Европските марки им пуштаат пари на своите дилери во Кина за да останат во игра

БМВ соопшти дека потрошиле „трицифрена милионска сума“ за да ѝ помогнат на својата мрежа во Кина, а Мерцедес-Бенц и ЈЛР исто така им дале финансиска помош на своите дилери во земјата.

„Се даваат големи попусти за возилата и се создаваат големи залихи кај дилерите, што доведе до низа пропаѓања во дилерската мрежа во Кина,“ кажа Ричард Молино, директор за финансии во ЈЛР, при објавувањето на деловните резултати на 8-ми септември.

Кина е клучен пазар за европските премиум марки и во изминатите години таа беше извор за најголемиот дел од нивниот профит, но намалената побарувачка и зголемените попусти ги скусија маржите во целата бранша во третиот квартал годинава.

Ауди веќе реагира на сменетите услови во Кина и штотуку ја лансираше марката АУДИ (разликата е во тоа што се пишува со големи букви, нема прстени), чијшто модели се развиени во соработка со кинески партнер

Продажбата на БМВ во Кина падна за 30 проценти во третото тромесечје

БМВ соопшти дека во третото тромесечје продал 147.839 возила во Кина, што е за 30 проценти помалку во споредба со истиот период лани. Вкупната маржа на производителот во периодот од почетокот на јули до завршетокот на септември се смалила на само 2,6 проценти, наспроти 10,9 проценти во претходните месеци. БМВ ја наоѓа вината за тоа во ослабнатото расположение во Кина за странските марки, како и во трошоците за сервисниот повик, што беше предизвикан од неисправните компоненти испорачани од добавувачот Континентал.

Продажбата на ЈЛР во третиот квартал во Кина исто така се смали за 17 проценти, на 22.785 возила. Тоа соодветно влијаеше за маржата да се смали на 5,1 проценти, наспроти 8,9 проценти во претходниот месец. „Тоа што ме загрижува најмногу е Кина,“ кажа Молино.

Маржата на Мерцедес во третото тромесечје падна од 10,3 проценти лани, на 5,7 проценти годинава. Речиси половината од тој пад се должи на „ефектите од чистењето на залихата од БЕВ и подршката за дилерите во Кина,“ кажа директорот за финансии Харалд Вилхелм при објавувањето на деловните резултати на 25-ти октомври.

Продажбата на германскиот производител во Кина во првите девет месеци падна за 10 проценти, на 512.200 возила. Најмногу се погодени ексклузивните модели што носат висока маржа, како што се С-Класа и ГЛС, чијашто продажба во светски рамки опадна за 12 проценти „главно поради субвенционираната пазарна средина во Азија“, соопштија од компанијата.

Ауди не ги објави посебно резултатите за последниот квартал, но кажа дека продажбата во Кина во првите девет месеци била намалена за 8,6 проценти, на 479.496 возила. Во извештајот за деветте месеци, условите на пазарот се оценуваат како „предизвикувачки“.

Целиот пазар на возила од премиум сегментот во Кина во првите девет месеци падна за 8,5 проценти, на 1,9 милион возила. Тоа го покажуваат бројките од Здружението на производители на патнички возила во Кина.

Извозот на автомобили од германските производители во Кина вреди четирипати повеќе од увозот на кинеските автомобили во земјата, барем таков беше случајот лани. Електричната Г-Класа имаше премиера во Кина

Според истражувањата, можно е годинава да затворат 2.000 дилери во Кина

Според истражувањето на Здружението на дилери на автомобили во Кина, се очекува околу 2.000 дилери годинава да ги заклучат вратите. Повеќе од половината од дилерите што биле анкетирани во првото полугодие, кажале дека годинава ќе останат без добивка. Во истиот период лани, само 7,3 проценти од дилерите имале такви предвидувања.

Здружението ги обвинува производителите за тоа што пропуштиле да го смалат производството и да го доведат во чекор со условите на пазарот. „Во моментов, најголем проблем на автомобилскиот пазар стана недоволната побарувачка“, објави Здружението во август.

Еден од најдрастичните примери за дилерска утка е првиот „5С“ салон на БМВ во Пекинг, цени бизнис магазинот Јикај.

Главните дилери во Кина обично се водат како „4С“, поради тоа што нудат Сејлс (продажба), Сервисинг (сервисирање), Спер партс (резервни делови) и Сурвеј, односно повратен одговор од клиентите. Новиот центар на БМВ беше главна вест при отворањето во 2012 година, затоа што го додаде 5-то „С“, за Сустејнабилити (одржливост). Центарот се снабдува со електрична енергија од ветерни турбини и соларни панели.

Центарот 5С во Пекинг беше затворен, заедно со уште неколку други салони, со коишто раководеше холдингот ГА, компанија што котира на берзата во Хонг Конг, соопштува Јикај.

БМВ соопшти дека им помага на дилерите, главно преку финансиска поддршка, за тие да можат да направат залиха од возила. „Голем дел од нив во моментов се во загуба, но не се работи само за профитабилност, туку и за ликвидност,“ кажа директорот за финансии Валтер Мертл при објавувањето на деловните резултати на 6-ти ноември.

Проблемите на дилерите направија банките да станат попретпазливи, а со тоа само се влоши ситуацијата за преостанатите дилери. „Таа инсолвентност го урива стремежот на банкарскиот систем да ги финансира преостанатите дистрибутери,“ вели Молино.

Мерцедес ќе продолжи да им нуди сличен обем на помош на дилерите во четвртиот квартал, вели Вилхелм. Тој сепак ги предупредува дилерите, „да ја завршат својата домашна работа“, односно да работат поефикасно и да го смалат својот отпечаток, за да станат самоодржливи, гледано во среден рок. Во Мерцедес не веруваат дека со поддршката на дилерите ќе се продолжи во 2025 година, кажува Вилхелм.

Фабриката на Џагјуар Ланд Ровер во Кина

Кинеската ценовна војна ги погоди европските марки

Европските премиум марки сé повеќе се зафатени во ценовната војна во Кина, а тоа значи дека мораат да даваат големи попусти, посебно кај своите подостапни моделски серии.

ЈЛР кажува дека тоа влијаело врз модели, какви што се Рејнџ Ровер Ивок и Ланд Ровер Дискавери Спорт, коишто се произведуваат во Кина. „Во мас-секторот на пазарот, тоа е многу, многу лошо“, кажува Молино, воедно додавајќи дека „тоа уште не е толку лошо во сегментите во браншата во коишто навистина играме добро и каде што навистина се потпираме на нашата профитабилност.“

Во истражувањето на Јикај е спомнат цитат од дилер на ЈЛР, кој вели дека единствено Рејнџ Ровер и моделите на Дефендер им се профитабилни.

Додека кинескиот пазар се движи кон целосно електрични и приклучни хибридни возила, купувачите сé повеќе им даваат предимство на домашните марки. Тоа ги потиснува европските премиум марки кон врвот во луксузната понуда, каде што преовладуваат модели со мотор со внатрешно согорување.

„Во најнските сегменти постои навистина силна конкуренција од новите евтини БЕВ, коишто влијаат врз пазарот на возила со мотор со внатрешно согорување. На спротивниот крај, тоа уште не се случува“, заклучува Молино.

Првиот дел од тестот на Фортинг Т5 Ево со хибриден погон

Претходна објаваСледниот Мерцедес ЦЛА ќе се произведува со електричен и благ хибриден погон
Следна објаваРено Меган Е-Тек по 100.000 километри на струја: Како е батеријата?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here