Рено Меган Е-Тек по 100.000 километри на струја: Како е батеријата?

Електричниот Меган по 100.000 километри. Фото: Аутомобил Пропре

Рено Меган Е-Тек, истиот модел што зимоска беше на тест-возење во Аутомедиа, за две години мина 100.000 километри како возило во служба на концернот Браксон, што работи на решенија за електромобилност.

Уште однапред е сосем јасно дека Рено Меган Е-Тек, единствениот Меган што Французите го имаат во понуда во моментов, за две години не мирувал ниту секунда. Возилото било користено и во службени и во приватни цели, па дури како возило за патување на летен одмор, со мал надомест од вработените во фирмата. Груб просек е дека возилото секој ден минувало по околу 135 километри.

Францускиот вебсајт Аутомобил Пропре, што е дел од концернот Браксон и специјализиран е за електрични возила, бараше одговор на најважното прашање што го засега автомобилскиот свет. Колку издржа батеријата по 100.000 километри во секојдневно возење – и полнење веројатно секој трет ден? Колегите направија најдетален преглед.

Концернот Браксон (каде што спаѓаат Аутомобил Пропре, Клинрајдер, Револушон Енерџетик и Чарџмап) го пуштила Рено Меган Е-Тек да вози како службено возило во јули 2022 година. Станува збор за изведбата ЕВ60 Суперчарџ, дополнително опремена со навигација со унапредена реалност и со полуавтопилот. По само две години, бројчаникот дојде до шестцифрена вредност. Со тоа достигнување, овој Рено Меган Е-Тек стана еден од највозените електрични автомобили во Франција. За просечната потрошувачка излезе вредност од 16,8 киловатчасови на сто километри, што е сосем пристојна вредност за класата.

По поминати 100.000 километри, примерното службено возило беше однесено во сервисната работилница на Хес Аутомобил во Стразбур, за да се направи темелен преглед. По рутинската проверка на светлата, бришачите и течностите, бил пронајден мал дефект. Куна го прегризала цревото за течност за миење на задното стакло. Малото оштетување било поправено за миг. Што се однесува до механиката, сé работи совршено.

Колку долго издржува батеријата на Рено Меган?

Главното внимание при техничкиот преглед било во проверката на состојбата на батеријата, односно на т.н. стејт оф хелт (СоХ). Оваа информација е клучна за електричните возила, затоа што покажува колку е задржано од првобитниот капацитет на батеријата.

Капацитетот во просек се смалува по 2 проценти на годишно ниво. И покрај напорната служба и честото приклучување на брз полнач, Меган покажа многу охрабрувачка вредност: 96 проценти преостанат капацитет. Тоа покажува дека батеријата, и покрај вонредните навики за полнење на истата, одвај дека изгубила нешто од капацитетот кога возилото излегло од фабрика.

Целиот извештај е на следниот линк:

https://www.automobile-propre.com/articles/revision-entretien-100-000-km-etat-batterie-renault-megane-voiture-electrique/

Компактниот Рено користи гуми за сите сезони Гудјир Вектор 4Сизон Ген3што по 100.000 километри веќе се за менување, откако веќе еднаш била направена замена при 60.000 километри. Тоа ја побива и заблудата дека гумите кај електричниот погон се трошеле пребрзо.

Поради тоа што возилото располага со регенеративно сопирање, односно електромоторот-генераторот создава отпор кога ќе се отпушти педалот за возење и Меган така забавува, без потреба да се притиска често педалот – а притоа се полни батеријата – сопирачките по 100.000 километри покажале истрошеност од само 20 проценти.

  • Од приказните оти електричните автомобили биле скапи за одржување, ниту трунка вистинитост. Редовен сервисен преглед чини 95 евра.

Електричниот Меган до 100.000 километри бил однесен само двапати на сервис. Еднаш во јуни 2023 година, при 31.249 километри, заради замена на филтерот за кабина, при што возилото било качено на платформа, за да се проверат 80 точки, односно гуми, сопирачки, зглобови, манжетни и лежишта. Цената: 79 евра, односно близу 95 евра. Истото се повторува во јануари годинава, при 61.699 евра, кога се сменети и гумите.

Браксон в година ќе го заменат електричниот Меган со новиот Рено 5 Е-Тек, секако на струја. Во фирмата се мошне самоуверени во изборот на електричен автомобил, посебно откако се покажа и докажа дека ниту вонредните оптоварувања не се предизвик за електричниот погон. Браксон планира уште еден електричен автомобил, за којшто наведува само дека нема да биде од француска и воопшто од европска марка. Кинеска можеби?

Видеото од тестот на Рено Меган Е-Тек во Аутомедиа

Претходна објаваЕвропските марки им пуштаат пари на своите дилери во Кина за да останат во игра
Следна објаваЕУ ја сети силата на Кина, постигнат е технички консензус околу царините

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here