Од лимузинска А-Класа до продолжена С-Класа, тоа е целиот распон што Мерцедес-Бенц го покрива денес со модели со приклучен хибриден погон. Моторите денес брмчат сé помалку, затоа што електромоторите сé повеќе им ја преземаат работата. Животната средина е важна. Но, важни се и емоциите. Токму на тоа сакаше да укаже Мерцедес-Бенц, со планинската тура со дузина модели со приклучен хибриден погон – и опремени со врвните аудио системи што се вградуваат во нив.
Традиционалистите секогаш ќе кажат дека технологијата одзема од емоциите. Тоа би можело да важи за денешните мотори, што не се толку гласни и масивни како некогаш. Но, светот денес прави сé, да запрат климатските промени и да се сочува животната средина. Тоа важи и за замената на жаречките светилки со диодни светилки дома, и за електрификацијата што ѝ се случува на автомобилската сцена и сето опкружување врз кое што таа влијае.
Бидејќи звукот од големите мотори е сé потивок, а звук во возењето мора да има, затоа што возењето по природа е придружено со емоции, тука стапуваат на сцена врвни аудио системи за да го заокружат доживувањето. Тоа е пораката на возењето што Мерцедес-Бенц го организираше за медиумите, насловено Доживејте ја Плаг-ин Музиката на Мерцедес-Бенц.
Штутгарт ја поврзува хибридната технологија Е-Ку од 4-та генерација со дигитално аудио искуство во кабината
Главниот модел во обраќањето на Мерцедес-Бенц кон својата публика во периодов е ЦЛЕ, купе и кабриолет. Првиот производител на автомобили во светот вели дека овој модел „го исполнува сонот на бројни клиентки и клиенти за возило од соништата во сегментот на Ц- и Е-Класата.“ При неодамнешната премиера на кабриолетот ЦЛЕ во Мак Аутостар, точно тоа можеше да се почувствува. Овој автомобил ја надминува вообичаената класна припадност, односно може да биде и врвен луксузен крстосувач, што со вредно штиклирање опции од дополнителната опрема, досега до местото што до пред четири години му припаѓаше на кабриолетот од самата С-Класа.

Изведбата на ЦЛЕ со приклучен хибриден погон, се води како ЦЛЕ 300 е Купе со технологија Е-Ку. Тоа е целосното име на моделот. Спортскиот пакет АМГ Лајн, патем, тука следи како стандард. Главниот штос е во преку 100-те километри што може да се извозат чисто на струја, пред да се повика моторот. За тоа време, ЦЛЕ ќе биде задвижуван од електромотор со 95 кВ (129 КС), односно поважно, со вртежен момент од 440 њутнметри. При забавување или по надолнина, електромоторот дејствува како генератор на струја со моќност до 100 кВ. Батеријата е голема 19,5 кВч, купето и кабриолетот излегуваат уште од фабрика со сопствен полнач од 11 кВ.
Уште една посебност е тоа што погонот ги чита информациите од навигацијата, знае дали се вози по планина или по рамно, колкаво е брзинското ограничување, колку е густ сообраќајот, за врз основа на тоа пресмета и избере најдобра стратегија, како на секој дел од патот да соработуваат електромоторот, моторот и батеријата.
ЦЛЕ во основа го продолжува поглавјето на ЦЛК, којшто исто така балансираше меѓу Ц- и Е-Класа, па одеше и уште понапред, со ексклузивната ЦЛК 63 АМГ Блек Серија, на пример. Сега силата е на друго место, во електрификацијата.

Со 4,85 метри во должина, 1,86 метар во ширина и 1,43 метар во висина, ЦЛЕ е најголемо купе во средната класа. Назад има 25 милиметри повеќе место за колената. Посебно место во кокпитот ужива средишниот дисплеј од 11,9 инчи, што се мести по агол, по пример на АМГ СЛ. Амбиенталното осветлување го претвора кокпитот во морска ривиера.
Скапа опција е озвучувањето Бурместер, со тридимензионален сараунд систем, што меѓу другото има и по два звучници во висина на потпирачите за глава. Не е само до бројот на звучниците, туку и до дигиталната работа. Тоа значи, Долби Атмос и Спејшл Аудио.
Тоа што го постигнува Долби Атмос е внесување поголема просторност, јасност и длабочина на звукот. Покрај тоа, работата на системот се приспособува според средината. Околу 700.000 возила на Мерцедес-Бенц се испорачани досега, со поддршка за Долби Атмос. Во дел од нив, системот е активиран, односно избрана е таа опција при нарачката на возилото, додека кај останатите возила, тоа може да се направи и отпосле, со вчитување на софтверот од податочен облак.
Оваа можност, Мерцедес-Бенц почна да ја нуди во септември. Во основа, се вчитува нов софтвер исто како во телефон.
Основни технички податоци Мерцедес-Бенц ЦЛЕ 300 e |
||
| Број на цилиндри, 4 | ||
| Работна зафатнина | cm3 | 1.999 |
| Моќност, мотор | kW/КС | 150/204 |
| при | 1/min | 6.1 |
| Вртежен момент | Nm | 320 |
| при | 1/min | 2.000 – 4.000 |
| Моќност, електромотор | kW | 95 |
| Вртеќен момент | Nm | 440 |
| Системска моќност | kW/КС | 230/313 |
| Системски вртежен момент | Nm | 550 |
| 0-100 km/h | s | 6,3 |
| Највисока брзина | km/h | 236 |
| Највисока брзина при е-погон | km/h | 140 |
| Потрошувачка | l/100 km | 7,4 – 6,7 |
| Емисија CO2 | g/km | 16 – 12 |
| Корисна големина на батерија | kWh | 19,5 |
| Потрошувачка на струја | kWh/100 km | 20,9 – 19,1 |
| Досег со е-погон (WLTP) | km | 101 – 112 |
















