Фабриката на групацијата БМВ во Регенсбург е „Фабрик дес Јарес“, односно најдобра фабрика за 2024 година, во категоријата на врвно сериско производство. Станува збор за едно од најценетите одликувања во германската индустрија.
Регенсбург е една од преку 30 локации на коишто групацијата БМВ (Мини, Ролс Ројс) произведува во светот. Секој ден од лентите се симнуваат до 1.400 примероци од моделите БМВ Икс 1 и Икс 2. Посебноста на фабриката е во тоа што на една единствена производствена линија може да се изработуваат и возила со бензински или дизел мотор (со благ хибрид), и возила со приклучен хибриден погон и возила со целосно електричен погон.
Наградите по 33-ти пат ги доделува консултантската куќа Кирни, заедно со издавачката куќа СВ Фераншталтунген и стручниот магазин Продукцион. Жирито го образложи изборот на Регенсбург, за победник во категорија на врвно сериско производство, со следната оцена: „Одушевуваат иновациската сила и динамиката, со коишто фабриката Регенсбург ја врши трансформацијата во иФактори, заедно со целиот персонал. Посебно е примерна флексибилноста, како во поглед на сетапот на фабриката, така и кон работниците, и таа претставува инспирација за успешно производство на локацијата Германија“, кажа Даниел Штенгел, директор во Кирни.
Фабриката во Регенсбург освои бодови и со примената на најнови дигитални алатки, па сé до вештачка интелигенција, со што се искористуваат сите потенцијали во поглед на продуктивноста, квалитетот и приспособливоста.
Изборот е во два чекори. Во првиот чекор фабриките доставуваат детален прашалник за оперативните параметри, по што се избираат најдобрите, за потоа да следи посета на жирито, коешто се состои од познати експерти од индустријата и науката.
Фабриката во Регенсбург работи од 1986 година и една е од преку 30 локации на коишто групацијата БМВ произведува ширум светот. Високонапонските батерии за електричните модели исто така се монтираат локално, во непосредна близина до фабриката за возила. Тоа се врши во погон што беше отворен во 2021 година, на Лајбницштрасе.
Дел од фабриката претставува и иновацискиот парк Вакерсдорф. Тој се протега на порвршина од 55 хектари и во 1980-те години служеше за нуклеарни истражувања. БМВ таму го изработува кокпитот за своите модели и воедно испорачува делови за своите фабрики ширум светот. На просторот работат 2.500 лица, вклучувајќи го персоналот во уште неколку компании.
Во кругот на фабриките во Регенсбург, БМВ вработува 9.250 лица, вклучувајќи и 300 лица на обука за квалификација.
















