ЦЛА е конструиран врз новата платформа ММА на Мерцедес. Моделот ќе биде достапен во изведба со целосно електричен погон, со таа посебност што ќе поседува двостепен менувач, за којшто Мерцедес тврди дека ја смалува потрошувачката на струја. Освен во целосно електрична изведба, новиот ЦЛА ќе биде достапен и со благ хибриден погон, со електромотор вграден во менувачот.
Неколку медиуми објавија дека бензинскиот мотор што ќе се вградува е дволитарски со турбо натпополнење, произведен од Хорс, заеднички огранок на Рено и Џили, којшто е специјализиран за мотори со внатрешно согорување. Во претходните генерации на компактните модели на Мерцедес, базирани врз А-Класа, се вградуваа и мотори што беа развиени заеднички со Рено.
ЦЛА ќе биде и првиот модел на Мерцедес што ќе ја користи новата верзија на оперативниот систем МБ.ОС, чијашто главна одлика е во тоа што виртуелниот асистент ќе биде заснован врз вештачка интелигенција.
Мерцедес на 6-ти ноември објави слики од камуфлираниот сериски модел, како и видео во коешто извршниот директор Ола Калениус ги прикажува можностите на виртуелниот асистент со вештачка интелигенција. Уште една посебност е панорамскиот стаклен покрив што го опфаќа и подрачјето по задните столбови.
ЦЛА беше најавен со прикажаниот концептен автомобил во 2023 година, со електричен досег од 750 километри

Мерцедес-Бенц Концепт ЦЛА Клас беше прикажан во 2023 година. Тој поседува досег од преку 750 километри. Мерцедес не соопшти колкав ќе биде досегот на серискиот модел
Новата генерација на компактни автомобили за „влез во луксузот“ ќе биде достапна во помалку каросериски изведби, соопшти Калениус кон завршетокот на 2023 година. Штутгарт повеќе се насочува кон своите најпрестижни моделски серии, какви што се С-Класата и семејството теренци Г-Класа, и моделите на посебните марки Мајбах и АМГ.
Мерцедес во моментов нуди седум модели од компактната класа, што се конструирани врз платформата МФА2: Комбилимузина А-Класа, ван Б-Класа, лимузинска А-Класа, купе ЦЛА и комби купе ЦЛА, ГЛА (исто и електричен Е Ку А), како и СУВ-модел ГЛБ (исто така се нуди електричен Е Ку Б).
Планот е бројот на каросериски изведби во следните години да се сведе на четири, вклучувајќи ја лимузината ЦЛА.
Мерцедес под раководството на извршниот директор Ола Каленус се префрлува на модели што носат повисока маржа
Калениус во март 2022 година кажа дека Мерцедес планира да ја зголеми цената на своите компактни модели, за да може маржата од целиот автомобилски бизнис да ја искачи на 14 проценти.
Во тој период, Мерцедес соопшти дека моделите од почетокот на понудата од 2026 година натаму ќе учествуваат со многу помал удел во вкупната продажба на Мерцедес.
Компактните модели и натаму му носат висока продажба на Мерцедес. До септември годинава, А Класа се продаде во 57.960 примероци, според Датафорс, наспроти 62.042 продадени примероци во истиот период лани. Продажбата на ЦЛА годинава достигна 40.094 примероци, наспроти 44.985 примероци лани. Б-Класа до септември е продадена во 11.759 примероци, за разлика од 13.562 лани.
Класата А и ЦЛА се на третото и четвртото место во продажбата на компактни модели од премиум марки, зад лидерот Ауди А3/С3 и Серија 1 на БМВ.
















