Истражување во Германија покажа дека цената на електричите автомобили е во просек за 21% повисока од споредливите модели со мотор со внатрешно согоирување.
Според ценетиот германски експерт Фердинанд Дуденхофер, купувачите на електрични автомобили во Германија плаќаат во просек за 21 проценти повеќе, отколку купувачите на модел со споредлив бензински или дизел мотор. Разликата ќе беше уште поголема, доколку и за бензинците и дизелите на германскиот пазар се добиваше исто толку голем попуст, како за автомобилите со погон на батерија. Дуденхофер посочува, дека тоа е уште една јасна причина за намалувањето на уделот на е-автомобилите во продажбата во Германија.
Автомобилскиот експерт ги спореди цените од објавените ценовници и ги пресмета тековните попусти за 20 најпродавани модели на електрични автомобили, со нивните бензински изведби, за да ја добие цената што во моментов ја плаќаат купувачите. За попустите, Дуденхофер се раководеше според податоците што се објавуваат на онлајн-платформите за продажба на нови возила.
Просечната цена на 20-те најважни модели на електрични автомобили изнесува 45.040 евра, според објавените ценовници. Кога на тоа ќе се пресмета просечниот попуст од 12,9 проценти, се добива просечна продажна цена од 39.236 евра.
За споредба, просекот кај 20-те модели со мотор со внатрешно согорување изнесува 38.228 евра. Со вклучен попуст во висина од 15 проценти, просекот кај моделите со мотор со внатрешно согорување изнесува 32.355 евра.
„Впечатливо е тоа што германските производители на премиум автомобили, пред сé БМВ, го одржуваат мал јазот во цената меѓу електричните автомобили и моделите со мотор со внатрешно согорување“, наведува автомобилскиот експерт во соопштението. Наспроти тоа, разликата кај моделите од градската класа, од големо волуменските марки, значително е повисока.
Најголеми разлики во градската класа
Како пример за разликата меѓу одделните класи возила, Дуденхофер ги зема градските модели, односно класата на Џип Авенџер, Мини Купер, Опел Корса и Мока, Пежо 208 и 2008. Според експертот, Опел Корса во електричната изведба во август била за 13.633 евра или за 79 проценти поскапа од споредлива моделска изведба со бензински мотор. Кај целосно електричната Опел Мока, пак, разликата се сведува на 9.411 евра или 35 проценти.
Сличен пример е кинеската марка МГ ЗС којашто во електричната изведба според Дуденхофер чини 12.843 евра или 75 проценти повеќе од модел со бензинец. Кинескиот концерн САИЦ, каде што припаѓа МГ, очигледно веќе ги има вклучено во цената новите и повисоки царини за кинеските електрични автомбили во ЕУ.
Пазарниот удел на електричните автомобили во Германија од јануари до завршетокот на јули изнесува 12,2 проценти. Кај БМВ, уделот достигнува дури 16,7 проценти. Тој соодветно е понизок и се сведува на само неколку проценти кај големо волуменските марки со модели во градската класа.

Дуденхофер цени дека високиот удел на е-моделите кај БМВ се должи на малата разлика со бензинците. БМВ Икс1, на пример, поскап е за 2.260 евра или шест проценти од споредлив бензинец. Слично важи за моделите на Мерцедес.
Големата разлика во Германија се должи и на фактот што владата на Олаф Шолц во средината на декември лани ненадејно ги укина високите субвенции. Дуденхофер: „До завршетокот на 2023 година, недостигот од станици за полнење воопшто не ги задржуваше купувачите да купат електричен автомобил. Со запирањето со премијата, пазарот се преполови“.
















