Фиат гледа глобален успех со првиот светски модел по 8 години

Извршниот директор на Фиат, Оливие Франсоа, предвидува дека Гранде Панда ќе стане бестселер на италијанската марка. Тоа е првиот модел што Фиат ќе го продава ширум светот, по Палио.

Тој успех сепак се должи на три различни модели, што се продаваат на три различни страни на светот. Извршниот директор посакува еден модел да биде главен носител на успехот на Фиат во иднина: Гранде Панда.

Малечката комбилимузина е првиот светски автомобил на Фиат, откако Палио престана да се произведува во 2017 година. Франсоа верува дека нема да мине долго, додека Гранде Панда стане светски бестселер на Фиат.

Издавачот и уредник на Аутомотив Њуз Европа, Лука Чифери, во Торино на 29-ти јануари направи интервју со извршниот директор на Фиат, што следи во целост:

Зошто лансирањето на Гранде Панда е нешто што го исчекувавте уште откако во далечната 2011 година си заминавте од Ситроен и почнавте да работите во Фиат?

Оливие Франсоа: Тоа е првиот светски модел на марката Фиат, уште откако семејството Палио беше лансирано во 1996 година. Фиат е најинтернационалната марка во концернот Стелантис, со околу 40 проценти од продажбата во Европа и останатите 60 проценти ширум светот, но со модели што се наменети за различни региони. Во Бразил водиме со малечкиот пикап Страда. Но, тој не се продава надвор од Латинска Америка. Водиме во Италија со минито Панда, коешто учествува со помал удел во останатиот дел од Европа. Во Турција водиме со семејството Типо, коешто повеќе не се продава во Европа. Со Гранде Панда повторно ќе имаме светски модел на Фиат.

Дали Гранде Панда ќе стане бестселер на Фиат?

Сигурно, но потребно е време. Напролет почнуваме во Европа и ценам дека го имаме вистинскиот производ за да се вратиме на подиумот (меѓу трите бестселери) во сегментот на малечките автомобили. Потоа следи почеток на продажбата во Бразил, каде што таа ќе го замени Арго, којшто уште не е на крајот на својот моделски век. Потоа е на ред африканскиот континент.

Колкава продажба ќе постигне Гранде Панда откако ќе го достигне својот полн потенцијал на сите свои пазари ширум светот?

Во овој момент не сакам да споделувам бројки, но тврдам дека тоа ќе биде вистински светски модел, со околу 50 проценти од продажбата што ќе се постигнува надвор од Европа. Фиат замина од сегментот на градските автомобили, откако Пунто престана да се произведува во 2018 година. Со Гранде Панда, се враќаме со модел што е долг 3,99 метри и со тоа се наоѓа во самото средиште на сегментот, привлекувајќи ги сите купувачи. Во поглед на погонот, очекуваме дека целосно електричниот модел ќе учествува со 15 до 20 проценти во продажбата во Европа.

Фиат отсекогаш нудел изведба на Панда со погон на сите тркала. Дали тоа ќе биде случај и со Гранде Панда?

Точно е дека 4ВД е дел од ДНК на трите генерации на Панда, но исто така е точно дека забавената побарувачка и повисоката емисија на ЦО2 нé принудија да ја запреме таа изведба пред две години. Со електрична задна оска се отвораат нови можности за Гранде Панда 4ВД, во поглед на цената и емисијата, но уште размислуваме околу тоа.

„Со Гранде Панда повторно ќе имаме светски модел на Фиат,“ кажа извршниот директор Оливие Франсоа, додавајќи дека очекува половината од продажбата да биде постигната надвор од Европа.

Фиат со Панда и 500 владееше со продажбата на мини автомобили во Европа. Панда, којашто ќе продолжи да се произведува до завршетокот на десетлетието, исто така е достапна во поотмена изведба, што се нарекува Пандина (малечка панда) и чини 3.000 евра повеќе во Италија, затоа што има побогата опременост. Можете да ни го објасните размислувањето околу оваа одлука што внесува забуна околу имињата?

Пандина за сегментот на мини автомобили и Панда за сегментот на градските автомобили има смисол, но со тоа би прекршиле долга историја: Панда, по дефиниција е мини автомобил. Според тоа, градски автомобил треба да биде именуван Гранде Панда.

