Како Јагуар Ланд Ровер го реши проблемот во Кина

Фрилендер ќе заживее повторно на кинескиот пазар со техника од Чери. На сликата е модел од првата генерација на Фрилендер произведувана од 1997 до 2006 година.

Со враќањето во живот на Ланд Ровер Фрилендер на пазарот во Кина, преку соработката со Чери Аутомотив, Јагуар Ланд Ровер го реши проблемот со иднината на својата фабрика во Чаншу, во близина на Шангај.

ЈЛР престана да го произведува Фрилендер во 2014 година, но британскиот производител и Чери сега најавуваат враќање на СУВ-моделот како електричен автомобил. Новата генерација на моделот со познатото име ќе се произведува во Чаншу. Моделот прво ќе се продава во Кина, а потоа ќе почне извоз на светскиот пазар.

Јагуар Ланд Ровер во оваа фабрика во изминатите десет години произведуваше модели со ниска заработка. Начинот на водење на бизнисот на Британците се смени во меѓувреме и се префрли на полуксузните возила, на коишто се постигнува повисока заработка, но тие се произведуваат во помали серии. Според тоа, неопходно беше да се воведе нов модел што ќе ја зголеми продукцијата во фабриката во Кина.

ЈЛР лани сооппшти дека просечната цена по којашто се продавале нивните возила што се произведени во заедничката фабрика во Кина изнесувала околу 42.000 евра. Тоа е далеку под просечната цена од сите возила што ЈЛР ги продава на кинескиот пазар, кога ќе се земат предвид и Рејнџ Ровер и Дефендер, што се увезуваат во земјата.

Просечната цена од целата продажба на ЈПР годинава се искачи на малку над 100.000 евра, објави ЈЛР за време на конференцијата за инвеститори на 19-ти јуни.

Моделите што ЈЛР ги прозведува во Кина се борат во делот од пазарот што постепено се вовлекува во истата ценовна војна што ги зафати големите светски марки со масовно производство. Сегментите во коипто припаѓаат овие модели се префрлува на електрични возила, со што се смалува привлечноста на возилата на британската марка што се опремени со помали мотори со внатрешно согорување.

„Станува сé потешко во пониските ценовни категории во Кина“, кажа директорот за финансии на ЈПР, Ричард Молино за време на претставувањето на деловните резултати на компанијата за кварталот што заврши на 30-ти јуни.

Ново моделско семејство на Фрилендер

Производството на тековните модели во Чаншу ќе згасне. Меѓу моделите шро се произведуваат во фабриката се Ланд Ровер Дискавери Спорт – којшто ќе биде заменет со Фрилендер – потоа изведбите од лимузините Јагуар Икс Ф и Икс Ф со продолжено меѓуоскино растојание, како и премиум СУВ-моделот Рејнџ Ровер Евок.

Чери во фабриката ќе произведува семејство од целосно електрични возила под марката Фрилендер, вклучувајќи и изведби што користат мал мотор за продолжување на досегот. Овие модели ќе бидат конструирани врз плаформите што ги користи Чери. Локалните медиуми јавија дека тоа ќе биде истата архитектура што се користи за моделите од престижните марки Ексид и Луксид на Чери, односно тоа е платформата Е 0 Икс.

Продажбата во почетокот ќе се одвива само на кинескиот пазар, но планирано е „со текот на времето“ да почне и извооз на моделите, соопшти ЈЛР во јуни. Чери е најголем извозник на автомобили од Кина.

ЈЛР и Чери не наведуваат кога ќе почне производството на моделите Фрилендер.

За дизајнот и за развојот на марката ќе биде задолжен ЈЛР, додека Чери ќе го врши развојот на техниката и ќе ги продава возилата преку посебна мрежа што ќе ги опфаќа дилерствата на Чери.

Новите Фрилендери ќе бидат „мејнстрим“ и нема да бидат вклучени во маркетингот и продажната стратегија на Куќата на Брендовите, како што се води групацијата од Дискавери и Дефендер (коишто сега се водат како марки), Рејнџ Ровер и Јагуар.

