Увозниците ја демантираат објавата на Аутомедиа за продажбата на нови возила на македонскиот пазар

Редакцијата на порталот Аутомедиа.мк со најдобри намери во изминатиот период објавува месечен преглед на продажбата на нови патнички автомобили и доставни возила на македонскиот пазар, коишто за жал се темелат на непотврдени и неофицијални податоци, што е напоменато во секоја објава за месечната продажба. Официјални податоци од централна дистрибуција не постојат. Увозникот Порше Македонија ни испрати демант, реагирајќи дека со овие објави се прикажува нереална состојба и се нанесува штета на сите брендови на пазарот.

Аутомедиа повеќе нема да објавува текстови коишто се однесуваат на продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар и коишто не потекнуваат од официјални извори.

Во продолжение демантот на Порше Македонија.

Забележавме дека на Automedia.mk повторно објавувате податоци за продажбата на нови возила во Македонија, и покрај тоа што таквите информации не се јавно и официјално достапни од 2021 година.

Конкретно, во Вашата најнова статија, наведувате „Според неофицијалните податоци…“ и „Податоците се неофицијални и повеќето увозници се оградуваат…“, но истовремено пласирате конкретни бројки и проценки за раст на пазарот, како и заклучоци. Сакаме да укажеме дека бројките што ги наведувате за Škoda не се точни и создаваат погрешна слика за пазарот, што му штети на брендот.

Ова не е првпат да реагираме поради вакви објави – во изминатата година веќе неколку пати укажавме дека податоците што ги објавувате не се официјални и не можат да бидат земени како релевантни. И покрај тоа, Вие продолжувате со истата пракса, што дополнително ја доведува во заблуда јавноста и го нарушува угледот на сите брендови на пазарот.

Би сакале, уште еднаш, да Ве замолиме да престанете со објавување на непотврдени податоци за продажбата на нови возила за нашите брендови.

 

Претходна објаваТесла ќе го преземе банкротираниот германски добавувач Манц
Следна објаваМерцедес почнува со тестови со сосем нова генерација батерии, со едно полнење од Скопје до Љубљана

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here