Кога станува збор за 500, Фиат реши да не врши преправки за да ги внесе напредните системи за асистенција кај моделот со бензински мотор, така што производството на тој модел за Европа заврши лани во јуни. Дали тоа беше вистинската одлука за модел што во својата последна цела година во производство во 2023 година уште постигнуваше продажба од 10.000 возила месечно?

Моравме да избереме, дали да ја освежиме Панда или 500, од гледиште на модел и на производство. Од гледиште на модел, 500 со бензински мотор веќе е 17 години на пазарот. Вистина е дека тој уште се продаваше добро, но дали вложувањето во автомобил со три врати, што навлегува во години, може да биде повеќе од фластер? Во исто време, 500 со бензински мотор се произведуваше во Полска во фабрика со капацитет што ќе станеше презаситен од Џип Авенџер, Фиат 600 и Алфа Јуниор. Поради тоа, решивме да вложиме во унапредување на Панда, мини со пет врати што е малку помлада – лансирана во 2011 година – а имавме и слободен капацитет во фабриката во Помиљано, така што со овој потег ги осигуравме и работните места таму.

Фиат очекува продажбата на целосно електричниот 500е да фати залет, откако ќе се воведе изведбата со батерија со литиум-железо-фосфат што е поевтина.

Дали се премислувате?

Во моментот кога беше донесена одлуката, се предвидуваше постојан раст на електрификацијата, така што имаше смисол да се остави само целосно електричниот 500е и да прекине производството на 500 со бензински мотор. Но, кога ќе се има предвид дека електрификацијата не напредуваше со предвидената брзина, дадовме зелено светло да се додаде изведба со благ хибриден погон во семејството на 500е. Тоа не беше планирано при лансирањето на моделот во 2020 година. Оваа дополнителна изведба исто така ќе придонесе да се зголеми породукцијата во нашата фабрика Мирафиори во Торино.

Производството на 500 со благ хибрид треба да почне во ноември. Какви се предвидувањата за продажбата, по пауза од близу 18 месеци без изведба на минито со мотор со внатрешно согорување?

Ценам дека 80.000 примероци за една година е реален број, но можеби ќе постигнеме и повеќе. Го кажувам тоа, затоа што без разлика колку се добри Панда/Пандина или Гранде Панда, купувач со префинет вкус во Париз или Лондон секогаш ќе го избере стилскиот 500.

Целосно електричниот 500е имаше одличен старт, достигнувајќи производство од преку 77.000 примероци во 2023 година, но лани продукцијата падна под 24.000 возила. Дали тоа се должи на сé помасовното откажување на државните субвенции во Европа?

Тоа е главната причина, имајќи предвид дека приватните купувачи во сегментот на мини автомобилите се мошне чувствителни во поглед на цените, поради што значајна субвенција е главен двигател што ги поведува луѓето да се префрлат од бензински на електричен погон. Во исто време, постои голем притисок околу технологијата и цените на електричните автомобили. По 500 со благ хибрид ќе лансираме изведба на 500е со батерија ЛФП, што е поевтина од батеријата НМЦ што се користи во моментов. ЛФП се применува сé помасовно кај мини и градските автомобили, така што таа мора да се понуди за да се остане конкурентен.

[the_ad id=”85764″]

Дали сте задоволни од почетокот на продажбата на кросоверот 600, којшто се продава само во Европа?

Имавме можност да го вклучиме Фиат во семејството модели што беше планирано за фабриката во Полска. Имајќи го предвид разумното инвестирање во моделот, решивме да го произведуваме. Условите во коишто се одвиваше почетокот на продажбата, беа сé освен совршени. Прво, ја имавме само целосно електричната изведба, којашто се појави во време кога продажбата на електрични автомобили во Европа забавуваше. Потоа ја добивме изведбата со хибриден погон, но тогаш се појави тесно грло во снабдувањето со менувачи еДЦТ, што го ограничи производството на малечкиот кросовер, затоа што менувачите еДЦТ што беа на располагање, се искористија главно за вградување во компактни комбилимузини, комби и СУВ, коишто имаат значително повисока продажна цена. Дури во почетокот на годинава конечно постигнавме производство што е целосно во чекор со нарачките од клиентите.

Претходна објаваРекламниот ефект на Трамп не успеа, акциите на Тесла паѓаат
Следна објаваПорше стана мнозински сопственик на огранокот за батерии на Варта

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here