„Тоа ќе биде вистинска вин-вин систуација,“ вели Молино. „Тоа е најдоброто што ние го правиме во поглед на марките, со најдоброто од тоа што го прави Чери. Тоа е надополнување за двете компании.“

Зделката предвидува Чери да ја поседува лиценцата за името Фрилендер, а ЈЛР за возврат ќе добива половина од добивката.

Молине вели дека Фрилендер се претвора од „заспана марка во извор на добивка“.

Зделката со Чери ќе води кон постепено зајакнување на финансиските перформанси на ЈЛР, порачува директорот.

ЈЛР зад себе има период на загуба, што почна во 2018 година, главно поради тоа што компанијата беше присилена своите модели произведени во Кина да ги продава без добивка, затоа што капацитетот на фабриката за 200.000 возила годишно беше далеку над побарувачката на пазарот.

Во првото полугодие, ЈЛР продаде 21.254 примероци од своите модели што се произведени во Кина, што е за 17 проценти помалку од истиот период лани. Слабото оптоварување на фабриката стана сериозен проблем.

Заедничкиот проект меѓу ЈЛР и Чери стана профитабилен во последните месеци, но маржата е далеку под таа што ЈЛР ја постигнува на светскиот пазар, откако компанијата се префрли на моделите Рејнџ Ровер, Рејнџ Ровер Спорт и Дефендер, на коишто се постигнува повисока заработка.

Силни марки

Бизнисот со увозот во Кина се одвива одлично, вели Молине. „Тоа ја прикажува силата на марките, посебно на Рејнџ Ровер и Дефендер,“ кажа тој пред аналитичарите за време на конференцијата за инвеститорите.

Колебање на купувачите во последниот период почнува да влијае врз продажбата и САД ја престигнаа Кина како најголем пазар на ЈЛР во светот во првите шест месеци од годинава.

„Постојат одредени сигнали дека побарувачката не расте со таа брзина ние би сакале да ја видиме,“ кажува Молино.

Осуството на модели со електричен погон во понудата на ЈПЕ сепак не е проблем во моментов. „Кинеските купувачи на Рејнџ Ровер и Дефендер се цврсто решени купувачи на возила со мотор со внатрешно согорување,“ посочи Молино пред аналитичарите.

При враќањето на Фрилендер во живот, ЈПР и Чери ќе создаваат заедничка марка. Двете компании планираа да го постигнат тоа кога ја отпочнаа соработката во Кина во 2012 година. Планот за заедничка марка беше напуштен откако кинеските власти се откажаа од условот дека странските производители на автомобили мора да склучат партнерство со кинески компании, за да произведуваат во земјата.

Повторно заживување на Фрилендер е уште еден пример за тоа дека странските производители повеќе не им се обраќаат на кинеските компании само затоа што законите го условуваат тоа, туку поради тоа што кинеските производители на автомобили денес располагаат со технологија што им е потребна на странските компании за тие да може да се борат против многу посилната локална конкуренција.

Други примери за тоа се партнерството на марката Фолксваген со Експенг, за платформите и технологиите на кинескиот производител да се користат за новите модели, како и поврзувањето на Ауди со САИЦ, за заеднички развој на нова платформа.

Обновената марка Фрилендер ќе има сличности и со Смарт, откако Мерцедес-Бенц продаде 50 проценти удел во акциите во Смарт на Џили. Кинескиот концерн е задолжен за развојот и за производството, додека Мерцедес раководи со дизајнирањето.

Марката Фрилендер влегува во густо покриен дел од пазарот, каде што конкурентни марки со електрични возила мораат да ги скусуваат цените, за да го привлечат вниманието на купувачите, што значи дека добивката можеби нема да биде толку висока.

Тоа му дава слобода на ЈЛР, на кинескито пазар да им се посвети на своите луксузни марки што се произведуваат во Европа, вклучувајќи ја и обновената марка Јагуар, којашто ќе се натпреварува во многу поскап и многу попрофитабилен дел од пазарот.

Претходна објаваПоловината од возачите на Тесла во САД се враќаат на бензин, и тоа пак е напредок
Следна објаваМерцедес потсетува како се менуваше дизајнот на тркалата низ историјата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here