата изведба на патничкиот модел на Спринтер.
Во патничкиот простор назад се главни екрани и проектори
Во задниот дел на Вижн В се наоѓаат две седишта што се претвораат во лежај и од каде што патниците можат да гледаат филм на екран од 1,65 метар, што излегува од дрвена конзола.
Седум проектори во таванската облога го прошируваат видното поле и страничните прозорци ги претвораат во дополнителни екрани. На тој начин се создава тоа што Мерцедес го нарекува дигитално искуство во 360 степени.
Стаклен ѕид меѓу предните седишта и патничкиот простор назад може да се замати со притискање копче и да се добие приватност. Истото „дигитално стакло„ се користи и за страничните прозорци.
Дизајнот на Вижн В го напушта традиционалниот кутиест изглед и преоѓа на стилот на „сензуална чистота“ што го одликува дизајнот на патничките лимузини на Мерцедес-Бенц. Со 1.892 милиметри, Вижн В е пониска од тековната В-Класа.
Во дизајнот на Вижн В што е со оптимирана аеродинамичност, преовладува големата хромирана маска со три стаклени елементи по должина и со низа од светлечки елементи.

Вижн В има поспортски изглед од традиционалните ванови, за што придонесуваат кусите превиси на каросеријата напред и назад, како и моќното испакнување на хаубата и тркалата од 24 инчи.
Главен во кокпитот е Суперскринот на Мерцедес, којшто се протега по целата ширина и се состои од три посебни екрани што се споени незабележливо. Сето тоа работи со најновата верзија на оперативниот систем МБ.ОС на Мерцедес-Бенц.
Мерцедес-Бенц не откри детали околу електричниот погон на Вижн В, единствено е познато дека возилото располага со 800-волтен систем што овозможува брзо полнење. Платформата ВАН.ЕА е развиена првенствено со електричен погон, но дозволува и изведба со хибриден погон, за пазарите каде што главно постои интерес за комбинираниот погон.
Во покривот на концептното возило е вграден соларен панел од 539 вати, којшто произведува електрична енергија што се акумулира во батеријата. Според Мерцедес-Бенц, панелот може да произведе 3,44 кВч енергија дневно, на места со многу сонце. Тоа би било доволно за 22 километри пат.
Новата гама од луксузни ванови ќе донесе поголема профитабилност во споредба со постоечките електрични ванови
Мерцедес-Бенц се обложува на картата дека моделите врз платформата ВАН.ЕА ќе донесат поголема маржа во споредба со постоечките доставни возила, коишто лани постигнаа маржа од 15 проценти.
Штутгартскиот производител сепак предупреди дека таа маржа во 2025 година ќе се сведе на 10 до 12 проценти, поради тоа што Мерцедес-Бенц, под притисок на строгите лимити за ЦО2 на ЕУ, ја скуси продукцијата и го зголеми уделот во продажбата на електричните верзии на Спринтер и Вито, што се поскапи.
Мерцедес-Бенц В-Класа годинава е трет најпродаван ван од средна големина во Европа, според податоците од Датафорс. До март се продадени 3.002 примероци. Прв е Форд Транзит Кастом, по него е Фолксваген Транспортер. Класата В сепак е единствен модел од премиум сегментот. Во првите три месеци, од електричната верзија Е Ку В се продадоа само 240 примероци.
Вито е поедноставната изведба на В-Класа и се наоѓа на 6-то место со 1.397 примероци.

Мерцедес-Бенц ги има во понуда и патничките изведби на големиот Спринтер, којшто покрива опсег од 5.237 до 7.367 милиметри. До март се продадени 1.464 примероци.
Како дел од новата стратегија со доставни возила, Мерцедес неодамна соопшти дека ја прекинува соработката со Рено, којашто опфаќа преработени изведби од Кангу. Германскиот производител планира да ја продаде и фабриката за доставни возила во Аргентина.
Мерцедес-Бенц претходно имаше план моделите врз платформата ВАН.ЕА да ги произведува во Европа заедно со вановите на Ривиан, марка електрични возила од САД, меѓутоа партнерството беше прекинато кусо по неговото објавување кон завршетокот на 2022 година.















