Членките на ЕУ изгласаа царини во висина до 45 проценти за електричните автомобили што доаѓаат од фабриките во Кина. Со тој чекор, Европската Комисија има намера да го ублажи влијанието од високите државни субвенции што производителите го добиваат во Кина, што на крајот им овозможува своите електрични модели да ги понудат во Европа по цена што е далеку под европските и останатите производители.
Пекинг не се сложува дека со тоа ги нарушува правилата за фер конкуренција и се закани дека ќе возврати со сопствени царини. Конкретно за БИД, Унијата одреди царина во висина од 17 проценти (за марката МГ изнесуваат двојно повеќе), дополнително на досегашните 10 проценти за увозот од Кина.
„Повисоките увозни царини се „краткорочен предизвик,“ цени извршната потпретседателка на БИД, Стела Ли. Таа додава дека повисоките давачки ќе паднат на грб на купувачите на возила. Директорката разговараше на таа и на уште бројни други теми со уредникот на Аутомотив Њуз Европа, Даглас А. Болдук и со издавачот и уредник на германскиот Аутомобилвохе, за време на салонот на автомобили во Париз.
Како БИД ќе се справи со повисоките царини на ЕУ за електричните автомобили што од Кина се извезуваат за Европа?
БИД е инженерска и технолошка компанија и сакаме да станеме глобална компанија. Денес ние сме светски водач во новоенергетските возила (поимот се користи во Кина за приклучни хибриди и целосно електрични возила). Раководејќи се според податоците од изминатите месеци, ние имаме удел од 23 проценти на светскиот пазар. Тоа е неверојатно. Ние ја имаме најдобрата технологија. Поради тоа, БИД ќе продолжи да работи за да стане поглобална компанија, што значи дека ќе почнеме со локално производство. Царините се краткорочен предизвик.
Различни резултати
Во првите девет месеци, продажбата на БИД на клучните пазари растеше и опаѓаше
- Италија: +1.396%
- Франција: + 1.243%
- Шпанија: +1.113%
- Обединето Кралство: +1.082%
- Германија: -38%
- Шведска: -73%
Les véhicules chinois bientôt plus taxés
🎙️ Stella Li, Vice-présidente du groupe BYD pic.twitter.com/yJ0FpHYPtc
— BFM Business (@bfmbusiness) October 14, 2024
Кој ќе ги покрива дополнителните трошоци од царините?
На крајот, тоа ќе биде потрошувачот. Од таа причина, царините не се фер кон европските купувалчи, затоа што им го ограничуваат пристапот до електрични автомобили со повисоки перформанси. Штета.
Дали БИД може да се обиде и да договори подобра зделка со политичарите на ЕУ?
Немаме влијание врз царините. Бидејќи БИД е глобална компанија со глобална стратегија, на секој пазар на којшто влегуваме, вложуваме локално. На пример, ние инвестиравме во Бразил и во првото тромесечје од следната година ќе почнеме со работа. Пред две години, решивме да инвестираме во Унгарија. Тој погон ќе почне со работа до завршетокот на следната година. Тоа е огромна разлика. Ние сме посветени на долгорочна стратегија.
Како напредува вашата фабрика во Унгарија?
Добро. Нема доцнење. Сé тече мазно.
Кои автомобили ќе ги произведувате во Унгарија?
Во Унгарија главно ќе произведуваме електрични автомобили. Моделот ќе го откриеме во иднина.
Дали веќе планирате втора фабрика во Европа?
Уште немаме донесено такво решение. Прво треба да провериме како се движи пазарот.
Какви се вашите планови да почнете со производство во Турција?
Уште работиме на деталите, но целта ни е таму да почнеме со производство во 2026 година.
Дали е подобро да имате нова фабрика или да преземете постоечка фабрика?
Отворени сме за сите можности. На пример, фабриката во Бразил ја купивме од друга компанија (Форд) и ја унапредивме фабриката.
Во Европа постојат големи можности да се соработува со производители по налог што работат со неискористен капацитет. Дали разговарате со нив?
Немам учестувано во такви разговори, но БИД е заинтересиран да зборува за тоа.
Кога станува збор за вашата мрежа од дилери во Европа, БИД реши во Германија да го преземе својот дистрибутер, Хедин Електрик Мобилити, откако продажбата опадна нагло. Како ќе помогне тоа?
Доколку БИД сака да биде меѓу најдобрите марки во светот, мораме да го правиме тоа (преземање директна контрола врз продажбата и дистрибуцијата на клучни пазари).
Дали БИД и натаму има амбиција да биде меѓу врвните пет играчи на пазарот на електрични возила во Европа?
БИД е марка број 1 на светскиот пазар на новоенергетски возила, со пазарен удел од 23 проценти. Според тоа, ако можеме да го постигнеме тоа глобално, зошто да не целиме да бидеме на врвот во Европа? Дали влегувањето на европскиот пазар, посебно во Германија, беше потешко од очекувањата? Да, поради тоа што европските купувачи се поконзервативни. Плус, влеговме на пазар каде што постои големо бунило околу тоа, дали треба да се преоѓа на ЕВ или треба да се врати на возила со мотори со внатрешно согорување. Тоа е мошне збунувачки, предизвикувачки пазар, но ценам дека имаме богато искуство. Откако клиентот ќе влезе во еден од нашите автомобили, тие веднаш се заљубуваат поради сета технологија, чувството во возење, перформансите. Нив им е удобно. Треба да се работи на стекнување на нивната доверба. Можеби тоа ќе се одвива бавно и довербата ќе се гради чекор по чекор, но на крајот ќе ја имаме нивната доверба, затоа што имаме најнапредна технологија.
Дали сте задоволни од тоа што 2024 година му го донесе на БИД во Европа?
Среќни сме со резултатите. Ќе продолжиме да се подобруваме. Во следните неколку месеци ќе видите големи промени во БИД.
Какви промени планирате?
Со Делфин и Сил имаме мошне конкурентни автомобили. Тие нудат висока технологија и најдобри перформанси, така што треба да ја прошириме нашата диелрска и сервисна мрежа, што е поедноставно, затоа што веќе ги имаме производите. Луѓето ќе го забележат тоа и ќе почнат да веруваат во БИД, затоа што ние се обврзуваме кон пазарот. Тоа ќе ги убеди да ја пробаат марката.
Дали ќе го зголемите бројот на дилерства?
Нашата дилерска мрежа ќе ја зголемиме двапати до трипати, не само во Германија, туку во цела Европа.
Дали на некои пазари им се посветувате повеќе?
Секој единечен пазар ни е важен. Тоа е само прашање на брзината.
















