Мерцедес Г 580: Автомобил на струја за делот од светот што не бара помош за електричниот погон да им се допадне

Г-Класата на Мерцедес требаше да биде последниот автомобил што ќе премине на електричен погон. Синиов Г 580 сепак означува пресвртница во електричниот погон. Куса проба на „Гелендесаурусот“ на струја во Мак Аутостар е доволна за да се добие претстава, зошто менаџерите во Цуфенхаузен беа толку самоуверени околу електричната Г-Класа.

На автомобилската модна писта во Мак Аутостар, на тој кус простор пред салонот, каде што ретки и скапи Мерцедеси и Мајбаси влегуваат светнати и излегуваат „насмеани“, годинава имаше вообичаено угледни појави, од ЦЛЕ Кабриолет до АМГ ГТ купе. Ако се чинеше дека за годинава е завршена програмата на премиери на увозникот на Мерцедес-Бенц, една сина Г-Класа увери во спротивното. Тоа не само што е електрична Г-Класа, туку е целосно електрична Г-Класа. Не е приклучен хибрид што ќе мине стотина километри на струја, колку за забава, туку ќе извози 468 километри, сé на батерија.

Тоа е најпретставителниот и најексклузивен електричен автомобил на Мерцедес-Бенц, токму поради тоа што никој не очекува дека автомобилот, што во изгледот, но и во основната констуркција, најмалку се има сменето во своите пет децении, ќе почне да вози на струја.

Бројките се запрепастувачки. Четири електромотори, поставени најблиску што може до тркалата, заедно ослободуваат моќност од 432 киловати, односно 587 КС. Спринтот до темпо сто трае 4,7 секунди. Може да се црпи струја од брз полнач со моќност до 200 киловати, кога батеријата од 116 киловатчасови ќе се наполни за 32 минути. И тежината е за пример, секако, со 3.085 килограми.

Тоа што ги привлекува купувачите на Г 580 со технологија Е Ку, како што вистински гласи ознаката на моделот, место првично замислената ознака Е Ку Г, тоа е ексклузивноста. Колку помалку има смисол во некоја кола, толку таа е попривлечна. Десетици илјади Г-Класи со мотори Ве-8 и тркачки пакети АМГ веројатно никогаш го немаат напуштено асфалтот и единствена пригода кога навистина се докажал погонот на сите тркала на легендата, било возењето по снег до некој скап зимски ресорт на две илјади метри над морето. Затоа е споредно тоа што Г 580 е електрична. Главното е што е ексклузивна.

Неважни се полначите, субвенциите, ослободување од патарина, сé е до идејата да се поседува вакво необично парче што вози на струја

Никој за овој автомобил нема да се праша дали имало доволно полначи по улиците, дали имало субвенции, дали паркирањето или патарините се бесплатни. Илјада евра за човек да си постави полнач во една од гаражите дома, и уште толку за пред сопствената фирма, се ситна сума покрај вредноста на Г 580. Па, само бојата на овој ексклузивен примерок во Мак Аутостар, во германскиот ценовник чини околу 8.700 евра. Тоа не само што е боја на Мануфактур, одделение на МБ за посебни нарачки, туку е ексклузивна боја меѓу самите ексклузивни бои. Зидзеблау Магно, тоа ѝ е името.

Електричната Г 580 е предизвик да се поседува. Тоа им се допаѓа на богатите и убавите, да поседуваат нешто што светот не може да си го дозволи. Реално, оваа тритонска куќа на тркала ќе се движи најчесто во град и можеби малку околу, затоа што во возниот парк веќе постои лимузина што е уште поскапа и поексклузивна, а таа вози долго на бензин или дизел.

Кусата проба што ја дозволи Мак Аутостар во кругот на центарот, беше сосем доволна да се почувствува волшебното во Г-Класа, во преживеаниот диносаурус меѓу автомобилите, во комбинација со мазен, тивок, моќен погон на струја. Јасно е дека се работело многу на звукот. Тонот е дотеран да личи на Ве-8, колку да потсеќа оддалеку на вообичаениот звук во оваа кола, но пак да укажува на електромоторите долу.

Исто како секоја Г-Класа, каросеријата е поставена врз носечка рамка, што инаку би можела да се користи и како темел за куќа. Во самата рамка, во просторот меѓу профилите дебели колку за железничка пруга, поставени се батериските модули.

Цуфенхаузен дури спомнува дека тоа е првата електрична изведба од Г-Класа, што води кон претпоставка дека би следеле послаба и посилна, веројатно АМГ-изведба.

Од теренските посебности, тоа што ја прочу Г 580 уште пред да се појави, беше најавата за Џи-Турн, односно вртење во место, со 4-те електромотори. Постои и теренска редукција, како и Џи-Стиринг, кога значително се скусува кругот на вртење. На тоа следи избор од три брзини за ползење кога Г 580 ќе се пушти да вози самостојно по терен.

Искачувањето е 100 проценти, што значи 45 степени, а страничното наведнување држи до 35 степени. Понирање во вода до 85 сантиметри е за 15 сантиметри повеќе од бензинците. Место механичка блокада на диференцијал, се добива Торк Векторинг, пак дело на 4-те електромотори. Врв е Џи-Роар, звукот на е-погонот.

Салонскиот примерок е од специјална серија Едиција Прва, во ограничен број примероци, со посебности и во изгледот и во опременоста. Германската цена за „Едиција“, без опциите што очигледно ги поседува овој историски примерок во Мак Аутостар: 192.524,15 евра.

Едиција Прва чини 49.902,65 евра во Германија. Дел од тоа што го состои овој ексклузивен модел:

  • АМГ Линија
  • Ноќен пакет
  • Металик лак или Мануфактур Лак, по желба (Сината боја на салонскиот примерок е вклучена во цената)
  • Лого Мануфактур во црна боја
  • Црни копчиња во рачки на врата со лого
  • Црна капа за бравата на задната врата
  • Проекција на лого од ретровизорите
  • Странични нагазници
  • Лизгачки покрив
  • Заштитни лајсни со син акцент
  • Тркала АМГ од 20 инчи со 10 краци и аеродинамична форма
  • Сопирачки клешти во сина боја
  • Дизајн кутија назад
  • Супериор внатрешност
  • Мултифункциски спортски волан со напа кожа и син украсен штеп
  • Седишта во напа кожа со бисерно сребрена / црна боја со сини штепови
  • Украсни лајсни од карбон со сини вметоци
  • Беџ Едиција Прва на држачот пред совозачкото седиште
  • Арматурна табла обложена со напа кожа со сини штепови
  • АМГ патосници со сини штепови
  • Држачи за пристап Мануфактур обложени со кожа
  • Аудио систем Бурместер сараунд 3-Д
  • Џи-Роар
  • Јонизација на воздух во кабина
  • Пакет за комфор
  • Пристап без клуч
  • Безжичен полнач за телефон
  • Грејач во држач за чаша
  • Отворач за гаражна врата
  • Активни мултиконтурни седишта Плус
  • Активни мултиконтурни седишта со динамична функција
  • Пакет Енерџајзинг Плус
  • Климатизирани седишта напред
  • Аларм и заштита од кражба

 

Претходна објаваЛамборгини го зголеми прометот за петтина, сите модели се барани
Следна објаваШто менува претседателствувањето на Трамп во автомобилската индустрија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here