Само неколку модели останаа во класата на градските мини-автомобили. Главно
останаа тие со најголем имиџ, а Киа Пиканто го има тоа колку многу поголемите.
Киа Пиканто е голем автомобил, иако судејќи однадвор по димензиите, тој е меѓу најмалечките. Големината е во близу 40.000 примероци што се продадени на европскиот пазар во првите седум месеци од годината. Пиканто не се продава оти е најевтин, напротив, туку се продава оти малите димензии уште се предност за широк круг купувачи. Македонска премиера за Пиканто во новото моделско годиште.
Тоа што триото Ајго-108-Ц1 е за Тојота, Пежо и Ситроен, и тоа што триото Ап, Ми и Ситиго е за Фолксваген, Сеат и Шкода, Пиканто е за Киа. Сепак постои една суштинска разлика. Додека сите останати, освен Ајго, веќе одамна се пензионирани, затоа што им носат мала заработка на производителите, Пиканто уште се произведува и одлично се продава. Односно, поточно е да се каже дека малечкото Пиканто уште им се гледа доволно големо на купувачите.
Летово во салоните на марката ширум Европа почна да се дистрибуира новото моделско годиште на Киа Пиканто, а бидејќи увозникот за Македонија ги почитува сите свои модели, од најмалечкиот, до најголемиот, Пиканто доживува македонска премиера, исто како и Соренто, кусо пред него, или електричните ЕВ6 и Ниро.
Не е потребна вештина да се препознае новото моделско годиште на Пиканто. Светлата се изведени во стилот на електричниот знаменосец ЕВ9, но и сите зафати во изгледот на носот се направени како за голем автомобил. Целата замисла на дизајнерите – и уште поважно, одобрението од менаџерите за таа да се реализира – се воочува кога ќе се пуштат светлата. Тоа е цело шоу, вклучувајќи ја и светлечката лента што ги поврзува главните светла.
Светлата всушност се многу важни кај градски модел
Зарем не изгледа претерано, мини-автомобил да биде толку накитен со светлосни ефекти? Тоа не само што не изгледа претерано, туку и градот е вистинската средина да се покаже кој колку може со светлата, и колку може повеќе да биде препознатлив. Во светлата на Пиканто ќе гледа целиот сообраќај што чека на семафор, односно ќе го препознае. Од сета таа драма профитира Киа, имиџот на марката.
Освен во дизајнот, вклучувајќи ги промените во истиот стил назад, новитетите кај најмалечката Киа зафаќаат и во внатрешноста, каде што сосем природно пристигна голем дисплеј од 8 инчи, како и во системите за асистенција. Има и четири нови бои, вклучувајќи ја сината како од салонската премиера, патем позната од Стоник. Црвената боја исто така е нова во палетата на Пиканто.
View this post on Instagram
Киа Пиканто на македонскиот пазар ќе биде достапно само во едно ниво на опрема, коешто во својстен манир за македонската Киа не е пренесено од некој туѓ пазар, туку е скроено според тоа што менаџерите ценат дека ќе им биде важно на купувачите, секако од аспект и на цената. Во детали се забележуваат ставки од највисокото ниво ГТ Лајн, како двобојните тркала од 16 инчи со гуми 195/45.
Опременоста балансира меѓу второто и третото ниво на опременост на Киа Пиканто за германскот пазар, а тоа значи дека се прескокнати детали како стартување на мотор на копче, греење на седишта или безжичен полнач на телефон од Спирит, но затоа се задржани ставки како самостојно собирање на ретровизори, со трепкачи во нив и површини лакирани во сјајна црна боја.
Дека не се седи во обичен малечок автомобил се осознава кога ќе се погледне големината на отворите за воздух
Не е случајно тоа што овие отвори се масивни, затоа што при користењето во град, често се прават куси релации и за тоа време обично е невозможно да се излади или загрее кабината – освен ако проект менаџерите не се од Киа, и се сетат и на тие ситуации, па сé димензионираат двојно. Секако, тоа што вистински убедува во големината на Пиканто е автоматската клима, автоматскиот менувач (само 1.000 евра доплата, патем се работи за мануелен менувач со автоматизирано менување на степените, оттаму и пониската цена), па и самостојното собирање на ретровизорите.
Моторот е 1,2-литарски, со моќност од 80 КС и со четири цилиндри, што денес претставуваат едно мало чудо во автомобил од класата на Пиканто. Со мануелен менувач, спринтот трае околу 13 секунди, крајната брзина е 159 км/ч. Со автоматизиран мануелен менувач, забрзувањето трае околу 3,5 секунди повеќе. Автоматиката ја зголемува потрошувачката во град за три децилинтри, односно од 6,6 литри се добиваат 6,9 литри. Нормата ВЛТП е благодарна и по тоа што ја открива потрошувачката по автопат, кога 1,2-литарецот ќе побара 6,1 литри за секои сто километри. Пиканто нема да се покаже ненаситен кога ќе излезе на автопат.
Цената од 17.950 евра, односно 1.000 евра повеќе со автоматикот, ќе ги збуни лаиците, меѓутоа Киа уште од втората генерација наваму нема намера да го понуди најевтииот нов автомобил што може да се најде во салон, туку да понуди зрелост на поголем автомобил, во поглед на подвозјето, безбедноста, сопирачките (диск назад), комфорот, издржливоста, во потсмалено каросериско пакување. Тоа е исто како Сид да е спакуван во каросерија на Пиканто. Затоа и во Киа Македонија во рекламата за Пиканто велат дека тоа е „напредок без комромиси“, во смисла на тоа дека се добива зрел автомобил во малечка каросерија, како комбинација во којашто одреден круг купувачи гледа предност.
Производителите обично не им придаваат значење на возните својства кај моделите од класата. Кај Пиканто тоа е многу различно. Не постои друг модел во А-сегментот, каде што функционира торк-векторинг, односно дејствување врз сопирачката на предното или задното внатрешно тркало во свијок, со цел во гранична ситуација да се постигне врвна стабилност и предвидливост за возачот. Ова навистина не е мал автомобил, којшто има само многу опрема – и многу светла – туку и се однесува како голем.















