Увозникот на кинеската марка МГ Мотор за Германија во рамките на својата необична продажна акција „Купи еден, вози два“ во јули склучи само пет продажни договори, и со тоа регистираше само десет продажби на електричниот модел МГ4.
На купувачите на електричниот МГ4 во Германија им се нуди „бесплатен“ договор за лизинг за второ возило МГ4. Поволноста е во тоа што германскиот увозник на возилата од Кина целосно ги покрива ратите и дополнителните трошоци за лизингот за период од 48 месеци, во вкупна висина од 9.072 евра.
Тоа значи дека вториот МГ4 буквално се добива бесплатно на користење во времетраење од 48 месеци, односно 4 години. Ограничување е тоа што со возилото не смее да се поминат повеќе од 5.000 километри за една година.
Акцијата постигна слаб успех, меѓутоа увозникот не се откажува. Според нив, целта не било да се склучат колку е можно повеќе договори, туку повеќе било замислено да се привлече вниманието на публиката за моделите на марката. Акцијата продолжува до 31-ви август.
Намерата на германскиот увозник со електричните МГ4 веројатно беше да се ослободи од залихите од моделот, откако Берлин пред завршетокот на минатата година ги откажа субвенциите за електрични автомобили. Со акцијата два за еден воедно требаше да се зголеми и бројот на новорегистрирани возила од марката и кинеската марка да котира многу повисоко во официјалната статистика за германскиот пазар.
МГ4 е воедно најпродаван модел на кинеската марка во Германија, што освен името нема ништо заедничко со традиционалната британска марка. Моделот сепак минува мошне успешно и без оваа чудна акција. Во првите шест месеци, од малечкиот електричен автомобил се регистрирани 9.159 возила, што е за 80 проценти повеќе од истиот период лани.
















