Додека уметниците на Џагјуар се зафатени создавајќи го новиот дизајнерски говор за трите електрични модели што ќе почнат да се пуштаат во продажба од лето 2026, тимот за маркетинг се подготвува за идниот круг на купувачи, што ќе биде поексклузивен и драстично помал од досега.
На затворен настан во седиштето на ЈЛР, што се одржа на 12-ти ноември, директорите на компанијата пред неколку избрани новинари го прикажаа новиот дизајнерски правец на Џагјуар, што јавноста првпат ќе го види кај најавениот концептен автомобил со две врати.
Тој ќе биде прикажан на 2-ри декември во Мајами, како дел од учеството на Џагјуар на Уметничката Недела, каде што Британците се спонзори. Големиот настан привлекува околу 100.000 колекционери на уметнички дела, дилери и уметници, на бројни локации ширум шареноликиот град, со објекти во арт деко, хотели во пастелни бои и музеи.
Џагјуар избра првпат да му го прикаже својот нов дизајн на светот на Уметничката Недела во Мајами, пред богат круг клиенти што ултралуксузните автомобили обично ги гледаат како вид на уметност.
Повторното раѓање на марката – сите нови Џагјуари ќе бидат најмалку двапати поскапи од тие што се продаваат сега и ќе изгледаат сосем различно од сé што се има појавено во историјата на марката и различно од кој било друг автомобил, и сите се осмислени да бидат втор или трет автомобил во возниот парк на богатите семејства – почнува со дебито на Уметничката Недела. Концептот ќе биде изложен во Мајами до 8-ми декември.
Во меѓувреме, додека излезе првиот од трите нови електрични модели на Џагјуар, ЈЛР ќе работи на повторното осмислување и позиционирање на марката. Намерата е, Џагјуар од производител што се бори со Мерцедес, Ауди, БМВ или Лексус, да се издигне во производител што е на рамниште со Астон Мартин, Бентли, Мерцедес-Мајбах, а понатаму и со Ројс-Ројс.

„За да вратиме таква марка што е позната во светски рамки, моравме да бидеме бестрашни“, изјави за новинарите Родон Глоуер, извршен директор на Џагјуар. „Џагјуар бил најдобар секогаш кога го предизвикувал конвенционалното. Тој етос се гледа во идентитетот на нашата марка и ќе се открива во следните месеци. Тоа е целосно ресетирање. Џагјуар се трансформира да за ја врати својата оригиналност и да ја инспирира новата генерација.“
Огромна работа е да се обнови цела марка. Глоуер изјави пред новинарите дека само 10 до 15 проценти од сегашните корисници на Џагјуар ќе останат на марката по пристигнувањето на новата генерација модели. Продажбата на Џагјуар во светот го достигна врвот во 2018 година со продадени 181.329 возила.
Продажбата оттогаш се смалуваше постојано, под влијание на пандемијата, проблемите со добавувачите, слабиот квалитет, погрешниот избор на модели и други чинители. Откако во 2030 година ќе биде завршено искачувањето на Џагјуар, ЈЛР се надева дека ќе продава по околу 50.000 возила во светот. Пазарот во САД веројатно ќе биде најголемиот пазар за марката.

Џагјуар оди на „неочекувано и оригинално размислување“
Директорите посочуваат дека 90-годишната историја на Џагјуар влијаела врз начинот на којшто дизајнерите пристапиле кон задачата да ги осмислат одново сите аспекти на марката. Тоа влијание нема да се гледа во облиците, боите или дизајнерските обележја на следната генерација на Џагјуари, којашто ќе се состои од:
- ГТ, долга лимузина со низок покрив и високи перформанси
- Голем СУВ со три реда седишта
- Трет модел, веројатно лимузина наменета за благородништвото
Прочуената овална маска на Џагјуар, што влече корени од Е-Тајп, боковите на Икс Џеј 6 како на мачка, хаубите со испакнување и останатите форми што го одредуваа изгледот на марката во сите децении досега, ќе бидат заменети со дизајнерски елементи што концептниот автомобил во Мајами ќе ги прикаже првпат.
„Не е потребно на нашите идни клиенти да им кажуваме од каде доаѓаме и што се случувало порано. Тоа што треба да го направиме е тие емотивно да се поврзат со тоа што ќе го правиме во иднина. Толку е едноставно,“ вели Рич Стивенс, главниот дизајнер на Џагјуар.

Новиот идентитет на Џагјуар е роден од првичната замисла на основачот Вилијам Лаконс за марката што во 1935 година беше лансирана во Ковентри, Англија, од наследството на Сволоу Сајдкар Ко. Лајонс тогаш му кажал на својот тим дека Џагјуар треба да биде „копија на ништо“.

ЈЛР наведе четири основни столбови што го носат новиот идентитет на марката:
- Означување на марката: Логото на Џагјуар се заменува со испис на името на марката.
- Пречкртано: „Нагласена линеарна графика што создава непогрешлива појава и брза препознатливост дека тоа е Џагјуар, со пречкртување на имитацијата и на обичното.“
- Раскошни бои: „Бојата е темел на новиот идентитет на марката Џагјуар, којашто укажува на нејзините вредности и ја поврзува со уметноста. Примарни бои, создадени од палетата на сликарот – жолта, црвена, сина – и сите тонови, додавајќи текстура и движење.“
- Печат на изработувачот: Џагјуар го редизајнираше прочуениот „липер“, јагуарот во скок што со децении е присутен на повеќето лимузини и спортски модели.
Во преостaнатите 18 месеци до пуштањето на концептот од Мајами во сериско производство, во салоните на Џагјуар ќе има се помала разновидност од модели. Само еден модел остана во производство, а тоа е СУВ-моделот од средната класа Ф-Пејс.
Британците кажуваат дека располагаат со голема залиха од модели и ќе ја покриваат побарувачката за нив во поголемиот дел од следната година. Откако и Ф-Пејс во почетокот на 2025 година ќе ги напушти производствените ленти, дилерите на Џагјуар ќе работат со одбрани користени возила, со сервисирање и резервни делови, меѓутоа главната работа ќе им биде продажбата на Рејнџ Ровери, Дискавери и Дефендери.
















