Стар Ланд Ровер Дефендер со нов мотор Ве-8 со 400 КС

Купувачите можат да нарачаат целосно реставрирано возило, во коешто работи 5,0-литарски Ве-8. Моторот постигнува моќност од 405 КС и вртежен момент од 515 њутнметри. Преносот на сила е работа на 8-степениот автоматски менувач од ЗФ.

Две каросериски изведби стојат на располагање, куса 90 и стандардна 110. Спринтот со моќниот мотор до темпо сто трае шест секунди, највисоката брзина со кутиестиот теренец изнесува 171 км/ч.

Како основа за преработката се користи моделската серија на Дефендер што се произведуваше меѓу 2012 и 2016 година. Во неа не се вградуваше осумцилиндарец. Тој беше достапен многу порано, во периодот од 1979 до 1998 година, меѓутоа со далеку пониска моќност.

Во 2018 година, во чест на 70-годишнината на марката беше пуштена лимитирана серија со истиот мотор што се вградува сега. Тој се вградуваше во уште четири специјални серии на Ланд Ровер Класик.

Денешницата остава белези кај Класик Дефендер Ве-8 во диодните светла, дисплејот од 3,5 инчи за ракување со инфо-забавниот систем и во сопирачките што се димензионирани за трка. Купувачите можат да нарачаат и посебни барања што одделението за специјални проекти на ЈЛР секако нема да ги одбие – и да наплати.

 

Ислужените делови во историските примероци од Дефендер се заменуваат со делови од возила произведени меѓу 2012 и 2016 година

Цените почнуваат од 226.000 евра, не вклучувајќи данок. Нарачката се врши преку Класик-центрите на Јагуар Ланд Ровер. Премиерата на автомобилот со целосно име Класик Дефендер Ве-8 бај Воркс Беспоук ќе биде на Гудвуд Ривајвл, настан за историски возила што се одржува од 6-ти до 8-ми септември, во истата средина каде што најбрзите и најскапите автомобили во почетокот на секое лето се собираат за Фестивалот на брзината во Гудвуд.

Видеото од славеничкиот модел за 70-годишнината

Претходна објаваКиа во август продаде повеќе од четвртина милион автомобили
Следна објаваАуди Ку-5: Нов лик за најпродаваниот модел на Инголштат

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here