
Ауди планира во ноември да ги претстави своите први модели што се развиени заеднички со кинескиот производител САИЦ. Возилата се наменети исклучиво за домашниот пазар во Кина и треба да донесат пресвртница во продажбата на Ауди во земјата. Во Ауди очигледно се подготвени во корист на тоа да се откажат и од дел од својот генетски код.
Како што јави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на повеќе лица што се запознаени со случувањата, моделите ќе се продаваат без иконското лого на Ауди со четирите прстени. Целта е да се освежи изгледот на возилата и тие модели јасно да се разграничат од моделите на Ауди што веќе се достапни на пазарот во Кина.
Од Ауди засега немаат излезено со коментар. Извршниот директор Герно Делнер во интервју во март изјави: „Може да се очекува дека возилата што Ауди ќе ги пушти на пазарот, навистина ќе се викаат Ауди.“ Тој не ги спомна четирите прстени.
Проектот е „пурпурен“
Преку партнерството со САИЦ, Ауди има намера брзо и делотворно да се пробие на пазарот прво со три модели од градската и компакт класата. Тие модели ќе бидат конструирани врз платформа што ја користи ИМ Моторс, марка на САИЦ. Според Ројтерс, понудата до 2030 година ќе порасне на девет модели. Проектот се води под името „пурпурно“.
Моделите се развиваат во Кина под раководство на експертот на Ауди за електрични возила, Фермин Сонеира, кој е воедно и извршен директор на заедничкиот проект. Сонеира претходно раководеше со електричните модели на Ауди од А до Ц сегментот.















